X
 04.04.2018 Образование

Повик за сестудентско обединување!

Аљоша Кацаров, апсолвент на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, учествуваше на осмата Ораторска вечер



Дваесет и први век, лето Господово две илјади и осумнаесетто, а јас пред да започнам да го осмислувам мојот вечерашен говор, за момент се позмислив, што треба да кажам, а што да премолчам. Чудно, зар не!?
Размислувајќи, се сетив на една мисла на Мартин Лутер, кој во времето на инквизицијата рекол: „Не си одговорен само за она што ќе го кажеш, туку и за она што ќе го премолчиш“. Охрабрувајќи се да го кажам она што вистински го мислам, еве тука, сега, пред сите вас, се обраќам кон моите колеги студенти и гласно ви велам:
- Време е да упатаме последен повик, повик за сестуденско обединување, од кое обединување силно ќе еманира крикот на студентите кој ќе ја носи пораката дека го заслужуваме епитетот студент, дека не сме аморфна маса, дека сме тука и дека сме енергија која прераснува во синергично движење, движење од кое ќе се слушне студентското ехо на зборовите „Доста беше“.
Ние сме тие на кои вие драги политичари, политиканти, „пајаци“ силеџии и други прагматици им ја крадете иднината во оваа мала и единствена наша земја, кои ни го крадете правото да сонуваме, кои нѐ бркате од сопствените огништа и сѐ поради една и единствена причина - човековата алчност за повеќе, за многу повеќе.
Затоа, денес ви велам, драги студенти, да се обединиме без разлика на генот на кој му се радувате, богот во кој верувате, јазикот преку кој се изразувате, да се обединиме под знамето и каузата на студентската нација, со најзначајното за нас идентитетско обележје, а тоа е статусот на студент.
Студент кој е спремен да се бори за своето подобро утро, студент кој е решен во време на општа измама да ја кажува вистината, студент кој ќе застане рамо до рамо со својот колега и громогласно ќе извика: Oва е мојата татковина, овде e зачнато моето постоење, овде сум растен и воспитуван, овде ми се најубавите моменти, овде е стекнато сето мое знаење и јас сум ѝ должен на оваа моја земја, сега кога најмногу сум ѝ потребен, сега кога е болна и изнемоштена од најопасниот вирус на самоуништувањето, чиј лек е во младата, чесна, прогресивна студентска мисла. Сега ѝ треба секоја понудена рака за помош, не ја оставам и не тргнувам на патoт што води до Берлин, Хамбург, Цирих и Лондон.


Пат кој е креиран од илузијата на парите, пат кој те тера да веруваш дека си материјално побогат, а, сепак, ги затвораш очите пред фактот дека си духовно сираче и најевтината работна сила во Европа.
Зарем тоа е целта на еден македонски студент, зарем со таква амбиција дојдовте и го потпишувавте формуларот кога се запишувавте на вашите студии, потпишување проследено со фантазирањето на моментот на дипломирањето, интонирањето на стиховите Viva la academia, Viva nostra civitas, фрлањето во небесната шир на академските капи, симболиката на новиот почеток и мечтите за вашата работа од соништата.
И да, егзистираме во време во кое едни исти, единствени, морално оцрнети, неодговорни лица ви ја креираат судбината, а вие упорно и упорно им ја пропуштате диригентската палка од вашите, за нив, безвредни животи. Е па драги мои колеги, дојде моментот да се прашаме: Ако не ние, кој? Ако не сега, кога?
Верувам дека е време да ја поставиме тезата, доколку работите нема да се сменат на подобро, никој нема да ни биде крив и на никој не ќе можеме да се пожалиме. Верувам дека е време да станеме хегемони на нашата судбина. Време е да кажеме не, благодарам, на агенцијата за вработување во Германија, имам незавршена обврска дома. Дома е дојдено време за вистинско бунтовничко будење, дома ме чека повик за вистинско сестудентско обединување.
Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование