X
 17.05.2026 Наука

Ако луѓето стануваат попаметни, зошто мозокот им се намалува?

Во последните две децении дел од научните истражувања покажуваат дека човечкиот мозок постепено се намалува. Но, истовремено постојат докази дека резултатите од IQ тестовите растеле во текот на минатиот век.

Дали е можно луѓето да стануваат попаметни додека мозокот им се намалува?

Прво, важно е да се нагласи дека поголем мозок не значи и поголема интелигенција, вели антропологот Џереми де Силва од колеџот „Дартмут“.

- Големината на мозокот е слабо поврзана со мерките за интелигенција кај луѓето. Мозокот на Алберт Ајнштајн, на пример, бил прилично мал, а тој бил Ајнштајн - вели тој.

Во случајот на Алберт Ајнштајн, се смета дека необичните набори во одредени региони на неговиот мозок ја објаснуваат неговата генијалност. Иако постои научна дебата, повеќе истражувања посочуваат дека има мала или речиси никаква врска меѓу интелигенцијата и големината на мозокот кај луѓето.

Дали човечкиот мозок навистина се намалил?

Не сите научници се согласуваат дека човечкиот мозок станал помал. Сепак, многу експерти велат дека постојат докази за таков тренд.

- Моето истражување покажува дека големината на човечкиот мозок се намалила во текот на современата геолошка епоха за околу 10 отсто од волуменот, односно во просек за околу 150 милилитри - вели Маќеј Хенеберг, почесен професор по антрополошка и компаративна анатомија на Универзитетот во Аделаида.

Хенеберг ја анализирал големината на мозокот преку черепи од целиот свет, а во многу случаи лично ги проучувал скелетите.

И други научници дошле до слични заклучоци.

- Нашата лабораторија смета дека моментално достапните податоци покажуваат јасен глобален тренд кон намалување на големината на мозокот во поново време - вели Де Силва, чие истражување опфатило повеќе од 5.000 черепи на луѓе од Европа, Азија, Африка и Австралија.

Сепак, некои научници не се согласуваат со оваа теорија.

Истражувањето на Брајан Вилмор од Универзитетот во Невада, Лас Вегас не пронашло докази дека човечкиот мозок се намалува.

- Не гледам никаков доказ дека нашите мозоци се промениле на значаен начин откако ја добиле модерната форма - вели Вилмор.

Џон Хокс, професор на Универзитетот „Висконсин-Медисон“, вели дека прашањето е покомплексно.

- Големината на мозокот кај некои човечки популации се намалила во последните 15.000 години. Но, постојат одредени сложености - објаснува Хокс и посочува дека податоците за големината на мозокот претежно се базираат на машки черепи од европско потекло, што го отежнува тврдењето дека станува збор за глобален тренд.

Ако мозокот навистина се намалува, зошто се случува тоа? Научниците предлагаат неколку можни објаснувања.

Едно од нив е поврзано со развојот на земјоделството.

- Луѓето постепено воведувале производство на храна, како земјоделство и сточарство, што им овозможило да живеат во поголеми заедници. Физичката сила потребна за лов и заштита станала помалку неопходна, додека помалото тело барало помалку храна - објаснува Хенеберг.

Всушност, не се намалил само мозокот, туку се намалиле и телата на луѓето.

Дали колективната интелигенција нè промени?

Друго можно објаснување е дека самата човечка интелигенција се променила бидејќи луѓето почнале да се специјализираат за различни професии и повеќе да споделуваат знаење.

Де Силва вели дека неговиот тим предложил теорија според која растот на популацијата, специјализацијата на луѓето и развојот на колективната интелигенција придонеле за намалување на индивидуалниот мозок, слично како кај некои социјални инсекти, како мравките и осите.

- Јас сум доволно добар антрополог и анатомист, но сигурно не би сакале да ви го поправам автомобилот - вели тој.

Стибел се согласува со оваа идеја.

- Некои видови мравки што развиваат сложени општествени системи покажуваат слично намалување на големината на мозокот, додека колонијата презема поголем дел од когнитивниот товар - вели тој.

Извор: 021.rs
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука