Благодарение на многубројни истражувања посветени на науката и пациентите, многу доктори и денес се присутни во медицината преку имињата на болестите чии симптоми ги истражувале. Преку епонимската постапка се оддава чест на личноста што придонела за откривање и објавување на болеста.
Нивните судбини се различни, некои добиле признание во текот на животот, а други децении или векови по смртта. Меѓу нив постојат и такви што ја прекршиле Хипократовата заклетва, па медицината и науката ги ставиле во служба на фашистичките идеологии во текот на Втората светска војна.
Џон Даун
Животот на д-р Џон Даун потсетува на роман. Како 18-годишно момче се нашло во бура и целосно се изгубило. Помош и засолниште му дала непозната девојка чие лице го запомнил и чиј израз длабоко го допрел.
Неколку години подоцна д-р Даун се вработил во азил за ментално болни луѓе во Ерпсвуд. Затекнал очајна состојба. 400 пациенти биле ставени во мали соби, па поради лошите хигиенски услови, инфекциите биле чести, а персоналот ги малтретирал пациентите. Со својата посветеност, знаење и хуманост, д-р Даун успеал азилот да го направи вистинска болница во која на пациентите им се овозможувале нега и лекување. Физичкото казнување на заболените било строго забрането, персоналот научил да ги охрабрува и поддржува пациентите, а учењето занает и уметност станале дел од терапијата.
Во 1860 година д-р Даун конечно ја дијагностицирал состојбата на девојката која му помогнала во таа ноќ, а 100 години подоцна оваа состојба и официјално била наречена Даунов синдром.
Д-р Паркинсон, „атентатор“
Д-р Џејмс Паркинсон кај своите шест пациенти го истражувал треперењето на рацете и прстите што се развивале во неволен, ритмички тремор. Во 1816 година напишал истражување за здравствената состојба и симптомите на „треперечка парализа“. Д-р Паркинсон бил доста поврзан со своите пациенти. Пред повеќе од два века се надевал дека ќе успее да пронајде лек и да ги излекува.
Во јавноста, како лекар уживал голем углед и не се двоумел јавно да ги искаже своите политички ставови. Се залагал за пацифизам, социјални реформи, го критикувал британскиот Парламент. Бил обвинет за учество во заговор и подготовка за наводниот атентат на кралот Џорџ III. Иако на крајот од истрагата бил прогласен за невин, ова стресно случување го оддалечило од политиката и го задржало во науката и медицината до крајот на животот.
Нацистичка медицина и експерименти со луѓето
Епонимот Рајтеров синдром бил заменет со името „реактивен артритис“ благодарение на група лекари кои во 1977 година потпишале петиција за името „Рајтеров синдром“ да се избрише од сите медицински книги. Д-р Ханс Рајтер, по кој болеста била наречена, бил активен учесник во медицинските експерименти што ги изведувале нацистите. Во концентрациониот логор Бухенвалд користел експериментална вакцина против тифус која предизвикала 200 смртни случаи. Рајтер бил заробен од припадници на советската Црвена армија и бил префрлен во Нирнберг. Сепак, тој доживеал длабока старост и починал во 88. година. На Сојузниците, неговото знаење за биолошка војна им било многу подрагоцено за да го осудат на смрт.
Ариевска генетика, „расна хигиена“ и двоумење околу Аспергер
Научната работа за аутизмот на д-р Ханс Аспергер дури во 90-тите години на минатиот век, со превод од германски на англиски јазик, дошла во центарот на вниманието. Денес се верува дека многу научници, нобеловци, многу талентирани личности како Исак Њутн, Ајнштајн, Андерсен, Луис Керол, Елфриде Јелинек (австриска нобеловка лекувана од д-р Аспергер) имале Аспаргеров синдром, најлесна форма од спектарот аутизам. Во Силициумската долина, местото со најмногу компјутерски гении и милионери, Аспергеровиот синдром е препорака за работа. Луѓето со овој синдром, покрај некои социјални необичности во комуникацијата, се карактеризираат со способност за висока концентрација за одреден предмет од интерес, фокусирање на броеви и на пишаниот збор, а во одредени области постигнуваат извонреден успех.
Постојат контроверзни приказни за д-р Аспергер. Многумина тврдат дека австрискиот педијатар, иако официјално не бил член на Нацистичката партија, учествувал во програмата на „расна хигиена“, издвојувајќи ги децата со пречки во развојот кои не биле според стандардите на расистичките теории за ариевска „чистота“. Но самиот Аспергер тврдел дека во тајност ги спасувал децата, поради што во неколку наврати го апсел Гестапо.
Сепак, Хервик Чек, австриски историчар за медицина, објавил документи и картони од пациентите што д-р Аспергер ги испраќал во клиниката „Шпигелтрунд“ во рамките на програмата за нацистичка „евтаназија“. Се смета дека на клиниката биле убиени 789 деца. Идит Шефер, експерт за модерна европска историја, во 2018 година ја објавила книгата „Аспергеровите деца: потеклото на аутизмот во нацистичка Виена“, која ги потврдува обвинувањата дека Аспергер свесно бил дел од нацистичката машина за убивање.
Д-р Алцхајмер со цигара
Германскиот психијатар д-р Алојз Алцхајмер, според сеќавањата на студентите и вработените, бил опишан како брилијантен, посветен научник кој никогаш од рака не ја испуштал цигарата. Губејќи ја рано сопругата, д-р Алцхајмер се посветил на пациентките што боледувале од губење на меморијата и халуцинации. Суптилните методи на д-р Алцхајмер за дијагностицирање на оваа толку распространета болест се актуелни и денес, еден век подоцна.
Д-р Алцхајмер починал во неговата 51. година од последици на тешка настинка.
Тивкиот д-р Хашимото
Автоимуната болест во која клетките на имунолошкиот систем го напаѓаат сопственото ткиво на тироидната жлезда ја истражувал јапонскиот лекар Хашимото во 1912 година. Малку се знае за неговиот живот. Неговите резултати ги објавил во германско списание, на германски јазик, верувајќи дека ќе го привлече вниманието на стручната јавност. По објавувањето на трудот, овој тивок и скромен човек се вратил во своето родно село. Лекувајќи ги мештаните, д-р Хашимото се разболел од тифус и починал на 52 години, не дочекувајќи го животното признание за неговото дело.