X
 19.04.2021 Живот

„Многу чудно, но и убаво“ - вака се чувствуваат Израелците по укинувањето на задолжителното носење маски на отворено

Вчера беше укинато задолжителното носење маски на отворено во Израел, првпат по една година - со вакцинирањето земјата успеа да излезе од кошмарот наречен коронавирус.

- Многу е чудно, но и убаво - вели 26-годишната Елијана Гамулка, која слезе од автобусот и ја тргна маската затоа што повеќе не е задолжителна на отворено.

- Повеќе не можете да се преправате дека не познавате некого - кажа на шега таа.

Со над половина вакцинирано население, во една од најбрзите светски кампањи за борба против Ковид-19, министерството за здравство објави дека маските повеќе нема да бидат потребни на отворено.

За Гамулка, добрата вест доаѓа во совршено време: две недели пред нејзината венчавка.

- Ќе биде многу убаво да се прослави со сите и без маски. Фотографиите ќе бидат одлични. Ми олесна. Сега можеме повторно да почнеме да живееме - вели таа.

Вакцинирањето на речиси пет милиони луѓе предизвика нагло намалување на заразените: од 10.000 заразени на дневно ниво во средината на јануари на околу 200 случаи на ден. Со тоа се овозможи и отворање на училиштата, баровите, рестораните и собири на затворено - иако маските и понатаму се задолжителни на затворено.

Уште пред најавата за укинување на задолжителното носење маски, можеа да се забележат луѓе како шетаат низ улица без маски.

izrael
Фото: Screenshot/YouTube

Но, Естер Малка, работничка, вели дека не е подготвена да се опушти.

- Дозволено ни е да не носиме маски, но јас се плашам, се навикнав на маската. Сега тоа го чувствувам како дел од мојот живот. Ќе видиме што ќе се случи кога сите ќе ги извадат. Ако биде добро во период од неколку месеци, тогаш ќе ја извадам и јас - вели таа.

Израел пред само неколку месеци имаше највисока стапка на инфекции во светот - пандемијата предизвика 6.300 смртни случаи и над 836.000 заболени.

Но, оваа еврејска држава доживеа пресвртница откако склучи договор со „Фајзер-Бајонтек“ за доставување огромен број вакцини. Во замена, Израел прифати да плати над пазарната цена и да ги сподели податоците за оние што примиле вакцина, користејќи еден од најсофистицираните светски системи за медицински податоци.

Од декември околу 53 отсто од израелските 9,3 милиони жители ги примиле двете дози, вклучувајќи околу четири петтини од населението на возраст од 20 години и нагоре.

- Нема подобра реклама за „Фајзер“ - вели Шалом Јацкан, компјутерски програмер.

Ситуацијата во Израел е во целосна спротивност од она што се случува на Западниот Брег и Појасот Газа, каде што стапките на инфекции остануваат високи, а бројот на вакцинирани низок.

Групите за човекови права го повикаа Израел да им достави вакцини на 4,8 милиони Палестинци што живеат таму, но Израел вели дека тоа зависи од палестинските власти. Сепак, Израел вакцинира над 105.000 палестински работници што имаат дозволи за работа во Израел.



Извор: Timesofisrael.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот