Едукацијата за прва помош во училиштата ќе овозможи учениците и наставниот кадар да бидат посвесни за околината и ризиците, со што ќе можат понатаму да превенираат какви било несреќи и/или повреди, посочува Филип Ивковски, стручен соработник за млади, дисеминација и меѓународно хуманитарно право во Црвениот крст
Според
истражување спроведено од британскиот Црвен крст, 69 отсто од лицата на возраст помеѓу 16 и 24 години би му помогнале на некој на кој му е потребна прва помош, но само 16 отсто имаат самодоверба и знаење да го сторат тоа. Истовремено, се смета дека дури 59 отсто од таканаречените „предболнички“ смртни случаи од повреди би можеле потенцијално да бидат спречени доколку повеќе луѓе се обучени да укажат прва помош, покажува друго истражување на британскиот Црвен крст.
Според Законот за безбедност и здравје при работа на Македонија, на секое работно место и во работни простории во кои истовремено работат до 20 вработени, најмалку по еден од нив мора да биде оспособен и одреден за давање прва помош. Освен тоа, обуката за укажување прва помош во земјава е задолжителна за кандидатите за возачки испит.
Во меѓувреме, учениците, кои најголем дел од денот го поминуваат надвор од домот, не добиваат никаква обука за укажување прва помош, иако децата и младите се под поголем ризик од ненамерни повреди.
Фото: Freepik
Во случај на несакана повреда или медицинска состојба, присуството на обучено лице кое може да укаже прва помош навистина може да значи живот или смрт, бидејќи без ваквата помош дури и малите повреди може да станат сериозни или фатални. Затоа, за да се обезбеди сигурноста на вработените и на учениците во училиштата, важно е едукацијата за правилно укажување прва помош да биде задолжителна во секое училиште, вели Филип Ивковски, стручен соработник за млади, дисеминација и меѓународно хуманитарно право во Црвениот крст.
- Едукацијата за првата помош во училиштата ќе овозможи учениците и наставниот кадар да бидат посвесни за околината и ризиците, со што ќе можат понатаму да превенираат какви било несреќи и/или повреди. Првата помош промовира чувство на безбедност и ги прави способни луѓето да се справуваат со инциденти и да им асистираат на повредени лица - вели Филип.
Фото: Филип Ивковски/приватна архива
Како што ни открива Филип, низ Европа сè почесто се воведуваат обуки за прва помош во училиштата. Во Норвешка, училишната наставна програма вклучува задолжителен курс за срцево-белодробно оживување/реанимација (СБО/CPR) од 1961 година. Во некои западни земји обуката за прва помош започнува во основно училиште, а една од последните земји што ја направи задолжителна ваквата обука во училиштата е Велика Британија, каде што од 2020 година сите државни училишта мора да спроведат обука за прва помош за учениците.
Од Министерството за образование и наука не ни одговорија дали во иднина може да очекуваме да се воведе задолжителна обука за укажување прва помош во училиштата. Но, Министерството поддржува кампања лансирана од Црвениот крст оваа година која предвидува спроведување обуки за прва помош на ученици. Кампањата под мотото „Првата помош спасува живот“ има цел да спроведе обуки за прва помош за 25.000 ученици од основните и од средните училишта во земјата.
- Особено е значајно вклучувањето на децата од најрана возраст, затоа што стекнуваат вештина што ќе можат да ја надградуваат во иднина и истовремено овозможува да им помогнат на врсниците и на членовите на семејството во ситуации кои бараат брза интервенција. Знаењата за прва помош ја јакнат самодовербата на децата и ги учат да останат смирени во итни случаи - изјавија од МОН.
Дали наставниците кај нас се обучени за укажување прва помош?
Во Македонија наставниците не мора да бидат обучени за укажување прва помош, но подлежат на претходно споменатиот Закон за безбедност и здравје при работа. Според него, на секои 20 вработени лица во училиштата мора да има барем едно лице кое е обучено за укажување прва помош.
Црвениот крст реализирал 22 курса за укажување прва помош за вкупно 116 вработени во основните и во средните училишта во земјава изминатата година, открива Филип, кој додава дека вакви курсеви се спроведуваат и од страна на други овластени здравствени установи.
Насловна фотографија: Филип Ивковски/приватна архива