X
 26.01.2023 Наша тема

Колекционери на метални автомобилчиња - децата не смеат да си играат со нив, се чуваат во стаклени витрини, а секоја недела се трошат по 5 часа за да се пребришат

За повеќето луѓе, малите метални автомобилчиња се само играчки за деца, но за колекционерите во Македонија и низ светот, тие се страст, хормон на среќа и сентименталност.

За Аце Дејановски, Никола Серафимовски, Јовица Ѓелевиќ и Ненад Петровски од Die-Cast Club Куманово, минијатурните модели на автомобили се по помалку од сето ова и затоа решија првпат да организираат колекционерска средба на модели на автомобили.

На изложбата во Куманово беа изложени минијатурни метални колички од најразлични размери и со висок квалитет на изработка и модели на автомобили кои се појавиле во филмски класици како „Бетмен“, „Истерувачи на духови“, „Лудиот Макс“, „Враќање во иднината“, „Брзи и бесни“. Посетителите имаа можност да видат и минијатури на автомобили кои одбележале важни светски, политички, воени и спортски настани, а можеа да се најдат и автомобили кои се возеле по македонските улици во периодот од 50-тите до 80-тите години на минатиот век.



- Собирам колички десет години. Јас ја направив фејсбук-групата во 2018 година и имавме идеја да организираме ваков настан уште пред пандемијата. Во ноември 2022 со моите колеги Јовица и Ненад од Скопје одлучивме да организираме настан и искрено не се надевавме дека ќе дојдат луѓе во толкав број - вели Аце Дејановски, еден од организаторите и еден од најголемите колекционери на колички.

Oвие модели на автомобили популарно се нарекуваат „DIE-CAST“. Самиот израз доаѓа од начинот на кој се изработуваат. Се работи за процес на леење на некои видови метали како што се: легура на алуминиум, цинк или олово.



- Секој колекционер има свој размер на модел кој го собира. Јас собирам во размер 1:64, а моите колеги 1:43 и 1:24. Најчестите размери се: 1:18, 1:24, 1:32, 1:43 и 1:64. Јас собирам најмногу јапонски автомобили, како „нисан“, „датцун“ Е и „мазда“. Тие ми се пасија, иако имам и британски и германски модели – истакна Дејановски.

Моделите на автомобили постојат речиси исто колку и вистинските автомобили, односно ова хоби датира од крајот на 19 век кога се појавила првата продавница „Лесни“ во Британија од која подоцна произлегуваат „мечбокс“ количките.

- Пионер кај нас е Владимир Закоски Лауда, коj собирал автомобили уште пред триесет години и имал околу 800 примероци во време кога немало интернет. Сега е лесно, можеш да си нарачаш што сакаш на интернет и за брзо да си направиш своја колекција. А преку социјалните мрежи се договараме да се сретнеме на кафе, разменуваме колички, споделуваме искуства и полесно комуницираме. Преку свои канали во Србија наоѓаме и поретки модели затоа што во Македонија немаме испорака од „Амазон“ и „Ибеј“ - коментира колекционерот од Куманово.

Со развојот на индустријата растел и квалитетот на изработка на овие модели. Почнале да се произведуваат со внатрешни детали, па и со отворање на вратите, багажникот и хаубата за да се добие пореален минијатурен модел на вистинскиот автомобил.
Но, повеќе детали и лимитирана серија значат и поскапа колекција која е тешко да се најде.

- Најстариот модел што го имам е „мерцедес“ од втората генерација на моделот „е-30“од 1968 година од производителот „Мечбокс“. Случајно го најдов на „Фејсбук“, некој човек продаваше сет од десет колички и јас сите ги купив. Оваа има мала гребаница на покривот, но и таа има вредност.
Она што е зачувано многу има многу голема вредност. Поретките се поскапи, но и оние што се појавиле во некој филмски класик. „Тојота супра“ од првиот дел на серијалот „Брзи и бесни“ чини околу 100-150 евра затоа што имаше мала серија примероци. Количките од холивудските класици како онаа од филмот „Такси“ со Роберт де Ниро или „линколнот“ од „Скарфејс“ се скапи затоа што се изработени во помал тираж - објасни Дејаноски, познат под псевдонимот Хамато Јоши.



Во Македонија се среќаваат модели од „Бураго“, „Маисто“, „Хотвилс“ и „Мечбокс“. Разликата кај нив е во квалитетот на легурите и во ривалството, особено помеѓу „Мечбокс“ и „Хотвилс“.
Првиот има поголем квалитет во изработката и во деталите, но прави лимитирани серии. Секоја година по 125 модели, што е двојно помалку од моделите кои ги изработува „Хотвилс“, вкупно 255 модели од разни автомобили.

Дејановски купувал од сите брендови, но кога созреал како колекционер, почнал да купува поквалитетни колички од „Тармак“, „Норев“ и „Пара64“.

- Едно време имав 8.000 парчиња, но ги намалив. Имам изложено 450 најдобри парчиња од мојата колекција на специјална полица затворена со стакло. Имам и дупликати од моделот „датцу 510 караван“ кој го обожавам. Моделите мора да се затворени во стакло затоа што прашината е најголем непријател на количките. Затоа, денот недела го користам да ги пребришам количките заедно со моите деца. Целиот процес трае околу пет часа, но тоа е вистинско уживање за секој колекционер - истакна Дејановски.



Тој сподели и неколку совети за идните колекционери на „DIE-CAST“.

- Не постојат строги правила, важна е само љубовта кон моделите. Без разлика дали ги сакате автомобилите и камионите, возовите и трамваите, автобусите и приколките, воените возила или класичните играчки, ќе ви биде полесно да набавите модели кои соодветствуваат едни со други и на тој начин ќе ја збогатувате вашата колекција. Некои од моделите доаѓаат со фабричко куќиште. Предноста е што го заштитува моделот од прашина, што е еден од најголемите непријатели на овие модели - додаде тој.




Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема