Прозата на современиот македонски писател Александар Прокопиев е предмет на анализа во најновата едиција на реномираната историја на европските книжевности „Les Lettres Europeénnes“, која излезе од печат во Париз. Тој е застапен покрај авторите: Херта Милер, Елфриде Јелинек, Слободан Шнајдер, Мануел Ривас, Олга Токарчук, Биљана Србљановиќ, Јури Андрукович и Људмила Улицкаја.
По кусата биографија, во последното поглавје „Тенденции и современи фигури, 1989-2021“, следува анализа на поетиката на Прокопиев во „Човечулецот“ и „Ѕиркачот“, со цитирани мислења за неговата раскажувачка постапка од Владислав Бајац и Георги Господинов. Поетиката на Прокопиев се сместува во таа на инвентивни раскажувачи како Бартелми, Калвино.
Во ова капитално дело од речиси 1.200 страници, во 16 поглавја, најнапред се толкува и аргументира концептот на европската литература, а потоа се анализираат авторите, книгите и поетиките од средниот век до денес.