X
 23.10.2020 Образование

Врвниот математички олимпиец Никола Велов и во пандемија дојде волонтерски да им помогне на нашите репрезентативци на БМО

Во Кина членовите на олимпискиот тим се ослободени од училиште речиси цела година, а имаат и автоматски упис на факултет за да можат целосно да се фокусираат на подготовките. Во Америка има многу подготвителни кампови и тие увезуваат тренери од целиот свет за да им помогнат на овие деца да се подготват што подобро. Во Македонија, пак, сите подготовки се последица на добрата волја и волонтирањето на поединци од СММ, вели математичарот Велов

Никола Велов е вундеркид во математика роден во Белград, по татко од Кочани. Нема поголема олимпијада на која не учествувал, а во последните години го има постигнато и најголемиот успех (во 2017 год.) за Македонија, освојувајќи бронзен медал на Интернационалната математичка олимпијада во Рио де Жанеиро.

Периодов тој волонтира во Скопје, дојден по покана на Сојузот на математичарите на Македонија за им да помогне во подготовките на нашите млади математички таленти што ќе учествуваат на Балканската математичка олимпијада, која ќе се одржи на 1 ноември.

Никола има 22 години. Откако ја завршил Математичката гимназија во Белград како еден од најдобрите ученици што добиваат Вукова диплома, Никола студира на Математичкиот факултет во Белград, на насоката Теориска математика и примена. Иако е трета година, однапред полага испити и од четврта. Вели дека ако биде сѐ во ред, планира да ги заврши основните студии еден семестар порано од предвиденото и да ја искористи таа пауза за да напише и да објави некој научен труд.


Никола во посета на Охрид

- Во трета и во четврта година на студии ја претставував Македонија на многу меѓународни натпреварувања. Сепак, најдраги впечатоци носам од Балканската математичка олимпијада во 2017 кога Македонија беше и домаќин на ова натпреварување и освоив сребрен медал. Меѓу другото, во 4. година бев и апсолутен победник на Македонската математичка олимпијада, а имам и разни медали од други регионални олимпијади за средношколци. Како еден од најдобрите математичари во генерацијата во Математичката гимназија во Белград, имам и договор за соработка со Математичкиот институт на Српската академија на науките и уметностите. Таму често одам да слушам предавања на математичари-гости од целиот свет, а и сам имам одржано неколку вакви предавања - вели Велов.


Велов на ИМО во Рио де Жанеиро во 2017 година


И на факултет продолжил да учествува на натпревари по математика, наменети за студенти. Трипати учествувал на Интернационалниот математички натпревар за студенти.

- Ова е едно од двете најголеми натпреварувања по математика за студенти во светот (другото е Putnam за американски студенти) и претставува Светско првенство за студенти по математика. Меѓу поранешните учесници на ова натпреварување има и добитници на Филдсов медал (награда која е еквивалент на Нобеловата награда во математиката). Учеството годинава е мој најдобар резултат досега. Во прва година освоив сребрен медал, а оваа и минатата година освоив златен. И в година планирам да учествувам – вели олимпиецот.

Како изгледаат подготовките со нашите олимпијци? Велов вели дека се фокусирани и работат под полна пареа секој ден. Тој се радува што и покрај ситуацијата, немаше пречки за да дојде во Скопје.

Никола Велов

- Друга среќна околност е тоа што поголем дел од испитите за четврта година ги положив однапред, па до крајот на факултетот имам уште само неколку испити. Поради тоа што и моите предавања се онлајн, стигнувам да ги следам и покрај работата со тимот. Учесниците на олимпијадата добиваат материјали, слушаат предавања онлајн, им организираме пробни натпревари и сл. Во последните неколку дена лично се среќавам со секој репрезентативец посебно за да видам кој до каде е и според тоа да направам оптимална стратегија за претстојната олимпијада. Се трудам на секој да му посветам многу внимание и да му помогнам да го постигне својот максимум. Овој месец ќе бидам максимално посветен на репрезентативците бидејќи мислам дека со добра подготовка сите имаат солидна шанса да освојат медал на БМО - категоричен е Никола и истакнува дека е голема честа да им помогне на младите математичари во земјава да го остварат својот потенцијал.

Велов вели дека по освоените медали за Македонија чувствувал како да треба некако да ѝ возврати на нашата математичка заедница. Овде децата се многу талентирани, но немаат еднакви услови за работа како, на пример, олимпијците во Кина или во САД, вели тој.



Никола заедно со македонската репрезентација на Балканската олимпијада во 2017 година

- Во Кина, на пример, членовите на олимпискиот тим се ослободени од училиште речиси цела година, а и имаат автоматски упис на факултет за да можат целосно да се фокусираат на подготовките. Во Америка има многу подготвителни кампови и тие увезуваат тренери од целиот свет за да им помогнат на овие деца да се подготват што подобро. Во Македонија, пак, сите подготовки се последица на добрата волја и волонтирањето на поединци од СММ. Јас на сличен начин се вклучив, кога од Сојузот ме контактираа при почетокот на минатата учебна година да ме прашаат дали би сакал да им помогнам. Јас и пред тоа имам испраќано предлози за олимписки задачи, а и ме познаваат уште од времето кога се натпреварував овде. Оваа година учествував во организацијата на Јуниорската македонска математичка олимпијада, па ова веројатно беше природно следен чекор - вели Никола.

Што и да прави во иднината, тој се гледа себеси како математичар во секоја смисла на зборот.



- Математичарите се навикнати да размислуваат логички и рационално, па од искуство знам да кажам дека математичарите се главно и добри луѓе, зашто често размислуваат дали тоа што го прават е праведно, пред сѐ. Мене ми е баш криво што во Македонија средношколците ретко размислуваат да студираат математика бидејќи сметам дека во неа има место за секој што ја сака. Јас би сакал да придонесам во развојот на математиката на нашите простори и да воведам некои области овде кои моментално активно се работат во светот, како што е, на пример, алгебарската геометрија. Исто така, мислам дека е многу важно да се работи на нејзината популаризација бидејќи овде често се мисли дека оној што студира математика може единствено да работи во школо и покрај тоа што математиката е едно од најголемите интелектуални достигнувања во човештвото уште од антички времиња. А за големи достигнувања во математиката, главен услов е да имате хартија, молив и желба да размислувате и да учите - споделува Велов.


 Тој ја посетува Македонија на речиси секои два месеца. Сака да поминува време со своите баба и дедо, пријатели, фамилијата. 

- Овде секогаш си поминувам многу убаво. Сум забележал дека овде, како никаде на друго место, можам да направам многу работи што ги сакам во еден ден и тоа е она што особено ми се допаѓа и ме радува - вели Никола.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование