Еден сребрен и два бронзени медала
освоија средношколките што ја претставуваа Македонија на 9. женска математичка олимпијада
ЕГМО 2020, која од 15 до 21 април се одржа во холандското гратче Егмонд ан Зее. Поради ситуацијата со Ковид-19, олимпијадата се одржа целосно во виртуелен формат. Нашата земја ја претставија Анастасија Тортевска (бронзен медал), Христина Митреска (бронзен медал), Јасна Илиева (сребрен медал) и Кристина Тасева. По тимови сме на 16. место.
- Чест ми е што девојките достојно ја претставија нашата држава и го освоија најдобриот пласман досега во однос на сите наши тимови на оваа олимпијада. И покрај сите недоречености околу начинот на спроведување, целата неизвесност до пред самиот почеток и стравот од првиот ваков вид натпревар досега, девојките го вложија својот максимум и се закитија со еден сребрен и два бронзени медали - вели
д-р Анета Гацовска-Барандовска, водач на нашиот тим и професорка на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Сите активности се одвивале онлајн, вклучувајќи го и натпреварот. Со онлајн-контрола 204 натпреварувачки од 53 земји од светот решавале по 6 задачи во текот на два дена.
Гацовска-Барандовска им се заблагодари на родителите за помошта околу локалната организација на натпреварот и на заменикот-водач Ерблина Зеќири.
- Се надевам дека кога ќе пристигнат медалите, сите заедно уште еднаш ќе им се заблагодариме на девојките. Продолжете да ја сакате математиката, работете континуирано, надградувајте се, грабајте поголеми животни успеси. Уште едно браво за Анастасија, Христина, Јасна и Кика - им честита Гацовска-Барандовска.