Царовска наследува сектор со проблеми во финансирањето на високото образование, каде што нема никаков подмладок, сектор во кој буџетот за образование и буџетот за наука се 98,5:1,5
Има 36 години, а симпатиите на јавноста ги доби пред две години кога решително застана пред разлутените жители во Тимјаник кои не дозволуваа во нивното село да се отвори Дом за деца со попреченост. Таа сталожено ги уверуваше дека тие никому не се закана, дека треба хумано да ги прифатат. Ги поддржува правата на жените. Породилното отсуство го прекинала кога бебето имало шест месеци и го носела со себе на работа, во канцеларија.
Мила Царовска / Фото: Влада
Мила Царовска во секој момент треба да го преземе Министерството за образование и наука во новиот владин состав. Ова е еден од најкомплексните ресори во моментов, откако тешко се донесе одлуката како ќе се одвива учебната 2020/2021 година. Таа ќе дојде на местото на Арбер Адеми од ДУИ. Ќе преземе исклучително комплексен ресор врз кој ингеренции имаат и централната власт и локалната самоуправа, а универзитетите своја автономија.
Царовска ќе има многу предизвици за решавање – основи училишта кои кубурат со нагледни средства и се слабо технички опремени, учебници со спорни содржини, нов закон за средно образование кој сѐ уште не е влезен во собраниска процедура, Закон за високо образование кој го донесе нејзината претходничка од СДСМ, Рената Дескоска, за кој упатените велат дека треба да има ревизија. Адеми не понуди унифицирано решение за онлајн-настава откако се појави Ковид-19, а новата учебна година е на прагот. Царовска наследува сектор со проблеми во финансирањето на високото образование, каде што нема никаков подмладок, сектор во кој буџетот за образование и буџетот за наука се 98,5:1,5.
Фото: Влада
Царовска беше заменичка на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори од јануари годинава. Претходно, од јуни 2017 година ја вршеше функцијата министерка за труд и социјална политика. Таа доаѓа токму од овој сектор. Дипломирала на Институтот за социјална работа и социјална политика на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во својата кариера се стекнала со повеќегодишно искуство од областа на социјалната работа – организирала драмски работилници со деца сместени во институции, едукативни работилници, била СОС-оператор и супервизор за консултации за корисници на дрога и нивните семејства, како и соработник на институциите за лекување корисници на дрога, социјален работник на терен, советник за пред/посттест за ХИВ/СИДА и истражувач на терен.
Како министерка за труд и социјална политика успеа да го реорганизира системот – се укинаа домовите за деца без родители и сите беа згрижени во семејства или организирани во помали семејни единици. Поради своето богато работно искуство, Царовска е ангажирана во дванаесетина домашни и меѓународни организации како експерт од својата област.