X
 25.08.2022 Наша тема

Колекционерот Наум Робе спаси од исчезнување аналогни фотоапарати на стари мајстори, а од ѓубриште - професионални фотографии

Колекцијата брои над 50 фотоапарати, некои стари по повеќе од еден век, сите во функција, стотици фотографии, како и жичените инструменти на тајфата „Садиловски“ од Охрид.

Многу фотоапарати од врвни битолски мајстори на фотографскиот занает, како и стари професионално изработени фотографии ќе завршеа на ѓубриште или ќе им исчезнеше трагата ако не беше колекционерот Наум Робе од Битола да ги собере во својата ретка колекција. Тој дома создаде уникатен мини-музеј со над 50 аналогни фотоапарати, стари и по повеќе од еден век, но сите ги одржува исправни. Вредната збирка содржи стотици фотографии на кои се овековечени значајни личности, но и обични граѓани, а токму преку нив се раскажува приказната за градска Битола и историјата за развојот на македонската фотографија.

Апаратот на Манаки од 1903 година, на Карабатак, Зега и други

- Имам фотоапарат што му припаѓал на Манаки, а му го продал на некој белграѓанец. За вакви апарати на времето куќа се продаваше. Рачна изработка, се чекаше дури една година по нарачка за да се направат апаратите. Ова е „шамбаш“ од 1903 година од Париз. Има многу добар објектив. Во функција е. Да бидеш добар фотограф во тоа време требало да си мајстор на занаетот, да знаеш да наместиш брзина на сликата, фокус, цела една наука, а не како сега - сè е автоматско - вели Робе.

Фотоапаратот што му припаѓал на Манаки

Тој никогаш не се занимавал со фотографија, работи во архива во Клиничка болница во Битола, а по професија е психолог. Пасијата по фотоекспонатите започнала пред повеќе години кога на пазар купил три професионални фотографии од Трифун Карабатак, ученик на Милтон Манаки. По сплет на околности на Широк сокак го сретнал неговиот брат, врвниот мајстор на фотографски портрети Уни Карабатак, кој работел и во Белгија и во Америка. Му раскажал за ѕвездените времиња на битолската фотографија, што било чкорче плус во огнот што тлеел во него за колекционерство на слики и апарати.

Уни Карабатак

- Битола била град на фотографи, освен Манаки имало и други: Кермеле, Зега, Леонида, Ошавков, Пизна, Папакочевци, Карабатак, Јорго Бар - одличен за ретуш. Меѓу нив и Уни Карабатак, кој беше во Белгија и таму доби награда „Оскар“ за најдобра фотографија. Порано пребегал преку југословенско-грчката граница, па заминал за Белгија, а оттаму за Америка. Луѓето го прашувале: „Како успеваш да уловиш такви портрети?“ Им одговарал дека велел: „Малку ми си кисел“ и во тој момент лицето правело некоја експресија и така создавал ремек-портрети - вели Робе.

Магарево кога предавале Миладиновци

Збирката ја раскажува историјата на македонската фотографија

Ова движно богатство Наум макотрпно го собирал со години. Дел од предметите му се подарени, а дел ги купувал со свои пари. Некои успеал да ги собере од ателјеата пред затворање.

- Се случуваше да ги затвораат фотоателјеата. Камионот беше подготвен да фрли сè. Случајно минував оттаму и ги прашав да не имаат некоја фотографија. Ми рекоа: „Ги фрливме“. Потоа додадоа: „Чекај, во камионот“ , а таму ставени во кеси со рамки. И ми ги дадоа. Јас ги почестив со боза - раскажува колекционерот.



Во збирката има италијански аналогни фотоапарати берета, кампуси, воикландер, лајка, ретина и други. На сликите од колекцијата се  фотографирани битолчанецот Димитрије Лала, првата виолина во оркестарот на Рихард Вагнер, стариот планинарски дом на Големо Езеро на Пелистер, кој изгоре во седумдесетите години на минатиот век, па српскиот крал Александар Караѓоргевиќ во посета на врвот Кајмакчалан, фотографии од семејството Калаузи кое имало фабрика за механизми на кепенци, а од кое потекнува и еден од основоположниците на македонското здравство за интензивната нега и терапија, д-р Јован Калаузи.

Караѓоргевиќ во посета на Кајмакчалан

- Фотографии од Турци, Германци, Прва светска војна. Сите професионално изработени, а ќе завршеа на депонија. Доаѓаат граѓани, некој ќе си препознае член од семејството. Мене ми причинува големо задоволство што сум зачувал делче од нечија семејна историја, а со сето ова и голем дел од историскиот развој на македонската фотографија. Овде лежи материјал за проучување, за пишување учебници, убеден сум дека ова е вредно - додава тој.



Бугари сакале да ги купат инструментите на Садиловци, но не ги дал поради аманетот

Покрај аналогните фотоапарати, Наум може да направи и изложба на жичени инструменти од македонската чалгија. Кај него се инструментите од познатата охридска тајфа „Садиловски“, наречена по виолинистот Климе Садило. Трубадурите биле самоуки музичари и не знаеле ноти, но компонирале, пишувале и изведувале песни.

- Госпоѓата Милка, од која ги купив инструментите, ми раскажуваше дека имало и песна „Дали знаеш Султана дека на пролет ајдуци ќе ти дојдат“. За таа песна и в затвор ги ставиле. Пред повеќе години отидов во Министерството за култура. Ми рекоа ќе оделе да појадуваат. Си реков каде ќе одите, зарем не гледате дека од Битола идам. Немаа слух. Сакав да ги понудам да ги откупат и да бидат збирка во куќата на Робевци. Во Охрид отидов кај повеќето градоначалници, немаа слух, пари, па им реков дека јас со пари ги купив - вели Робе.



Досега го посетиле и две делегации од Бугарија кои барале да ги откупат инструментите и други предмети од колекцијата.

- Но, ме погодија зборовите на тетка Милка. Ми рече: „Науме, многу имам мерак да останат во Охрид.“ И не ги дадов, а можев добро да заработам. Треба институциите да водат грижа за националното богатство да остане тука - опоменува Наум.

По 15 години молење по институции да му се даде простор да ја изложи својата колекција, дури ова лето доби шанса и изложбата беше поставена во рамките на Битолското културно лето „Битфест“.

Фотографии: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема