Нобеловата награда за медицина им е врачена на Џефри С. Хол, Мајкл Росбаш и Мајк В. Јанг за нивното откритие на молекуларниот механизам кој го контролира циркадијалниот ритам.
Шведската Академија на науките се огласи по повод наградата и го образложи ова откритие:
„Животот на Земјата се адаптира на ротацијата на нашата планета. Многу години знаеме дека живите организми, вклучувајќи ги и луѓето, имаат
биолошки часовник кој им помага да се адаптираат на дневниот ритам. Како всушност работи овој часовник? Хол, Росбаш и Јанг имаа можност да „ѕирнат“ во биолошкиот часовник и да го објаснат неговиот „механизам“. Нивните истражувања потврдија дека растенијата, животните и луѓето се адаптираат на биолошкиот ритам така што се „синхронизираат“ со ротацијата на Земјата.
Користејќи ги водните мушички како модел за организам, овогодишните добитници на Нобеловата награда ги изолираа гените што го контролираат нормалниот биолошки ритам. Тие покажаа дека гените содржат протеин кој се акумулира во клетките во текот на ноќта, а се деградира во текот на денот. Најпосле, тие ги идентификуваа дополнителните компоненти на протеин на оваа машинерија, изложувајќи го механизмот кој управува со самоодржувачкиот часовник во внатрешноста на клетките. Сега препознаваме дека биолошкиот часовник функционира според истите принципи кај сите живи организми на Земјата, вклучително и луѓето.
Попрецизно, нашиот биолошки часовник ја приспособува нашата физиологија на драматично различните фази од денот. Часовникот ги регулира круцијалните функции, како однесувањето, нивото на хормоните, сонот, температурата на телото и метаболизмот. Нашето добро функционирање е загрозено кога ќе дојде до дисхармонија меѓу надворешното опкружување и внатрешниот биолошки часовник – на пример, кога патуваме низ временски зони и вкусуваме „џет-лег“. Исто така, нехармоничноста меѓу хронично неурамнотежениот биолошки часовник и начинот на живот го зголемува ризикот од многу заболувања.