X
 22.04.2022 Наука

Научниците открија докази за најголемиот земјотрес во историјата на човештвото

Археолозите пронашле докази за најголемиот земјотрес во историјата на човештвото - застрашувачки земјотрес со јачина од 9,5 степени, кој предизвикал цунами и ги натерал луѓето да го напуштат крајбрежјето во период од 1.000 години.

Земјотресот се случил пред околу 3.800 години во денешно Северно Чиле кога пукната тектонска плоча го подигнала крајбрежјето на регионот. Последователното цунами било толку моќно, што создало бранови високи до 20 метри и патувало сè до Нов Зеланд, каде што исфрлило камења со големина на автомобил, откриваат истражувачите.

Досега најголемиот земјотрес што некогаш бил регистриран бил земјотресот во Валдивија во 1960 година, кој го погодил јужниот дел на Чиле со јачина помеѓу 9,4 и 9,6 степени, убивајќи до 6.000 луѓе и испраќајќи цунами во Тихиот Океан. Пукањето што го предизвикало земјотресот во Валдивија било огромно и се протегало до 800 километри во должина. Но, како што наведуваат научниците во истражувањето објавено на 6 април во списанието „Сајнс адвансес“, новооткриениот древен мегаземјотрес бил уште поголем, доаѓајќи од пукнатина долга приближно 1.000 километри.

Како и земјотресот во Валдивија, и древниот земјотрес бил мегаземјотрес. Овие земјотреси се случуваат кога една од тектонските плочи на Земјата ќе се спушти под друга. Двете плочи на крајот се заглавуваат триејќи се, но силите што предизвикале судир на плочите продолжуваат да се зголемуваат. На крајот, точката на допир меѓу плочите се распарчува ослободувајќи енергија во форма на разорни сеизмички бранови.

Доказите за џиновскиот земјотрес биле пронајдени во морски и крајбрежни предмети - како што се приморските наслојки (камења, камчиња и песок во крајбрежните региони) и морските карпи, школки и морскиот свет - што истражувачите ги откриле раселени далеку во внатрешноста на Чиле, во пустината Атакама.

- Нашата археолошка работа покажа дека следувал огромен социјален пресврт бидејќи заедниците се преселиле во внатрешноста. Поминале повеќе од 1.000 години пред луѓето повторно да се вратат да живеат на брегот, што е неверојатно долго време со оглед на тоа што се потпирале на морето за храна - вели коавторот Џејмс Гоф, геолог на Универзитетот „Саутемптон“ во Англија.

Бидејќи ова е најстарото познато откритие на јужната хемисфера за земјотрес и цунами кои уништуваат човечки животи, истражувачите се возбудени за понатамошното испитување на регионот. Тие мислат дека нивното истражување би можело подобро да нè информира за потенцијалните опасности од идните мегаземјотреси.

- Иако ова имало големо влијание врз луѓето во Чиле, островите во Јужниот Пацифик биле ненаселени пред појавата на цунамито пред 3.800 години. Но, сите тие сега се населени, а многу од нив се популарни туристички дестинации. Така, кога следниот пат ќе се случи таков настан, последиците би можеле да бидат катастрофални, освен ако не научиме од овие наоди - рече Гоф.

Извор: Live Science
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука