X
 30.11.2022 Култура

Хорор што ќе ви го уништи детството: Еленчето од „Бамби“ станува злобен убиец

Познатиот дизни-класик „Бамби“ со кој израснаа голем број генерации низ светот ќе биде претворен во хорор-филм наречен „Бамби: Пресметката“ (англ. Bambi: The Reckoning).

На проектот работи тимот кој работеше на хорор-верзијата на Вини Пу наречен „Вини Пу: Крв и мед“ (англ. Winnie The Pooh: Blood and Honey) чија премиера е закажана за почетокот на следната година. Снимањето на овој филм беше овозможено затоа што ликот на Вини Пу влезе во јавниот домен претходно оваа година, дозволувајќи му на секој да го користи во креативни медиуми без оглед на авторските права.



Студиото „Ај-ти-ен“ и „Џегд Еџд продакшн“ работат на крвавата верзија на „Бамби“, а Скот Џефри рече дека потпишал договор за режија заедно со режисерот Рис Фрејк-Вотерфилд.

- Филмот ќе биде неверојатно мрачен римејк на приказната од 1923 година која сите ја знаеме и ја сакаме. Инспириран од дизајнот користен во нетфликс-филмот „Ритуал“, Бамби ќе биде злобна машина за убивање што ќе демнее во дивината - рече Џефри.

Адаптацијата на „Дизни“ на Бамби беше премиерно прикажана во светските кина во 1942 година, како екранизација на австрискиот роман од 1923 година „Бамби: Животот во шумата“. Изворната приказна е во јавна сопственост од 2016 година, така што на режисерот не му е дозволено да користи ниту еден од елементите на Дизни во неговите ликови, вклучувајќи го и специјалниот прототип на ликот на Бамби. Затоа е невозможно да се предвиди како ќе изгледа оваа верзија на филмот.

Фрејк-Вотерфилд најави уште една хорор-адаптација на позната приказна од „Дизни“. Се планира снимање на мрачна верзија на Петар Пан во филмот наречен „Петар Пан: Кошмар во Недојдија“ (англ. Peter Pan: Neverland Nightmare).

Извор: Dreadcentral.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура