X
 02.11.2017 Наука

Изведена револуционерна операција на фетус додека е во утробата на мајката

Хирурзи изведоа операција на нероден машки фетус додека сè уште е во утробата на мајката. Операцијата е извршена на колеџот за медицина „Бејлор“ во детската болница во Хјустон.

фото извор: YouTube

Целта била да се свртат ефектите на „спина бифида“ на фетус стар 24 недели. „Спина бифида“ е состојба во која ’рбетот на бебето и ’рбетниот мозок не се развиваат правилно додека фетусот е во утробата, па тоа доведува до компликации, како трауматично породување, полнење на мозокот со течност, парализа на нозете, ризик од менингитис и многу други. Научниците не се сигурни што точно доведува до оваа состојба, но знаат дека започнува во раните фази на бременоста, од 3-та до 5-та недела. Хирурзите можат да го подобрат ’рбетот 28 часа по породувањето, но само 20% од тие пациенти ќе можат да одат независно, како што ќе растат.

Затоа, медицинскиот свет развива процедура која им дозволува на хирурзите да го оперираат фетусот додека сè е уште во утробата на мајката за да се осигурат дека нема да има понатамошни компликации, иако децата што поминале низ ваква операција подоцна имаат проблеми со мочниот меур. Вакви слични процедури се изведуваат на фетуси уште од 90-тите години, но за состојбата немало лек. Сега хирурзите применуваат експериментална техника. Прават широка инцизија во долниот дел од абдоменот на мајката, нежно ја подигнуваат нејзината матка и прават два мали пресеци од 4 милиметри. Во едниот вметнуваат „фетоскоп“ – мал телескоп со камера, светло и уред за фаќање, а другиот е пресек за други минијатурни инструменти.

Целта на операцијата е да се спречи амнионската течност да истече во изложените нервни ткива, поради празнината во ’рбетот на фетусот, што е првичната причина за компликациите од „спина бифида“. Затворањето на дефектот на ’рбетот го намалува ризикот од хидроцефалус и може да ја подобри моторната функција кај пациентите, сметаат лекарите.

По неколку часови од операцијата се оценило дека процедурата е успешна, иако треба да помине време за да се види колку е ефективна. Бебето треба да се роди на 14 јануари следната година.

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука