X
 05.08.2021 Наука

Ротацијата на Земјата забавува и можеби затоа имаме кислород

Уште од формирањето пред околу 4,5 милијарди години ротацијата на Земјата постепено забавува, а како резултат на тоа деновите стануваат подолги.

Додека забавувањето не е забележливо за луѓето, тоа е доволно за предизвикување на промени со текот на времето. Една од тие промени, според ново истражување, е можеби најзначајна од сите, барем за нас - подолгите денови сега се поврзуваат со оксигенацијата на атмосферата на Земјата.

Поточно, сино-зелените алги (или цијанобактерии), кои се појавиле пред околу 2,4 милијарди години, би биле во можност да произведуваат повеќе кислород како метаболички нуспроизвод затоа што деновите на Земјата се подолги.

-Истрајно прашање беше како атмосферата на Земјата добива кислород и кои фактори ја контролираат оксигенацијата. Нашето истражување посочува дека брзината со која Земјата се врти, со други зборови должината на денот, може да има значително влијание врз шемата и времето на оксигенацијата на Земјата - вели микробиологот Грегори Дик од Универзитетот во Мичиген.

Има две големи компоненти кои на прв поглед не изгледа како да се многу поврзани.

Првата е што вртењето на Земјата забавува, а причината за тоа е тоа што Месечината врши гравитациско повлекување на планетата, што предизвикува ротациско забавување бидејќи Месечината постепено се оддалечува.

На основа на фосилни записи знаеме дека пред 1,4 милијарди години деновите траеле само 18 часа, а пред 70 милиони години биле за половина час пократки од денес. Доказите посочуваат дека секој век добиваме по 1,8 милисекунди.

Втората компонента е нешто што е познато како голем оксидациски настан - кога цијанобактериите се појавија во толку големи количини што атмосферата на Земјата доживеа остар и значителен пораст на кислород. Без оваа оксидација, научниците сметаат дека животот каков што го знаеме немало да настане. Сè уште има многу нешта што не ги знаеме за овој настан, вклучувајќи ги и прашањата зошто се случил кога се случил, а не порано.

За да ги поврзат точките, научниците требало да работат со цијанобактериски микроби. Тие забележале дека преку ден биле активни виолетовите цијанобактерии, кои создаваат кислород преку фотосинтеза, додека навечер биле активни белите микроби, кои метаболизираат сулфур. Но, виолетовите биле многу бавни и им требало време наутро додека да се активираат, што значи дека времето во кое можеле да испуштаат кислород е многу ограничено, а тоа го привлекло вниманието на окенаографот Брајан Арбик од Универзитетот во Мичиген, кој се запрашал дали промената на должината на денот на Земјата е поврзана со влијанието врз фотосинтезата.

Тимот утврдил дека зголемувањето на деновите било поврзано со зголемувањето на количината на кислород, не само кај големиот оксидациски настан, туку и кај втора атмосферска оксидација наречена неопротерозоичен оксидациски настан, кој се случил пред околу 550 до 800 милиони години.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука