Нападот на паника и срцевиот удар можат да имаат заеднички симптоми, како што се болка во градите, забрзано чукање на срцето и краток здив. И тоа може да биде застрашувачки бидејќи човекот не може да биде сигурен што се случува. Поради тоа, кардиолозите апелираат луѓето да се едуцираат за да прават разлика меѓу напад на паника и срцев удар бидејќи само така ќе знаат да побараат соодветна медицинска помош.
Напад на паника или срцев удар - клучни разлики
Нападите на паника се ненадејни, интензивни епизоди на страв или анксиозност кои можат да го достигнат својот врв во рок од неколку минути. Настануваат како одговор на стрес или страв, но можат да се јават и неочекувано.
Симптомите на напад на паника можат да бидат:
болка или непријатност во градите
забрзано чукање на срцето
краток здив (отежнато дишење)
потење
треперење или тремор
чувство на задушување
мачнина или непријатност во стомакот
вртоглавица или зашеметеност.
Иако можат да му се случат секому, паничните напади се почести кај лица со анксиозни нарушувања.
Како се препознава срцев удар?
Срцевиот удар настанува кога протокот на крв во дел од срцевиот мускул е блокиран, обично со крвно згрутчување. Оваа блокада го спречува дотокот на кислород до срцето.
Симптомите на срцев удар можат да варираат, но обично вклучуваат:
болка или притисок во градите
болка во вилицата
болка или непријатност во раката, грбот или вратот
болка или непријатност во желудникот
краток здив
ладна пот
мачнина
вртоглавица.
Ако се сомневате дека вие или некој во ваша близина има срцев удар, веднаш повикајте брза помош.
Клучни разлики во симптомите
Клучните разлики меѓу нападот на паника и срцевиот удар се согледуваат во тоа како се манифестираат на самиот почеток, но и во траењето на нивните симптоми:
Нападите на паника почнуваат ненадејно, го достигнуваат врвот за неколку минути и обично траат околу 20 до 30 минути.
Симптомите на срцев удар често почнуваат постепено и се засилуваат, траат подолго отколку симптомите на напад на паника и не исчезнуваат без лекарска помош.
Нападите на паника можат да се повлечат по земање лекови против анксиозност (анксиолитици), додека срцевите удари бараат итна медицинска грижа.
Нападите на паника можат да бидат предизвикани од одредени мисли или ситуации, додека надворешните психолошки фактори сами по себе не доведуваат до срцев удар.
Фото: magnific