Седум реномирани мултимедијални уметници од земјава и од странство учествуваат во уметничката резиденција, која од 12 до 31 август се одржува во Скопје. Ѓорѓе Јовановиќ, Владимир Лукаш и Шќипе Мехмети од Скопје заедно со Франциско Томшич (Уругвај/Словенија), Хулиета Ортиз де Латиеро (Аргентина), Татjана Коцмyр (Аргентина/Словенија) и Аугусто Гадеа (Уругвај) создаваат уметност и разменуваат искуства во рамките на темата на годинашната резиденција „Допир и простор“.
Уметничката резиденција ја организира Здружението за педагогија, промоција и заштита на културното наследство „Македонида“. Куратор на проектот е Гордана Велков, а Владимир Јанчевски е гостин куратор. Во соработка со уметниците тие ќе се погрижат да ги дефинираат тековните активности и контактите со локалната уметничка сцена. Хенрике фон Девиц од Германија ќе ja води документацијата за целокупниот престој и активностите на учесниците, а сите информации тековно можат да се следат на блогот
Touch the Space.
Во текот на двонеделниот престој уметниците, заедно со организаторите и кураторите, ќе се обидат да ги лоцираат точките на поврзување, преку интензивни дискусии, за да договорат заедничка програма која ќе се состои од презентација на нивните интереси и творечки фокус преку досега реализираните проекти.
Во текот на престојот предвидено е да се остварат средби со повеќе уметници и културни работници од локалната уметничка сцена за да се отвори можност за идни соработки, по што ќе следува јавната презентација на уметниците, како и настан во самата резиденција на кој пред пошироката јавност ќе бидат презентирани дел од нивните проекти.