X
 25.02.2022 Наша тема

„Книга за секого! Подари книга за да продолжи да се чита“ - нова акција на Медицинскиот факултет во Скопје

Традиционалната крводарителска акција заврши, а сега подготвуваме акција за подарување на книгите/учебници на оние на кои тие им се потребни, а не се во можност да ги купат, вели студентката на медицина и нов претседател на Студентското собрание на факултетот, Ивана Балоска

Ивана Балоска од Скопје е студент на Медицинскиот факултет и претседател на Студентското собрание на факултетот. Во интервју за Факултети.мк нѐ информира за активностите и третманот на студентите на Медицинскиот факултет во Скопје, за дел од нивните понатамошни планови, како и за тоа во какви активности беа вклучени студентите за време на корона-кризата, за што вели:
- Голем дел од студентите беа вклучени во низа активности во кои покажаа храброст, помош и поддршка на докторите што работеа во ковид-центрите. Исто така, голем дел од нас, студентите, бевме вклучени и во процесот на масовна вакцинација што се одвиваше во спортската сала ,,Борис Трајковски“.



За тоа кои се плановите за понатамошните активностите на студентите откако е претседател на Студентското собрание, Ивана вели:
- Постојат голем број предизвици и планови кои се стремам да ги реализирам. Како пример би го издвоила проектот за ,,stres-free атмосфера“, кој преку дружба и разни активности се надевам дека позитивно ќе влијае врз анксиозноста, по оваа напорна јануарска сесија на студентите. Со УСС-УКИМ остваривме соработка со Клубот на млади пратеници каде што разговаравме за студентските барања и потреби и како може да ни помогнат во нивната реализација. Најголем акцент е ставен на грижата за менталното здравје, т.е. изнаоѓање институционален начин за воспоставување бесплатни психолошки служби за секој студент. Исто така, со УСС-УКИМ успеавме да го вратиме старото работно време на градската библиотека ,,Браќа Миладиновци“, односно читалницата да биде отворена 24/7. Во план е воспоставување соработка со собранието на Медицинскиот факултет при УГД во Штип. Ова претставува почеток на соработката на ФССМЕДФ со медицинските факултети во нашата држава, а се надеваме и пошироко.
Во периодов ќе организираме и настан ,,Книга за секого! Подари книга за да продолжи да се чита“, кој се надевам дека ќе има позитивен одѕив и ќе продолжи да се практикува во иднина. Настанот овозможува колегите кои дипломирале или се од постара студиска година да можат да им ги подарат своите книги на колегите на кои им се потребни, а не се во можност да си ги дозволат.



Треба да покажеме поголем интерес и иницијатива за да научиме повеќе


Во врска со тоа дали младите студенти доволно се подготвуваат и стекнуваат со знаења и стручност на Медицинскиот факултет, Ивана нагласува:
- Медицинскиот факултет е само основа за нашето понатамошно развивање во здравствени работници. Тоа се само шест години од нашиот живот што ги поминуваме вложувајќи во нашето образование за нашата идна професија што сме ја одбрале свесно и одговорно знаејќи дека утре ќе бидеме одговорни за нечиј живот. Сметам дека имаме добра подготвеност, но исто така сметам дека треба да покажеме и поголем интерес и иницијатива за да научиме повеќе и да се трудиме да го надоместиме тоа што не сме го совладале доволно во текот на студирањето. Како и да е, ни претстојат уште многу години учење до достигнувањето на нашата цел.



На прашањето колку беше успешна овогодишната крводарителска акција што традиционално се одржува кон крајот на годината, Ивана вели:
- Крводарителските акции се традиција на нашиот факултет. Во овогодишната акција под наслов „Хуманоста на испит“ беа вклучени сите факултети при УКИМ заедно со Институтот за трансфузиологија, а беше предводена од директорот на институтот, д-р Садула Усеини и прим. д-р Горан Андонов. Акцијата беше внимателно организирана и имаше голем успех. Ние, студентите на Медицинскиот факултет, го положивме испитот на хуманоста со висока оценка и во блиска иднина повторно ќе организираме крводарителска акција со која се надеваме дека ќе поттикнеме уште поголема заинтересираност кај младите за овој хуман чин. Би сакала да искажам особена благодарност до проф. д-р Горан Димитров, проф. д-р Соња Бојаџиева и другите професори што ја поддржаа оваа акција и даруваа крв заедно со нас, студентите.

На прашањето дали професорите се отворени за соработка со студентите, Балоска истакнува:
- Соработката што сум ја имала ми остави многу позитивен впечаток. Голем е бројот на професори што несебично и широкоградо нѐ поддржуваат и ни помагаат во остварувањето на нашите цели. Кога ќе дојде до ненамерно прекршување на некое право на студентот – преку заедничка соработка на ФССМЕДФ и Деканатот доаѓа до разрешување. Исто така, морам да кажам дека професорите објективно се трудат да ни излезат во пресрет дури и во ситуации кога не сме биле во можност да пристапиме на дадениот датум за испит, т.е. да ни дадат дополнителен термин (особено периодов кога епидемиолошката состојба беше позагрижувачка).
Подготвил: Христина Христовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема