X
 07.01.2017 Живот

Антонио Гутереш: „Чуда не постојат, но солидарност - да!“


Антонио Гутереш, нов генерален секретар на ОН

За оние кои го знаат поранешниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, и кои го сретнале неговиот наследник Антонио Гутереш, разликата е очигледна на прв поглед. Не многу разговорливиот Кореанец Бан, во исто време беше многу срдечен во односот кон луѓето кои ги среќаваше во ОН. Но, истовремено беше и претерано одмерен дипломат кој го одмеруваше секој збор по трипати. Во светот на политиката тоа се нарекува „скриптирана“ личност, која преферира да го говори она што е напишано, за да избегне грешки.

Карактер и реалност

Гутереш го познаваме веќе десет години, колку што беше на чело на Комесаријатот за бегалци при ОН (UNHCR). Од скоро го паметиме и по неговиот супериорен настап во текот на неговото претставување како кандидат за највисоката функција на светската организација, летото 2016.

Тогаш, според новинарите, неговиот настап беше оценет како брилијантен, но и спиритуален, за разлика од оние кои сакале да бидат само фактички прецизни.

Во целост артикулиран, овој поранешен премиер на Португалија умее да одговори „на прва топка“ без да чека на советниците да му дошепнат некаков политички коректен одговор.

Знаејќи дека супериорната дипломатија подразбира одважен говор – без сомнение во Гутереш добиваме челник на ОН кој рафинирано ќе одговара на најпредизвикувачките светски прашања. Искуствата со ваков тип на политичари говорат во прилог на очекувањата дека би можел да биде подготвен и за лични иницијативи.

На првата средба со новинарите на првиот работен ден во ОН во Њујорк, Гутереш веќе ја одмери вистинската дефиниција на својот ангажман, на почетокот на неговиот петгодишен мандат.

„Чуда не постојат, а ни јас не сум чудоворец“, истакна тој споделувајќи сосема хумана гримаса на немоќ, на оние кои сериозно размислуваат во светот што е полн со проблеми.

Таа реалност им е јасна на сите, особено на оние кои честопати, сосема исправно, потсетуваат дека ОН е организација што нема своја војска. И дека нејзиниот годишен буџет за сопствените „сини шлемови“ кои се распределуваат ширум светот, е помал од буџетот на пожарникарските бригади на Њујорк.

Всушност, мировните сили на ОН, често, како што беа случаите во Руанда и Сребреница, зад себе оставаа темна дамка на историјата, што ги следи ОН како лошиот дух на колективната вина. Не случајно и архитектот на мирот во Босна (Дејтонската мировна спогодба) американскиот амбасадор Ричард Холбрук, по безбројните обиди на ОН да се прекине војната во БиХ, честопати повторуваше дека не постои успешна дипломатија, доколку зад неа не стои некоја кредибилна сила. Но, исто така, тој објаснуваше дека не е практично да се обвинуваат ОН за неуспехот во решавањето на крвавите глобални кризи. Затоа што „тоа е како да го обвинувате стадионот ‘Јенки’ кога овој њујоршки тим ќе изгуби натпревар“, велеше тој.

Значи, ОН не е само генералниот секретар, тоа е организација на 193 држави членки, а всушност, најмногу на петте членки на Советот на безбедност при ОН со право на вето – САД, Русија, Франција, Велика Британија и Кина.

Лидерство со задршка

Но, првиот човек на ОН е одговорен за придвижување на работите од мртвата точка и изборот на приоритети кои мораат да избијат на врвот на неговата дипломатска агенда.

Според портпаролот, Стефано Духарико, апсолутен приоритет на неговиот нов шеф и главен предизвик за него ќе биде повикот упатен кон целиот свет – 2017 да биде година на мирот. Иако на прв поглед ова изгледа како невозможна мисија, сепак не треба да се губи надеж. Но, треба да се почека за да се види како ќе се одвива очекуваниот детант меѓу новиот американски претседател Доналд Трамп и стариот руски властодржец, Владимир Путин. Многумина во меѓувреме сметаат дека Антонио Гутереш во тој поглед, веќе се наоѓа меѓу чеканот и наковалната.

Сепак, не е за занемарување повикот на Гутереш за мир во 2017, како и неговото предупредување дека за оружје се издвојуваат трилиони долари, додека гладни деца сè уште умираат на многу светски меридијани, па дури и таму каде што најмаку се очекува.

Трката за наоружување, истакна тој, само го забрзува рушењето на општествата и економиите, и како некое лошо гориво, „само  ги распалува круговите на недоверба и страв кои траат со генерации, додека цели региони се дестабилизираат“.

Како да зборуваше за Балканот, иако не го ни спомена, но само со оваа изјава тој веќе им контрираше и на Путин и на Трамп, кои изјавија дека ќе ги „зацврстат“ сопствените нуклеарни потенцијали.

Додека во сите тие локални и регионални војни, луѓето, како што рече „се протеруваат и се осиромашуваат“, треба да се знае дека во сето тоа „никој не победува, туку сите губат“.

Повикувајќи на заедничка солидарност и сочувство со оние кои страдаат – тој веднаш побара да се почитува прекинот на огнот на сите запалени фронтови.

Иако притоа не го изусти зборот Сирија, тој мудро повика сите идни политички договори во себе да содржат една одредба – компромис. Играњето на сè или ништо (Zero Summ Game) во ваков свет не е возможно да се реализира. Добро е дека Гутереш на ова потсети веднаш на самиот почеток.

Заработено право

„Научив дека ОН се главниот столб на мултилатерализмот“, рече тој во своето обраќање на вработените во централата во Њујорк на својот прв работен ден во 2017.

„Но, говорејќи за тоа, сметам дека не би требало да имаме илузии. Ние се соочуваме со многу предизвикувачки времиња, затоа што се соочуваме со свет во кој конфликтите се мултиплицираат, поврзани се меѓусебе, и кои, исто така – го поттикнуваат новиот феномен на глобалниот тероризам“, истакна тој, искажувајќи особена загриженост за случувањата во Турција.

Гутереш веќе проговори и за продолжувањето на бегалската криза, критикувајќи ја политиката на затворање на границите. И веќе покажа со прст кон проблемот со глобалната нееднаквост во економски и технолошки поглед, како кон самиот извор на многуте проблеми.

„Фактот дека сте исклучени прави сè за вас да биде понеподносливо, бидејќи сега луѓето можат да видат како другите живеат, можат да го видат просперитетот на другите краишта од светот“, рече новиот челник на ОН.

„Затоа исклучувањето е нешто што лесно предизвикува револт, незадоволство и станува фактор на нестабилност“, правилно заклучува Гутереш, како да зборува за дијагноза на нашата заедничка болест. На сето ова, незаобиколувајќи, ги додаде и глобалните „мега-трендови“ на порастот на светското население.

Тие зборови, иако звучат речиси идеалистички, сепак значат битно враќање на самото извориште и цел за постоењето на ОН: „Ова е моментот да препознаеме дека само глобалните солуции можат да ги решат глобалните проблеми и дека Обединетите нации се камен темелникот на тој мултилатерален пристап“.

Со други зборови, без оглед на нечија сила епитет на супер-сила, или амбиции да се биде доминантен, истите проблеми постојано ќе се враќаат тропајќи на истата стара врата, сè додека се обидуваме да ги решаваме самостојно или под превезот на лажни коалиции.

Колективните напори, меѓутоа, како што признава Гутереш – не се добредојдена филозофија за многу светски моќници.

„Како што гледаме, во многу земји имаме јаз меѓу јавното мислење и владите или политичкиот естаблишмент. А тука има и многу отпор и скепса околу улогата на ОН.“

И затоа мора да се препознаат две работи: ОН успеаја да спасат многу животи, но направија и катастрофални грешки. Ова второто мора да се поправи.

„Да бидеме чесни, ние сè уште не сме во потполност подготвени да го направиме тоа на вистинскиот начин“, рече тој, апелирајќи поправката да биде колективен напор, а не ангажман само на еден човек, макар тоа бил и генералниот секретар. И правно, Гутереш ги повика земјите-членки на ОН да ја отфрлат „лудачката кошула на биократијата“ во светската организација.

Затоа што „не е единствено важно да се направи вистинската работа“, рече тој филозофски: „Ние треба да го заработиме правото да ја направиме вистинската работа и тоа е нешто што мораме да го направиме заеднички“.

Таа порака за „заработеното право“ за поправка на нашиот свет што „пука по сите шавови“ се чини дека е најважниот избор на зборови – многу подобар од оние кои зборувајќи за Алепо ја спомнуваат Сребреница, повторувајќи всушност некои исти, стари и ноторно непростливи грешки. Всушност, тоа е она што Антонио Гутереш го нарекува – циклично вртење на стравот во круг.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот