Различната боја на јазикот укажува на многу здравствени проблеми. Нормалниот јазик има розова боја со тенок бел слој, а розовата нијанса може да биде светла или темна. Промените во бојата на јазикот обично укажуваат на суштински здравствен проблем како што е инфекција. На пример, синиот јазик може да укаже на недостиг на кислород во крвта или егзема.
Што ни кажуваат бојата и текстурата на јазикот?
Здравиот јазик има многу папили на врвот и на страните. Тие се мали, месести испакнатини кои му даваат груба текстура на врвот на јазикот. Основните здравствени проблеми можат да го „обојат“ јазикот во различни бои. Некои од овие проблеми исчезнуваат сами од себе, додека други бараат третман.
Бел јазик
Ако јазикот е побелен и се појават бели дамки, тоа може да се должи на габична инфекција, како што е орален дрозд. Оралниот дрозд може да биде болен и да предизвика формирање на дебели, бели или црвени дамки на јазикот. Обично оваа состојба е придружена со проблем со голтање.
Друга можна причина за бел јазик е леукоплакијата - состојба која предизвикува формирање на бели дамки или наслаги на јазикот често како резултат на пушење. Исто така, јазикот побелува поради лихен планус. Лихен планус е вид исип, бенигна хронична воспалителна состојба која може да го зафати јазикот или внатрешноста на устата, или понекогаш и двете. Тоа не е предизвикано од инфекција или животни навики.
Црн јазик
Насобраниот кератин може да предизвика поцрнување на јазикот. Кератинот е протеин кој се наоѓа во кожата, косата и ноктите. Според Информативниот центар за генетски и ретки болести, акумулацијата на кератин може да предизвика јазикот да стане црн и влакнест, а тоа може да биде предизвикано од:
-лоша орална хигиена
-лекови, како што се некои антибиотици
-употреба на тутун
-радиотерапија
-пиење темни течности, како кафе или црн чај, исто така може да предизвика поцрнување на јазикот
-во ретки случаи црниот јазик е резултат на посериозна медицинска состојба, како што се дијабетес или ХИВ.
Виолетов јазик
Јазикот може да стане виолетов поради слаба циркулација на крвта или срцева состојба. Исто така, виолетовиот јазик може да биде знак за болеста Кавасаки. Тоа е ретка, но сериозна состојба која предизвикува воспаление на крвните садови.
Црвен јазик
Јазикот може да стане црвен и нерамен, што може да укаже на недостиг на витамин Б или на шарлах. Алтернативно, овие промени може да се појават како дел од алергиска реакција на лек или храна. Црвениот, трнлив јазик може да укаже и на глоситис - воспаление на јазикот. Во ретки случаи тоа е уште еден знак за болеста Кавасаки. Оваа состојба лекарите ја нарекуваат и „јагодест јазик“.
Сив јазик
Според Националната организација за ретки нарушувања, состојбата наречена „географски јазик“ може да предизвика формирање на сиво-бели дамки на јазикот. Помеѓу овие точки потоа се развиваат бели линии, така што јазикот изгледа како карта. Оваа промена на бојата може да предизвика и егзема. Студија од 2017 година на 200 луѓе со егзема покажала дека 43,5 отсто од учесниците имале сив или блед јазик.
Жолта
Пожолтувањето на јазикот обично е резултат на развој на голем број бактерии. Лошата орална хигиена и сувата уста може да доведат до прекумерен раст на бактерии на јазикот. Исто така, јазикот може да пожолти пред да стане црн и влакнест. Ова се случува кога папилите растат и ги заробуваат бактериите на површината на јазикот. Во ретки случаи, посериозни здравствени состојби предизвикуваат пожолтување на јазикот. Студија од 2019 година покажува дека жолтиот јазик може да биде знак за дијабетес. Друга можна причина е жолтицата.
Портокалов јазик
Кога јазикот станува портокалов, истите фактори што доведуваат до жолта боја може да бидат одговорни и за портокаловата нијанса, како што е лошата орална хигиена или сува уста. Одредени антибиотици и храна, исто така, може да го претворат јазикот во портокалова боја, како што се оние богати со бета-каротен.
Зелен јазик
Јазикот може да позелени поради акумулација на бактерии, а причините можат да бидат исти како кај жолт или бел јазик. Во некои случаи се развива „крзнена или влакнеста“ обвивка.
Син јазик
Сината нијанса на јазикот може да укаже на недостиг на кислород во крвта, а тоа може да биде резултат на:
-недостиг на кислород од белите дробови
-нарушувања на крвта
-болести на крвните садови
-болест на бубрезите
-егземата е уште една можна причина за синиот јазик.
Кога треба да одите на лекарски преглед?
Лекарите наведуваат дека некои мали промени во бојата на јазикот се безопасни. На пример, бојата на јазикот може да се промени кога пиеме чаша црвено вино. Сепак, советот е да се оди на лекар кога промените во бојата, обликот или големината на јазикот траат повеќе од неколку дена. Исто така, секоја промена во обвивката на јазикот може да укаже на инфекција и може да бара третман.
Извор: eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik