X
 19.12.2018 Наша тема

„Мамо, кој од нив е вистинскиот Дедо Мраз?“ Како консумеризмот ја убива новогодишната магија

Не треба да се занемари ниту локалниот менталитет каде што Новата година е еден вид карневал кој подразбира трошење, макар и по цена на задолжување, вели комуникологот Сеад Џигал

„Мамо, кој од нив е вистинскиот Дедо Мраз, кој ќе ми даде подарок?“, ме прашува синчето додека се шетаме низ скопските улици, а неколку фотографи буквално нè влечат по јакните за да се сликаме со „нивниот“ Дедо Мраз. Ова негово прашање ме вознемири. На децата им ја уништивме сликата за еден чист лик кој треба да се појави среде ноќ и да им остави подарок под елката. Како да го уверам дека тој, вистинскиот, ќе дојде кај нас кога на секој чекор гледа чичковци облечени во црвена облека и со бела брада.

Оваа случка ни ја раскажа скопјанката Марија Аврамовска, која не може да го разбере предновогодишното потрошувачко лудило.

- Уплатете пари за сликање во училиште, за пакетче, за прослава... Трошоците пред Нова година немаат крај. На секој чекор блескави реклами за попусти и „невидени зделки“. Сѐ се сведува само на пари и заработувачка. Сепак, мене најмногу ме боли тоа што на децата им ја убивме новогодишната магија - вели Аврамовска.

Трошење, макар и по цена на задолжување

Новогодишните празници одамна се искомерцијализирани и во наши услови. Комуникологот Сеад Џигал вели дека сега само добиваат нови форми, но исто така добиваат и на интензитет.

- Не само угостителите, туку и брендовите, компаниите, огласувачите ги фокусираат своите ресурси токму во овој период и поттикнуваат „потрошувачка треска“ преку разни кампањи, акции, попусти и други испробани тактики на поттикнување на шопингувањето. Не треба да се занемари ниту локалниот менталитет каде што Новата година е еден вид карневал кој подразбира трошење, макар и по цена на задолжување - вели Џигал.

Предновогодишното шопинг-лудило и целата комерцијализација на Новата година се всушност одлика на тоа дека Македонија веќе одредено време се наоѓа во поразвиена фаза на потрошувачкото општество.

- Консумеризмот станува клучна одлика на нашето секојдневие, дневните активности и потребите. Причини за ова има најмалку две: нашето интензивно „глобализирање“, или поточно имитација на животот во западните општества, најчесто преку некритичко прифаќање на нивните вредности и трендови. Втората причина е сè поголемото влијание на медиумите, интернетот и рекламната индустрија, кои успеваат на различни начини да ја поттикнат потрошувачката и да создадат нови, често вештачки, потреби кај граѓаните - објаснува комуникологот.

Економската пропаганда носи многу негативни појави

Според него, социјалните мрежи особено „помогнале“ во тој процес на доближување до секој потрошувач, а огласувачите преку овие мрежи многу детално ги следат нивните навики и желби.

- Корисниците оставаат многу, навидум неважни, податоци на интернет, што сакаат, со кого комуницираат, што следат, каде се движат, а овие податоци потоа вешто се користат за нивно потрошувачко профилирање и вклучување во т.н. персонализиран маркетинг, каде што секој до нас е под силно влијание на овие персонализирани реклами - вели Џигал.

Економската пропаганда носи многу негативни појави кои, за жал, ретко кој ги забележува. Всушност, видлива е само празната банкарска сметка.

Нашите граѓани немаат многу помош или алтернативи кога станува збор за развивање свест или навики кои би им помогнале да одолеат на различните негативни појави поврзани со консумеризмот, објаснува Џигал.

- Образованието со децении каска зад реалните проблеми, а граѓанскиот сектор главно е преокупиран со политички теми. Многу помалку внимание се посветува на негативните појави што произлегуваат од сферата на економската пропаганда. Затоа доминира некритичкото прифаќање на навики кои се во судир со нашата економска и културна реалност. Како и во многу други сфери, потребна е макотрпна и долгорочна работа за развивање свест за опасностите од ирационалниот консумеризам, пред сѐ, во образованието и граѓанскиот сектор - вели Џигал.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема