X
 18.01.2021 Образование

Контролори казнуваат студенти во автобус, иако им важат билетите. ЈСП ќе ги враќа парите на неправедно казнетите

Буквално се објаснував од последна 24. во Тафталиџе до Градска болница за соопштението, дека индексите не ни се уште дадени и дека не можеме да ги продолжиме картичките, но контролорите не сакаа да разберат, рекоа дека залудно било ако картичката не „титка“ на апаратот, вели студент

Скопските картички, со кои студентите се возат во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје (ЈСП), важат до 28 февруари. Но, и покрај ваквата одлука, која е јавно објавена на веб-страницата на претпријатието, студенти реагираат дека контролори во автобусите им пишуваат казни. Во претпријатието велат дека ќе им бидат вратени парите на сите студенти кои се неправедно казнети.
Раководството на Универзитетското студентско собрание (УСС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ побарало од ЈСП и да се одложи продолжувањето на билетот зашто поради актуелната ситуација со Ковид-19, голем број студенти на одредени факултети не можат да ја обезбедат потребната документација за продолжување на важноста на билетот.

Пријавете и на 071 218 791

„Буквално се објаснував од последна 24 во Тафталиџе до Градска болница за соопштението, дека индексите не ни се уште дадени и дека не можеме да ги продолжиме картичките, но контролорите не сакаа да разберат, рекоа дека залудно било ако картичката не „титка“ на апаратот“, напишал студент на Фејсбук.

„Картичките не се продолжени, контролорите пишуваат казна и откако ќе им се покаже било кое соопштение како ова. Пред мене ѝ напишаа казна на студентка во автобус со број 24 во правец кон Кисела Вода, на станицата кај Симпо. Девојчето уредно го покажа соопштението од ЈСП за важноста на картичките до февруари, но контролорот ѝ рече дека ако не светка апаратот, тој пишува казна, без разлика какви соопштенија имало“, напишал друг студент.

УСС пред неколку дена информира дека скопските картички за студенти се продолжени и важат до 28 февруари.

„Од ЈСП ни пренесоа дека сите контролори се информирани за продолжувањето на скопските картички за студенти. Бидејќи некои студенти пријавија проблеми, од ЈСП повторно ќе ја проследат информацијата за продолжувањето на студентските скопски картички до сите контролори. Ако некои студенти се соочиле со проблеми и биле казнети од страна на контролорите, ги замолуваме да не исконтактираат на 071 218 791“, апелираат од студентското собрание.



Како да се рефундираат парите за казна?

Факултети.мк побара одговори за проблемот од ЈСП, од каде што посочуваат дека е точно дека се издадени неколку казни, и покрај тоа што на соодветната служба (линиска контрола) и е посочена ситуацијата со студентските билети.
-Секој студент на кој му бил издаден записник (казна) за непоседување валиден билет за користење на јавен превоз, а ги исполнува условите за бесплатен превоз и не му е продолжена важноста на билетот во актуелнава ситуација, нека се обрати во ЈСП Скопје, истата ќе му биде поништена, односно средствата ќе му бидат рефундирани, ако веќе казната е платена. Доказ (уплатницата) за извршена платена казна може да се приложи директно во Дирекцијата на ЈСП во Автокоманда, на меил jsp1@jsp.com.mk или да ја прати во порака на facebook.com/jspskopjee, како би ги рефундирале средствата, односно би ја поништиле казната, доколку сѐ уште не е платена – велат во претпријатието.

Оттаму уште еднаш појаснија дека во случајов, продолжен е рокот за продолжување на важноста на годишен студентски билет за бесплатно користење на јавен превоз, кој трае до крајот на февруари.

-Во меѓувреме, апелираме до сите студенти, корисници на билетот за бесплатно користење на јавен превоз, навремено да ја обезбедат потребната документација, за да го испочитуваат дадениот продолжен рок за продолжување на важноста на билетот. Независно од тоа што рокот за продолжување на важноста е продолжен и студентите до тогаш можат бесплатно да се возат, при валидирање во автобус, валидаторот покажува дека картичката е неважечка/невалидна. Тоа не треба да ги буни. Технички/системски не е извршена корекција на валидаторите, со оглед на тоа дека неизводливо е на околу 20.000 студентски билети за бесплатно користење на превозот, да се изврши селекција на веќе уредно продолжените, односно оние кои не се продолжени. Во ситуацијава, студентите и немаат потреба од валидација при влез во автобус – појаснуваат во сообраќајното претпријатие.

Во ЈСП велат дека проблем имааат незначителен број на студенти, чии матични факултети во актуелнава ситуација не им ги издаваат/обезбедуваат потребните документи за продолжување на важноста на бесплатниот билет (индекс и потврда за редовен студент), односно користат нивни електронски форми кои за ЈСП не се прифатливи од технички причини и заради евентуални злоупотреби.

-Право на користење на билетот имаат сите редовни студенти на државните факултети во Скопје до додипломски студии, без ограничување на возраста. Важноста на билетот се продолжува секоја учебна година, при што на студентите кои првпат запишуваат прва година и обезбедуваат (вадат) бесплатен билет, неговата важност автоматски е до крајот на наредната календарска година. Продолжувањето на важноста на билетот се врши во центрите за персонализација на ЈСП – додаваат оттаму.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование