На листата со одобрени проекти годинава не се наоѓа Фестивалот за креативен документарен филм „Македокс“. Административна пречка е причината што фестивалот не е поддржан во овој рок на одлучување
22 филмски фестивали и манифестации ќе добијат поддршка од
Агенцијата за филм годинава. Поголем буџет во споредба со лани најавуваат од институцијата. Најголема поддршка и годинава има Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“, кој ќе го реализира 41. издание со 8 милиони денари. Наредни по износот на финансиската поддршка со по 3 милиони денари се Филмскиот фестивал за млади „Синедејс“ од Скопје и „ОДА – Тетова интернешанал филм фестивал“.
Екипата на „Медена земја“ на фестивалот „Браќа Манаки“ (фото: фестивал „Браќа Манаки“)
Фестивалот „Синедејс“ доби иста поддршка како и лани. Иако овој фестивал, кој го слави европскиот филм, од година на година бележи сѐ поголеми успеси со избор на гости и со богата програма, поддршката од државата не расте, напротив, низ годините варира, некогаш е и намалена. Истиот буџет од 3 милиони денари фестивалот го имаше и
минатата година. Во 2016 и 2018 година фестивалот имал 4 милиони денари, а максимални во 2017 година – 5 милиони денари!
3 милиони денари, како и лани, за Фестивалот на европскиот филм (Фото: „Синедејс“)
- „Синедејс“ е навистина квалитетен филмски фестивал, за што Агенцијата за филм е свесна и оттаму и е финансиер на овој филмски фестивал години наназад. Сепак, треба да се има предвид фактот дека при доделувањето на паричните средства Агенцијата, како државна институција, се раководи, освен по квалитетот на аплицираните проекти, и по средствата со кои располага во годишниот буџет, кои мораме да признаеме дека оваа година не се идентични со изминатата година. Тоа што е важно во конкретниов пример е дека овој филмскиот фестивал, поради квалитетот и специфичноста, има потенцијал за пошироко привлекување спонзори, за аплицирање во европски фондови, но истиот е финансиран и од Градот Скопје - објаснуваат од Агенцијата.
На листата со одобрени проекти годинава не се наоѓа Фестивалот за креативен документарен филм „Македокс“. Административна пречка е причината што фестивалот не е поддржан во овој рок на одлучување, а на нашето прашање и до Агенцијата и до организаторите, не добивме поконкретен одговор.
- Агенцијата за филм е исклучително свесна за големото значење и квалитетот на овој филмски фестивал и од тие причини, во согласност со своите надлежности за работа, ги прави сите напори од законски аспект оваа пречка да биде надмината и да биде финансиран од страна на Агенцијата - објаснуваат оттаму.
По 1.500.000 денари годинава ќе добијат од државата 8. Интернационален фестивал на детски филм
„Џифони Македонија“ и ревијата на филмови „Златна рамка“.
Од последното издание на „Џифони Македонија“ (фото: Џифони Македонија)
- „Златна рамка“ е настан кој е вообичаена практика во европската кинематографија бидејќи преку ваков вид настани, во чии рамки се прикажуваат домашни филмови кои се реализирани во текот на претходната година, се дава еден вид отчет пред поширокиот аудиториум за продукцијата во нашата земја на годишно ниво и пошироката јавноста да има увид во трошењето на јавните пари. „Џифони Македонија“, пак, е меѓународен филмски фестивал кој се организира и на партнерска основа помеѓу Македонија и Италија, па оттаму овој фестивал е финансиран и од италијанска страна, што значи дека доделениот износ од страна на Агенцијата не е целосниот износ со кој овој фестивал ќе се реализира. Сепак, би сакале да напоменеме дека распределбата на средствата за финансирање филмски фестивали, но и за сите други проекти од национален интерес, се врши врз основа на расположливите средства на Агенцијата за филм. Воедно, како за споредба, на фестивалот „Џифони Македонија“ му е доделена финансиска поддршка исто како и за минатото издание, иако годишниот буџет на Агенцијата за филм не е ист како лани - објаснуваат од Агенцијата.
Ревијата „Златна рамка“ ќе добие 1,5 милион денари од Агенцијата за филм
- Агенцијата за филм ги планира средствата за трошоци за овој вид проекти од национален интерес како збир од средства за поддршка по пат на конкурс за фестивали чија организација би се поддржала во тековната година, заедно со обврските за доисплата на овие проекти од претходната година. Така е бидејќи динамиката на исплата на доделените средства е 80% од доделениот износ по склучување договор, а уште 20% откако од страна на организаторот на фестивалот ќе биде доставен финансиски извештај и откако тој ќе биде позитивно оценет од страна на нашите стручни служби - велат од Агенцијата.