На сите ни се чини дека има сѐ помалку часови во денот. Но, деновите всушност стануваат подолги, ама тоа е толку мала промена што никогаш не би ја забележале. Поради неколку причини, ротацијата на Земјата се забавува, а новите истражувања покажуваат и колку.
Научниците долго време знаеја дека ротацијата на Земјата се забавува. Тие користеа различни методи, од времето и локацијата на дамнешните затемнувања на Сонцето до суперпрецизни мерења на должината на денот. Всушност, ротацијата на Земјата не е стабилна во текот на векот, таа по малку се забрзува и забавува, можеби поради дефектите во движењето на стопеното јадро на нашата планета. Генерално, прифатено е дека најголемиот виновник за ова забавување е нашата Месечина.
Истражувачите од Универзитетот во Медисон, Висконсин, искористија статистички алатки и геолошки анализи за да дојдат до дамнешната историја на Земјата и да откријат колку нашата ротација се забавила со текот на времето. Месечината не е единственото нешто што применува сила врз нашата планета, има и други тела во нашиот Сончев Систем што го прават тоа и заедно тие сили создаваат варијации во кружењето на Земјата околу Сонцето, ротацијата, па дури и во „нишањето“ на оската. Тие варијации се познати како Миланковичеви циклуси и тие одредуваат како зраците од Сонцето ќе ја погодат Земјата, и со тоа како ќе влијаат врз климата на Земјата. Варијациите во климата оставаат докази во геолошкото досие, кое научниците можат да го анализираат за да ја видат климатската историја на нашата планета, а со тоа и Миланковичевите циклуси - барем во последните стотици милиони години или така нешто.
Но, на научниците им недостига прецизност за да погледнат подалеку во минатото. Ако можете да сфатите како Месечината и планетите се движеле околу Земјата пред милијарди години, можеби ќе можете да научите и за овие циклуси на тој начин. Но тоа е многу комплицирано и затоа е среќна околност што професор од Универзитетот „Колумбија“ развил статистички метод совршен за овој проблем. Стивен Мејерс, професор по геонаука од Универзитетот во Медисон, и Алберто Малинверно, истражувач од истражувачката единица Ламонт при Универзитетот „Колумбија“, се обединиле за да ја искомбинираат новата метода на Малинверно со астрономска теорија, геолошки податоци и малку статистичка магија.
Тие го примениле овој пристап на два дамнешни слоја на карпа - еден бил стар 1,4 милијарда години и бил од Северна Кина, а другиот бил дел од 55 милиони години стар слој од карпа од гребен во јужниот дел од Атлантскиот Океан. Тоа им овозможило да ги утврдат „нишањата“ на оската на Земјата и формата на нејзината орбита, како сега, така и во дамнина. Оваа метода имала успех. Тие утврдиле колку Земјата се забавила: пред 1,4 милијарда години еден ден на
Земјата траел малку повеќе од 18 часа, а Mесечината била околу 43.500 километри поблиску.