Веројатно мислите дека вашиот црн дроб е во ред. Не пиете многу, немате прекумерна тежина и главно се чувствувате добро. Зошто тогаш би се грижеле за црниот дроб? Проблемот е во тоа што вашиот црн дроб можеби тивко се полни со масти токму сега, без вие да имате поим дека тоа се случува. А виновникот не е алкохолот, ниту дебелината. Виновникот е нешто што го имате во кујната и што најверојатно го консумирате секој ден без размислување.
Присутен во сè
Шеќерот е насекаде. Не само во слатките и газираните пијалаци, туку и во сокот што го пиете наутро, овошниот јогурт за кој мислите дека е здрав, утринските житарици... А според експертите за црн дроб, ова скриено консумирање шеќер поттикнува една од најбрзорастечките здравствени кризи, состојба на црниот дроб што од ден на ден ја имаат сè повеќе луѓе, а можеби и не знаат за тоа.
- Црниот дроб го преработува речиси сето она што го јадеме и пиеме. Кога внесувањето фруктоза и сахароза ќе стане прекумерно, особено фруктозата која се наоѓа во безалкохолните пијалаци, пакуваните сокови, пекарските производи, житариците за појадок, јогуртите со вкус и преработените грицки, црниот дроб го претвора тој вишок шеќери во масти. Со текот на времето, тие масти почнуваат да се акумулираат во клетките на црниот дроб - појаснува д-р Шалин Агарвал, специјалистка за трансплантација на солидни органи во болницата „Амрита“ во Фаридабад.
Заболуваат сè помлади, оние што не пијат алкохол и не се дебели
Состојбата се нарекува болест на замастен црн дроб. Формално, лекарите ја нарекуваат стеатозна болест на црниот дроб поврзана со метаболичка дисфункција. Бројките се алармантни. Се проценува дека болеста на замастен црн дроб погодува приближно 25 проценти од глобалната популација, односно дури секој четврти жител. А поради тесната поврзаност со дебелината и метаболичкиот синдром, зачестеноста на болеста континуирано расте.
Но, она што навистина вознемирува е тоа што многу од заболените не пијат алкохол, не се дебели и се релативно млади. Тоа веќе не е болест на алкохоличари, како што претпоставуваат луѓето кога ќе слушнат за оштетување на црниот дроб. Тоа ги погодува обичните луѓе, со нормален индекс на телесна маса, луѓе кои редовно вежбаат и кои мислат дека се грижат за себе. Таквите луѓе немаат причина да се сомневаат дека нешто не е во ред со нивниот црн дроб.
- Опасноста е во тоа што болеста на замастен црн дроб се развива тивко со години. Раните симптоми можат да бидат нејасни, како што се замор, надуеност, непријатност во стомакот или необјасниво дебелеење. А кога на црниот дроб ќе се развијат лузни, оштетувањето може да биде тешко да се поправи - вели д-р Агарвал.
Малку е доволно за зголемување на ризикот
Студијата објавена во списанието „ЏАМА нетворк опен“ го проучуваше консумирањето шеќер и здравјето на црниот дроб. Наодите беа едноставни и малку застрашувачки: луѓето што пиеле еден или повеќе засладени пијалаци дневно имале значително поголемо наталожување на масти во црниот дроб во споредба со оние што ги консумирале повремено. Не зборуваме за некој што се дави во газирани пијалаци. Зборуваме за еден или два пијалаци дневно. Еден сок, едно засладено кафе: тоа е доволно за да се направи разлика.
Фото: magnific