X
 29.11.2017 Култура

Боеми – бунтовници со или без причина?


Слика од Тулуз Лотрек
(Фото: Wikipedia)


На многумина недоволно јасниот поим – боемија отсекогаш ги асоцирал на кафеани и пијанки, најверојатно затоа што зборот боем им звучел подобро отколку зборот пијаница. Сепак, боемијата е многу повеќе од кафеана и пијанство, иако тие се неизбежен декор на боемството. Таа е духовен принцип на бунтовништво и слобода; и ќе постои сè додека егзистира светот без слобода, лажниот морал и кукавичлак на обичниот човек – како потреба да се надмине сето тоа.

Значи, боемијата е спротивставување на буржоаските вредности, кои се формираат според шаблон и се прифаќаат како единствено можни. Буржујот, граѓанинот, а во денешно време секој работник, вработената и невработената образована популација, како и простиот човек, имаат нешто заедничко – остварен или неостварен сон за сигурност и извесност.

Сонот за извесност подразбира жртвување на досадното денес а сигурното утре, потреба за дом, за верен животен сопатник, сигурен извор на приходи и постојана опседнатост со заработката, така што работата и нејзината смисла се гледаат исклучиво преку призмата на добивка во материјална смисла.

Од друга страна, боемот претставува алтернатива на ваквиот систем на вредности, со главна задача истите да ги согледа и да ги доживее како релативни, а не како пропишани и зададени.

Во апатичното париско секојдневје, Циганите од Чешка, (на лат. – Бохемија) биле „трн во око“ или инспирација, како за кој. Тие номади со слободен дух – Боемите како што ги нарекувале Французите затоа што доаѓале од Чешка, претставувале чиста спротивност на буржоаскиот начин на живот. Оние што се поистоветија со нив ги отфрлија нормите и шаблоните, ги прифатија табуата и неконвенционалностите, создавајќи движење како нужен вентил за секој што се задушувал во репресивноста на буржоаскиот ригиден морал.

Главно место за собирање на боемите станале париските кафулиња, најпрво оние во Латинскиот кварт, а потоа и на Монмартр и Монпарнас. Кафулињата биле идеален простор за ширење на боемштината: боемите се собирале околу тркалезните маси и меѓу  себе разменувале идеи, потсмевајќи им се на буржуите, а во ноќните часови се препуштале на телесни задоволства, уживајќи во алкохол и жени.

Најчесто тие прифаќале комунален стил на живот, делејќи заеднички соби за живеење, работејќи преку ден во библиотеки и книжарници, во кафеани, на улица. Најчесто сè што поседувале можеле да сместат во едниот џеб, на тој начин стремејќи се кон слобода според рецептот на Диоген. Паралелно со тоа доаѓал и презирот кон моралните начела на граѓанството, а имале само еден единствен страв – да не робуваат на ниту една предрасуда. Сакале да ја шокираат буржоазијата претставувајќи се како антиидеал на нејзините вредносни норми, отфрлајќи го бракот како институција. Се згрозувале над идеалот за целисходност, живеејќи за сегашниот момент, без грижа за неизвесното утре. Тоа бил нивниот начин за поткопување на буржоаскиот вредносен систем.

Иако боемското движење го создале писатели, сликари, композитори, актери, новинари, како Шарл Бодлер, Гистав Курбе, Клод Дебиси, Пол Верлен... – со текот на времето привлекувале сè поголем број приврзаници: студенти, слободоумни граѓани, но неретко и припадници на имотните буржоаски семејства кои биле привлечени од слободата и автентичноста на боемите.

Судбината на боемското движење е слична со судбината на секое друго алтернативно движење. Како по дијалектички закон, таквите движења најпрво настануваат како израз на бунт и неприфаќање на доминантниот начин на живот, но не се прифатени од страна на главните културни текови. На нив се гледа со доза на презир и омаловажување, но по некое време стануваат шик и помодарство, па им се придружуваат и луѓе што немаат ни суштинска ни искрена врска со нив, за на крај да бидат прифатени како дел од културното наследство, вклопени во општествениот систем, па со самото такво прифаќање исчезнуваат во историјата.

Иако повеќето историчари на културата се согласуваат дека вистинското боемско движење исчезнало на почетокот на Првата светска војна, во Европа и Америка и натаму опстојувале луѓе кои осамено, но одлучно ги отфрлале пропишаните формули за живот. Длабоко навлегувајќи во 20 век, движењата на хипиците и панкерите во многу нешта потсетуваа на боемското движење, за на крај да споделат заедничка судбина на претопување во мејнстрим-културата.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура