X
 07.12.2023 Образование

Ги запознаваме најдобрите научници на УКЛО во 2022/23 - проф. д-р Анка Трајковска-Петкоска, Технолошко-технички факултет - Велес

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, по повод Меѓународниот ден на науката, ги прогласи најдобрите и најистакнати научници во академската 2022/23 во три категории. Во категоријата најдобар научник на УКЛО - прво место ѝ е доделено на проф. д-р Анка Трајковска-Петкоска, Технолошко-технички факултет - Велес Во академската 2022/23, во првиот квартaл на Scopus базата на податоци, со 5 објавени труда со вкупен рејтинг (CiteScore) 35,3.

Професорката Трајковска-Петкоска истовремено го заслужи второто место во категоријата најплоден научник, во академската 2022/23, во Scopus базата на податоци со 7 објавени труда.

Како гледате на иницијативата на УКЛО за избор на најдобри научници на Универзитетот?

Секако дека ја поддржувам оваа иницијатива, мило ми е што ја добив наградата за најдобар научник и благодарност до целиот тим кој е на чело на УКЛО. Верувам во раководниот тим на УКЛО, кој знае да препознава вредности и надвор од рамките на УКЛО, пред сѐ поради фактот дека јас не сум припадник на алумни заедницата на овој Универзитет, и моите вредности и квалитет беа согледани и евалуирани рамноправно со кандидати кои беа алумни. Верувам дека оваа иницијатива ќе нѐ поттикне сите заедно да продолжиме и понатаму да спроведувме нови и прогресивни идеи и можности за вмрежување, а со тоа да овозможиме и поголема видливост на Универзитетот надвор од земјата.

Кое е Вашето најголемо достигнување во полето на науката? Кој е Вашиот следен предизвик?


Тешко е да се каже кое е најголемо достигнување, сето тоа е релативно. Јас еднакво ги сакам и малите и големите успеси. Но, повеќе сум благодарна за неуспесите кои се случиле бидејки тие се оние што ви ги отвораат очите и ви овозможуваат да се поправите и докажете повторно, секако, исправувајќи ги грешките, што е многу подобра лекција од самите успеси. Ова ме потсеќа на зборовите на Нелсон Мандела: Јас никогаш не губам; јас добивам или учам (I never lose. I either win or I learn).

Во оваа пригода, на прашањето за мое достигнување ќе го издвојам моментот на доделување патент во САД на почетокот на оваа година; патентот е доделен за истражувања на кои работев од пред 5-6 години во врска со заштита на кожата од сино-виолетовата видлива светлина, на која сме секојдневно изложени не само од сонцето, туку и внатре од зрачењето на електронските уреди околу нас. Процесот беше долг и макотрпен да докажувам што е иновативноста, но сето тоа се исплатеше бидејќи силно верував во фактот за она што го работам; иако немам академски степен во конкретната област, од инженерски аспект знаев дека се работи за новитет, за нешто што недостигаше во постојните кремови за заштита од сонцето. Иако ова не беше мој прв патент, сепак, ова последно достигнување ми е најдраго бидејќи беше нешто за кое најмногу се борев да добијам патент, кој моментално се нуди за лиценцирање на козметички и фармацевтски компании. Понатаму, сакам да ги издвојам менторствата на кандидати-докторанди надвор од земјата, кои ме препознаа и ме поканија да бидам член на нивните комисии, потоа поканата за евалуација на проекти од Европската комисија, но и мојата нова книга која штотуку излезе од издавачот Springer во соработка со автори од целиот свет. Но, секако, круна на сите постигнувања оваа година беше посетата на д-р Дан Шехтман, добитник на Нобелова награда по хемија (2011), на Македонија, на моја лична покана. Пријатно бев изненадена, почестена и наградена од неговото прифаќање да ги посети земјата и мојот Универзитет, задоволството и довербата беа обострани. При неговата посета во земјата, на д-р Шехтман му беше доделена титулата почесен професор на УКЛО.

Кој е следен предизвик – не можам точно да кажам бидејќи работам на повеќе проекти и не знам кој проект прв ќе се реализира. На почетокот од идната година ме очекува посета на американски колеџ во ОAE, очекувам новиот поднесок за патент во САД од пред 2-3 години, а поврзан со композиции ефикасни во уништување на повеќе типови бактерии и вируси, вклучувајќи ги и коронавирусите, да биде одобрен, но ја очекувам и новата книга под спонзорство на Elsevier публикациската куќа да излезе од печат.

Што значи да се биде научник и што, според Вас, треба да се направи за да се овозможат попродуктивни процеси на научно инвестирање?


Верувам во Македонија како земја на многу можности и потенцијали, пред сѐ, мислам на човечкиот потенцијал, кој не се создава преку ноќ; напротив, потребни се децении на правилно создавање и оформување на професионални кадри потребни на државата. Со малку подобра организација во општеството може да дојдеме до поголеми резултати, вредности и кредибилитет, пред сѐ, на научниот потенцијал со кој располагаме, но и со оној што е обучен во земјава, но моментално се доусовршува или работи надвор од нашите граници. Сите обединети можеме многу повеќе да постигнеме.

1

Да се биде научник во Македонија е тешко, можам да кажам двојно потешко отколку да сте научник во добро развиена земја каде што не размислувате барем за инфраструктурните можности и капацитети, или финансирање на ваш проект; едноставно ги осмислувате темите/задачите, и целиот свој умствен потенцијал го насочувате кон научноистражувачката работа и креација. Но, сепак да сте таму (надвор од земјата) во добро етаблираните научноистражувачки центри, тоа значи да сте одлични во својата професија, придонесувате со уникатни/иновативни идеи и ги следите новитетите во вашата потесна научна област. Значи, имате предуслови кои треба да ги исполните, а потоа еден куп нови предизвици со кои ќе се соочите и кои треба да ги прифатите за да продолжите да работите. За мене, тоа беше голем мотив да отидам на докторски студии надвор од земјата (Универзитетот во Рочестер, Рочестер, Њујорк, САД), каде што се соочив со разновидни опции и можности да изберам што сакам да работам. Добро е да се замине на определен рок надвор од државата за стекнување нови знаења и компетенции, но сепак уште подобро е да се вратите со додадена вредност и искуства кои ќе се пренесат и спроведуваат во земјава. Моите почетоци беа овде, имав добри учители, наставници и професори од кои многу научив, и затоа сум горда, благодарна и лојална на земјава од каде потекнувам и сакам да го споделам тоа кон помладите генерации.
Моментално, овде, условите се поинакви - не само што треба да осмислите идеја, да сте уверени во себе дека е издржлива и нова, како да ја отпочнете и истерате докрај, туку наидуваме и на докажување пред други авторитети за нејзината оправданост, ја споделуваме идејата без соодветна заштита (патент, традемарк), процесот трае подолго отколку што треба и доколку дојде до нејзина евентуална реализација, идејата повеќе не е ниту нова, ниту иновативна, напротив често пати се случува да биде и деваливирана. Токму во ова лежи и причината што многу пати одлучувам да се докажувам на друго место, надвор од земјава, бидејќи верувам во нивните евалуциони системи, кои ќе препознаат потенцијална иновативност и ќе вложат во неа. Ако сакате да најдете решение на одреден проблем, ќе се потрудите да го побарате и да го остварите, но ако не сакате, ќе најдете изговор.

Поддршката во науката е поддршка на развојот на општеството. Во таа смисла, што ќе им порачате на Вашите колеги, пријатели и на студентите на УКЛО?


Мојата препорака е - никогаш не се откажувајте од својот сон бидејќи иднината им припаѓа на храбрите сонувачи кои се спремни да преземаат ризици. Не оставајте нечиј „приговор“ да ве ограничи во вашите определби, напротив, застанете цврсто зад своите идеи и докажувајте се. Можеби денес тие идеи изгледаат мали или служат за потсмев, но еден ден кога ќе погледнете наназад, можеби ќе си речете дека заслужувале и поголемо внимание, а можеби и ќе бидете горди на нив. Едноставно обидете се да видите шанса во секој предизвик и направете успешна приказна.

На земјата ѝ се потребни млади генерации со критички осврт, солидна едукација компетитивна со онаа во развиените земји, но и поголема свест за припадност и одговорност кон земјата; ние не сме богата држава за да може да си дозволиме чести проби-грешки, губење на професионални кадри и попусто трошење на времето бидејќи во денешно време, покрај кадарот, трката со времето и кој ќе докаже нешто прв стануваат многу важни. Она што го работиме денес може да не е компетитивно на светскиот пазар утре.

Може ли да ни откриете што Ве прави среќни?

Среќна ме прават малите работи, но сакам тие да ми се случуваат почесто и секојдневно. Нема потреба од поставување граници меѓу нас бидејќи верувам во тимскиот дух, и доколку некој сака да стигне подалеку, тоа единствено може да го направи со искрена тимска работа и соработка. Среќните луѓе се најчесто и успешни. Сакајте го она што го имате или сте го избрале како професија и веќе сте на половина пат до успехот. Јас секогаш го избирав она што го сакав (за моите студии, професија и занимање) и бев упорна да бидам најдобра во тоа што го започнував, бидејќи само така ќе си го оправдав изборот пред себе, во спротивно се сметав за неодговорна или неправилно направен избор. Среќна ме прават и туѓите успеси - но овде на овие простори ретко кој знае да се радува на нив. Препознавајќи го туѓиот успех, се издигнувате на скала повисоко да го постигнете и сопствениот успех.

Мислам доколку младите порано во својот живот го разберат овој став, побргу ќе се пронајдат како успешни граѓани. На оваа земја ѝ треба среќна и здрава младина, граѓани кои веруваат во неа. Така ќе создаваме вредности тука, а ќе бидеме препознаени подалеку. Мој беше изборот да се вратам во родната земја по студиите надвор од неа и да ја започнам кариерата токму како професор на УКЛО. Сметам дека не погрешив и воопшто не жалам за мојот избор, затоа денес сум среќна во мојата средина, а посебно и со доделената награда.

Дали имате идеја водилка, мото што Ви дава силна инспирација?


Животот е сцена, секој треба да си ја одигра својата улога - да бидеме оригинални бидејќи нашата улога не може никој друг да ја одигра како нас. Никогаш не плашете се да бидете различни, па макар и осамени, едни и единствени, напротив, треба да се плашите ако сте исти со другите. Или, како што познатиот С. Џобс еднаш изјави: „Единствен начин да направите значајна работа е да го сакате она што го правите“ (The only way to do the great work is to love what you do). Бидете гладни и жедни за нови знаења и вештини, за нови вредности, култивирајте љубопитност, бидете постојано мотивирани. Опкружете се со луѓе кои се подобри од вас, кои споделуваат визии, идеи и така ќе се чувствувате како вечен студент кој учи или истражува. Најголемата лекција што ја научив во животот е дека имам уште многу што да научам. Сите правиме избор во животот, но треба да продолжиме да живееме со тој избор. Мојата цел е да бидам подобра верзија од мојата вчерашна верзија. Знаењето е најголемото богатство што може да го поседуваме без страв дека ќе бидеме ограбени.

За крај мојата порака е: Не оставајте титулата да ве дефинира кој сте; напротив, она што сте нека ја дефинира титулата.  

Голема радост е да си учител, уште поголема е да си ментор на ученикот што си го учел, а најголема е да станеш ученик на својот ученик (стара мудрост).

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование