X
 11.08.2017 Живот

САД - Северна Кореја: седум можни сценарија за пресметка

tramp

Острите зборови на релација Вашингтон – Пјонгјанг со право ја вознемируваат меѓународната заедница, особено ако се земат предвид карактерите на двајцата претседатели, Доналд Трамп и Ким Џонг-ун. После меѓусебните закани збогатени со сликовити описи како „огнени напади“ и „оган и гнев“, бројот на оние кои веруваат дека конфликтот меѓу двете земји наскоро ќе се реши, е сè помал.

Америка ги воведе  најжестоките санкции досега, казнувајќи ја Северна Кореја заради константните балистички тестови и развивањето на нуклеарно оружје, додека Џонг-ун возвраќа и тврди дека „поседувањето  нуклеарно оружје е единствениот начин  да се спротивстави на американските закани“. Се доаѓа до едноставен заклучок дека ниту за Трамп, ниту за Џонг-ун, нема лесни решенија. Ова се  седумте потенцијални сценарија за развој на кризната ситуација на релација  САД – Северна Кореја:

1. Можат ли САД да пробаат со „хирушки удар“ врз нуклеарните постројки?

„Тешко, од причина што таквиот напад најверојатно не би го постигнал саканиот ефект. Севернокорејскте проектили и нуклеарни постројки се добро сокриени во изразито планинскиот терен ширум земјата.

Доколку САД би се обиделе со таква акција, а притоа да не успеат да ги уништат сите ракети, тоа би значело дека 10 милиони луѓе во Сеул, престолнината на Јужна Кореја, клучниот американски сојузник во тој дел од светот,  38 милиони во Токио и околината, како и десетици илјади американски воен персонал во тој дел од Азија би станале директна цел на одмазда од страна на Пјонгјанг, со конвенционално или нуклеарно оружје“, смета британскиот воен аналитичар Изабел Рејнолдс, во изјавата за „Блумберг“.

2. Дали Ким би можел да употреби нуклеарно оружје?

„Дури и ограничен напад на САД би предизвикал  најсилен можен контра-удар од  страна на Северна Кореја. Со тоа не смее да се игра“, наведува Џефри Луис, директорот на Источноазискиот центар за намалување на вооружувањето при Инситутот Мидлбери.

Доколку  САД би одлучиле да изведат превентивен удар, тогаш истиот би требало јасно да се најави, како и да му се соопшти на Северна Кореја но и на Кина, нивниот главен партнер, за да не се предизвика нуклеарен одговор“, вели Луис.  

3.  Дале е можно соборување на режимот на Ким?

Новата владеачка гарнитура не значи со сигурност  и дека се промениле политиките или размислувањата на Пјонгјанг. Ким Џонг-ун е најдобриот пример за тоа: швајцарскиот ученик кои со години уживал во „благодатите на западните вредности“ беше човек за кого целиот свет се надеваше дека конечно ќе ја отвори Северна Кореја кон светот. Меѓутоа, штом ја доби власта, тој ги распрска тие надежи за една секунда.

Доколку Ким на некаков начин би станал цел за соборување, како Гадафи, Хусеин...тоа би значело дека со него би морала за замине и целокупната владеачка елита, со што списокот за отстрел би станал предолг.

Всушност, Кина не би дозволила такво сценарио, бидејќи  во тој случај би станале прва дестинација  на  огромен бегалски бран од Северна Кореја. Дополнително, Кинезите никогаш не би дозволиле присуство на американските трупи на својата граница, кои неминовно би биле распоредени во Северна Кореја при случај на соборување на режимот на Ким.

4. Дали општа војна е добра опција за САД?

Доколку Трамп би се одлучил на ваков чекор, тоа би значело дека целата севернокорејска артилерија и нуклеарниот арсенал би морале да бидат „збришани“ во вистински „блицкриг“, не оставајќи време за реакција. Тоа исто така би изискувало голема помош од Јапонија и Јужна Кореја, а истовремено би подразбирало Кина и Русија да не реагираат. Едноставно, во оваа опција има премногу „непознати“.

„Реално гледано, војната мора да се избегне. Секоја и минимално валидна  анализа на последиците од ваква опција укажуваат дека до напад не би смело да  дојде. Тоа би била комплетна  лудост“, вели Џон Делури, професор по меѓународни  студии на Јонсеи универзитетот во Сеул.

5. Каков би можел да биде  одговорот од Пјонгјанг?

Најверојатно првата реакција би била масовна артилериска стрелба на Сеул и околината. Севернокорејската артилерија е распоредена на границата и може да се стави во дејство далеку побрзо отколку морнарицата или авијацијата.

Меѓутоа, после првиот удар на артилеријата би следел уште пожесток бран на напади: интерконтинентални проектили би биле насочени кон јужнокорејските, јапонските и американските бази во регионот, а никој не може да гарантира дека некои од ракетите не би можеле да носат и нуклеарни боеви глави.

Јапонската влада веќе почнала да нуди и совети на граѓаните како да се однесуваат при евентуален напад со проектили, додека „продажбата на титаниумски комори кои штитат од нуклеарен удар“ повеќекратно се зголемила последниве месеци.

Додека сè уште не е јасно дали Северна Кореја навистина може да им наштети на американските градови како Денвер или Чикаго, подеднакво не е познато и дали американската против-воздушна одбрана е во состојба да се одбрани од такви напади“, смета „Блумберг“.

6. Колку би изнесувале економските штети во случај на војна?

Јужнокорејската економија  изнесува  околу  1,9% од светската економија. Јужна Кореја е дом на светските гиганти како „Самсунг“, „ЛГ“, „Хјундаи“...а евентуален напад би предизвикал „цунами“ во светската економија. Глобалните финансиски пазари би доживеале колапс.

„Со економската, би започнала и хуманитарна криза. Доколку би дошло до ескалација на конфликти на Корејскот полуостров, целиот регион ќе мора да се рестартира, а во тоа главна улога би имале пред сè Кина, САД и ЕУ. За заздравување на економијата би била потребна најмалку една деценија. Тоа би било катастрофално“, вели Раџив Бисвас, економист на Азиско-пацифичкиот „ИХС Маркит“.

7. Кои се реалните опции за решавање на кризата?

Повеќето аналитичари се согласуваат дека најдобро решение е состанок меѓу Трамп и Ким, односно билатерални преговори меѓу САД и Северна Кореја.

„Одвраќањето на Пјонгјанг од развивањето на термонуклеарно оружје е цел кон која треба да се тежнее. Колку тоа да е неприфатливо за САД, тие мораат да сфатат дека и тие ќе треба да направат отстапки. Дали тоа ќе биде укинување на санкциите или нешто друго, тоа веќе ќе зависи од преговорите“, вели Луис и истакнува дека тие разбовори би морале да бидат јавни, доколку се очекува да успеат.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот