Министерството за образование и наука изразува длабоко жалење за рецидивното незаконско однесување на градоначалникот на Гостивар, кое континуирано ги оштетува учениците, наставниците, родителите и генерално граѓаните на Гостивар. Вистината е во тоа дека по извршените инспекциски надзори од страна на Државниот инспекторат за образование во Општина Гостивар, беа констатирани идентични неправилности, за кои еднаш на Општина Гостивар ѝ беа одземени надлежности во областа на образованието, велат од МОН, откако донесоа одлука привремено да ѝ ги одземат надлежностите на Општина Гостивар за именување и разрешување директори на општински средни и основни училишта.
- Тоа што беше констатирано во оваа општина е следното: непочитување на законските одредби од страна на градоначалникот во постапките за назначување и разрешување на директорите на основните и средните училишта; разрешувањата на директорите, според она што е констатирано од страна на Државниот просветен инспекторат, биле извршени без процедури предвидени со закон, додека назначувањето на новите директори, кои не само што не ги исполниле условите и критериумите за овие позиции, туку биле извршени со непочитување на постапките предвидени со закон – велат во соопштението.
Додаваат:
- Се констатираа состојби кога одредени директори беа разрешени дури во два наврати од страна на градоначалникот и тоа, првиот пат без да се почитуваат постапките и по забелешките на Инспекторатот, Таравари ги врати на должност за истите да ги разреши по шест дена, без почитување на постапката. По првото разрешување на директорите Инспекторатот утврди дека се именувани директори кои не ги исполнуваат условите согласно законот и истите лица што не ги исполнувале условите биле повторно именувани како директори дури и по второто разрешување на законски избраните директори.
Пред точно една година на Општината Гостивар исто така ѝ беа одземени надлежностите во образованието.