Во 2014 година биологот Џон Вајнштајн заедно со неговите дипломирани студенти отишол во потрага по микропластика - мали парчиња деградирана пластика што истражувачите откриле дека се раширени низ природната средина.
Тимот се сместил во воениот колеџ „Цитадел“ во Чарлстон, Јужна Каролина, каде што Вајнштајн бил професор. Работејќи во крајбрежен град, тие очекувале да најдат барем мал дел докази за микропластика кои се влеваат во океанот. Така, примероците постојано се појавувале.
Голем дел од она што го собрале потекнувал од очекуваните извори, како што се распаднати пластични кеси. Но, повеќе од половина од парчињата биле црни, тубуларни и микроскопски, без очигледно потекло.
- Тие се издолжени, како цигари. Беше вистинска мистерија - рече Вајнштајн.
Заедно со неговите студенти набљудувале околу пристаништето во Чарлстон за случајно да не најдат црни пластични предмети, како мрежите за риболов, барајќи нешто за да направат споредба. Но, не нашле ништо со што би можеле да направат споредба. Откритието дошло кога нашле слична пластика во форма на цигара во вода веднаш до главниот пат. Тогаш им текнало што би можело да биде: ситни делови од автомобилски гуми.
Откритието не било шокантно како што отпрвин се чинело. Гумите всушност се меѓу најчестите пластични загадувачи на Земјата. Истражување од 2017 година од Питер Јан Коле на Отворениот универзитет во Холандија проценило дека гумите сочинуваат дури 10 отсто од целокупниот микропластичен отпад во океаните во светот.
Фото: Getty Images
- Гумите се скриен извор на микропластика во природната средина. Но свеста е на ниско ниво и моментално не постои алтернатива за гумите - напиша Питер Јан Коле.
Од што се направени гумите?
Илјадници години тркалата биле правени од камен или дрво, без потреба да се покријат. Подоцна се додавала кожа за да го омекне возењето, а кожата била заменета со цврста гума. Автомобилите биле измислени кон крајот на 19 век, а пневматските, односно воздушните гуми се појавиле подоцна.
Во тоа време гумите доаѓале од дрвја чие одгледување придонело за масовно уништување на шумите низ целиот свет. Но, како што дојде 20 век и автомобилите станале поевтини и чести, на светот му била потребна повеќе гума отколку што била достапна. Во 1990 година германскиот физичар Фриц Хофман, кој работел за германската хемиска компанија „Бауер“, ја измислил првата комерцијална синтетичка гума. Во период од една година материјалот се наоѓал во автомобилските гуми. До 1931 година американската хемиска компанија „Дупонт“ го индустријализирала производството на синтетичката гума.
Денес гумите се состојат од околу 19 проценти природна гума и 24 проценти синтетичка гума, што е пластичен полимер. Остатокот е составен од метал и други соединенија. Производството на гуми сè уште има големо влијание врз животната средина, почнувајќи од континуирано уништување на шумите до фосилни горива кои ѝ штетат на климата, користени за правење синтетички гуми за процесот на склопување. За создавање на современите автомобилски гуми потребни се 7 литри нафта, додека за гумите за камиони се потребни 22 галони.
Но, она што станува сè појасно е дека како што се трошат гумите, така тие исфрлаат ситни пластични полимери што често завршуваат како загадувачи во океаните или водните патишта.
Како се распаѓаат?
Моделите на шарите на гумите помагаат да се одреди стисокот на возилото на патот, како и ракувањето, маневрирањето и кочењето. Но, подобриот стисок значи и повеќе триење. И додека возите, абразијата предизвикува да се расипат делови од гумите.
Истражување открило дека Американците најмногу трошат гуми по глава на жител, а гумите во САД предизвикуваат околу 1,8 милион тони микропластика секоја година.
Колку од овој отпад завршува во водените патишта, зависи од многу фактори, почнувајќи од местото каде што се наоѓа патот до временските услови; дождот, на пример, може да предизвика повеќе честички да отидат во природната средина.
Откако честичките од гумата ќе стигнат до реките и океаните, можат да имаат забележителни ефекти врз морскиот живот. Биле најдени честички од гуми во жабрите и во цревата на ракчињата.
Траекторијата за користени гуми на многу начини е позитивна. На пример, рециклирањето на остатоци од гуми во производи како игралишта, спортски терени и градежни материјали драстично се зголеми со текот на годините. Здружението на производители на гуми во САД соопшти дека повторната употреба на гумите се зголеми од 11 отсто во 1990 година на 81 отсто во 2017 година. Но, процесот го вклучува она што се нарекува „горива добиени од гуми“ - горење гуми за енергија.
Научниците велат дека доколку се палат гуми во објекти специјално дизајнирани за задачата, може да се направи прилично чисто и е пристоен начин за повторно заробување на енергијата. Но гумите содржат високи нивоа на потенцијални загадувачи, како што се цинк и хлор, така што ако тие се палат во објекти за мешано гориво или без соодветни заштитни мерки, ќе се соочиме со голем хаос.
Дали работите може да се подобрат?
Гумите немале редизајн со децении, но од неодамна постои поголем притисок за развој на поодржливи опции. На пример, во 2017 година истражувачите од Универзитетот во Минесота пронашле начин да произведат изопрен, клучна состојка во синтетичката гума, од природни извори како трева, дрвја и пченка наместо од фосилни горива. Минатата година „Гудијар“ откри нова гума направена од рециклирана гума што има мов во средината, која е дизајнирана да заробува јаглероден диоксид додека патува.
Сепак, и делови од новите гуми може да завршат во природната средина.
- Немам сознанија за нова технологија за решавање на проблемот со гумите - вели Вајнштајн.
Но, гледа други, помалку директни начини за борба против проблемот. Површините на патот би можеле да се направат помалку абразивни или порозни за да помогнат во намалувањето или да помогнат да се соберат честички што се испуштаат при трошењето на
гумите.
- Мора да се направат повеќе истражувања - вели тој.