Симона Шенбакар израснала меѓу бетонските згради во Скопје и боровите шуми во Берово, дипломирала биохемија и клеточна биологија во Германија, каде што завршила две магистратури, влегувајќи меѓу најдобрите студенти од генерацијата. Сега е глобален продукт-менаџер во „Милтенји биотек“, приватна компанија чиј фокус е на неколку полиња, како имуноонкологија, регенеративна медицина, а сржта на бизнисот е патентираната MACS (Magnetic activated cell sorting) технологија, преку која се сортираат групи и подгрупи на клетки од една клеточна суспензија. Со неа поразговаравме за германското и македонското образование, можностите за развој и градењето кариера во Германија со две мали дечиња.
Симона, чие моминско презиме е Кафеџиска, има 33 години и е родена во Скопје, а израсната, како што вели, меѓу бетонските згради во македонската престолнина и боровите шуми во Берово, што според неа е добитна комбинација. Основно образование завршила во ОУ „Димитар Миладинов“ во Скопје, а средно во ПСУ „Јахја Кемал“. По матурата во 2007 година заминала да студира биохемија и клеточна биологија на Универзитетот „Јакобс“ во Германија. Магистерските студии по фармацевтска биотехнологија ги продолжила на Универзитетот во Хале, Витенберг, каде што магистрирала во најдобрите 5 отсто од групата. Овој прв циклус на образование го завршила во 2012 година. Но, во 2018 година решила да запише и втори магистерски студии, исто така во Германија, во Диселдорф, но овој пат на поинаква насока која се родила како интерес од нејзиното работно искуство - бизнис-администрација. Овие магистерски студии ги завршила во најдобрите 3 отсто.
Студирањето во Германија дава, но и зема многу
Желбата за природните науки ѝ се јавила уште како дете, а пресуден фактор да се занимава со наука биле нејзините родители, кои вложувале и финансиски и практично во нејзиниот развој, за што им е неизмерно благодарна.
За студирањето во Германија вели дека е чекорот кон нешто што неизмерно ја збогатило, но и ја изморило на лично ниво. Симона смета дека универзитетите се место каде што еден млад човек треба да научи како да размислува систематски и дедуктивно, да споредува и евалуира докази за одредена хипотеза и креативно да ги врами знаењата стекнати низ предавањата. Вели дека таа имала среќа да се најде на такво место уште на 18 години и да запознае колеги од целиот свет, но и да контактира со исклучителни професори и научници, што многу ја збогатило.
- Меѓутоа, сето ова доаѓа со многу, многу напорна работа, која може да земе голем дел од ноќите на еден млад човек. Има и голема жртва, а тоа е оддалеченоста од семејството и пријателите. Таа жртва трае доживотно, ако си одлучен да живееш надвор од родното место, и не е незначајна, особено ако ја ставиме во контекст на менталното здравје. Можеби зборувам многу субјективно кога велам дека студирањето на млади години во Германија ќе ти даде, но и ќе ти земе многу истовремено. Прашањето е дали можеме и како се носиме со одлуките што сме ги донеле - истакнува Симона.
„Голема е заблудата - еднаш професор, засекогаш професор“
Иако не верува дека може да направи веродостојна споредба меѓу македонското и германското високо образование, смета дека една мошне значајна, а навидум минорна системска разлика е тоа што ретко кој од македонските универзитети има институционализиран електронски пристап до најсовремена научна литература. Пред сѐ, кон најсовремените научни публикации и списанија, а потоа и посета на меѓународни конференции.
- Имам впечаток дека се учи претежно од книги и учебници и иако тоа не е погрешно, особено во првите години од студиите кога мора да се покријат некои основни концепти, анализирањето и читањето најсовремени научни трудови треба да е задолжителна задача за секој млад и поискусен научник. Размената и активната комуникација и воспоставување контакти со научни соработници надвор од земјата се многу важни за развој на знаењето. Кога тоа не е поддржано од целокупниот образовен систем како вредност, тешко е да се примени и практично во вежби или истражувачки проекти. Секој учесник во образовниот процес мора да биде научно описменет, а еден аспект од таа научна описменетост е способноста да ја евалуираме веродостојноста на одредени информации, што, пак, е можно преку читање современа научна литература - вели Симона.
Таа додава и дека ако целиме кон публикување во списанија со импакт фактор, мора да имаме првенствено непречен пристап до нив. Нагласува дека тоа е општа забелешка и дека е свесна оти има исклучоци.
- Голема е заблудата - еднаш професор, засекогаш професор. Јас мислам дека поточно е да гледаме на професорите како на доживотни студенти, кои самите учат секојдневно, но се посветени на пренесување на тоа знаење кон идните генерации. Професорот е должен да му ја пренесе модерната наука на новиот студент, а, пак, студентот да биде трудољубив и спремен да поставува прашања - нагласува Симона.
Вели дека Германија одвојува 3 отсто од буџетот за наука, што е многу повеќе од оние 0,3 отсто во Македонија. Според неа, Македонија може со инвестиции во човечки капитал, образование и иновации да стане еден вид технолошко-научна мека и со таа стратегија да има одржлив развој.
Идните студенти треба да бидат храбри, самоуверени и упорни
Симона ги советува идните студенти што сакаат да студираат во Германија најпрвин да одлучат што сакаат да студираат, а потоа да истражуваат. Како корисна ја посочува страницата
www.daad.de, каде што може да се најде голема дата-база на универзитети, насоки, стипендии и сл.
- Генерално земено, студиите во Германија, особено техничките и природните науки, се доста напорни и бараат целосна посветеност. Меѓутоа, постојат и многу системи на поддршка кои го прават студентскиот живот забавен и поедноставен: библиотеки, спортски објекти, пристојно опремени и чисти студентски домови и мензи, културно-забавни активности, многу студентски попусти. Она што гарантира понатамошно вработување, покрај успешното образование, е и проактивноста на самите студенти. Тука, пред сѐ, игра улога човечкиот фактор: студентите треба да се вмрежуваат, да ги шират своите професионални познанства, да развиваат комуникациски и лидерски вештини, да работат и на своето онлајн присуство (на пример, „Линкдин“), да посетуваат саеми за вработување, каде што многу компании изложуваат и се желни да ги запознаат младите. Процесот на наоѓање работа во Германија по студиите е макотрпен, како и секаде, меѓутоа, со јасна цел, план и вистински контакти, секако дека е можно. Срдечно би им препорачала на младите студенти да го земат овој неакадемски аспект најсериозно: шансите и можностите за успех произлегуваат неретко низ неформална комуникација. Да се биде отворен и храбар, самоуверен и упорен. Многумина се отворени да ја слушнат вашата приказна, ваша задача е да ги најдете оние што сакаат да бидат дел од неа - порачува Симона.
Со многу труд и знаење до глобален продукт-менаџер во „Милтенји биотек“
По магистерските студии во Хале, Симона се вратила во Македонија и работела во компанија за медицинска опрема како медицински советник за матични клетки, а потоа и како андролог во една приватна клиника. Потоа пак се вратила во Германија, каде што најпрвин работела во дијагностичка компанија за секвенционирање на човечки геноми и останати генетски анализи, каде што водела тим од неколку доктори и научници и била одговорна за одделот за медицински квалитет и медицинско советување. Од 2017 година работи во „Милтенји биотек“, приватна компанија чиј фокус е на неколку полиња, како имуноонкологија, регенеративна медицина, а сржта на бизнисот е патентираната MACS (Magnetic activated cell sorting) технологија, преку која се сортираат групи и подгрупи на клетки од една клеточна суспензија.
- Ваквата технологија наоѓа примена и во истражувачката академска работа, меѓутоа, е сѐ поприсутна и во клиничкиот бизнис, особено во имуноонколошката терапија на канцер. Затоа во моментот компанијата вложува доста ресурси во развој на нови клеточни и генски терапии, кои имаат потенцијал да бидат применети не само за лекување на пациенти од канцер, туку и за други тешки автоимуни заболувања, на пример, лупус - вели Симона.
Таа работи како глобален продукт-менаџер за портфолиото за машка плодност.
- Неодамна го презедов и портфолиото за лентивируси, технологија која веќе подолго време се користи за генско репрограмирање на клетки кои подоцна можат да се искористат во клеточна терапија. Задачите ми се претежно фокусирани кон развивање пазарни стратегии за овие портфолија, комерцијализација на производите и организирање клинички студии во соработка со одделот одговорен за тоа. Работам со најразлични оддели во фирмата и таа интердисциплинарност е нешто што најмногу ме привлекува во ваквите улоги - истакнува таа, додавајќи дека никогаш не би можела да биде сконцентрирана само на едно поле и секогаш сака да знае што се случува во различни области во биофармацевтскиот свет.
Симона го почнува денот со неизбежното кафе, па прави листа со задачи, што вели дека ѝ помага да остане фокусирана и организирана. На е-пораките одговора претпладне, а важните состаноци ги остава за попладне.
- Последните два часа од работниот ден најчесто ги оставам за концептуална и креативна работа: подготовка на битни регулаторни и проектни документи поврзани со клинички студии, или пак маркетинг-материјали, како брошури, или пак создавање содржина за веб-страницата за производот. Во текот на неделата задолжително одвојувам неколку часа за самонадградба: читање стручна литература, дали од научната или бизнис-сферата, нешто што е неизбежен дел од работните обврски кои често сама си ги наметнувам - раскажува Симона.
Објаснувајќи ни ја работата во компанија која е тесно поврзана со науката, таа истакна дека една клиничка студија бара неколку години работа, како и многу финансии и човечки ресурси. Притоа, процесот вклучува определување на болницата каде што ќе се врши клиничката студија, кои и колку пациенти ќе бидат вклучени во зависност од тоа во која фаза е студијата, колку долго ќе трае и кои терапевтски параметри ќе бидат набљудувани.
- Имуноонкологија, односно имунотерапија, е современ модалитет на третирање канцер, каде што се користи моќта на имунолошкиот систем на пациентот да го спречи, контролира и елиминира ракот. Преку имунотерапија, имунолошкиот систем е на еден начин едуциран да ги препознае и нападне канцерогените клетки – на сличен начин функционираат и вакцините. Ова е сосема поинаков и многу поскап вид терапија за разлика од класичната хемотерапија. Имунотерапијата може да се изврши преку моноклонални антитела, или пак клетки (Chimeric antigen receptor T cell – CART cells) кои се генетски манипулирани да го експресираат Т-клеточниот рецептор, кој е протеински комплекс што се наоѓа на површината на Т-лимфоцитите. Преку комплексни молекуларни механизми, накратко овој рецептор е одговорен за препознавање на антигените или фрагменти од антигените од туѓото тело, во случајов канцер. Антигените можеме да ги дефинираме како еден вид сигнали што канцерогените клетки ги испраќаат во телото, а пак Т-клеточниот рецептор ги препознава и му дава понатамошни насоки на имунолошкиот систем да ги уништи канцерогените клетки. Еден начин да се добијат генетски манипулираните CART-клетките е преку CD19 лентивирусни вектори. (За оние што се заинтересирани што точно претставува кратенката CD, (cluster of differentiation) како и бројката 19, би ги насочила кон
овa кратко видео.) Но, накратко: во генската терапија лентивирусните вектори се алатка која ни овозможува да инсертираме, модифицираме или целосно да отстраниме одреден ген во клетката од интерес. A она што го знаеме од поновите клинички студии е дека CAR Т-клеточните терапии дизајнирани со употреба на лентивируси покажуваат забележителен клинички успех кај пациенти со одредени малигни тумори. Овие охрабрувачки резултати, всушност, овозможија и дел од ваквите терапии да бидат одобрени од регулаторните тела во САД. Во моментов голем број земји и во Западна Европа вршат клинички студии со генетски конструирани клеточни терапии со употреба на лентивирусни вектори, а дел од нив се и со лентивируси произведени од „Милтенји биотек“ каде што работам - објаснува Симона.
Иако веќе пет години е во компанијата, таа смета дека сегашната позиција е резултат на сè што досега научила и сработила, истовремено чувствувајќи благодарност кон сите луѓе што ги запознала и што инвестирале во нејзиниот потенцијал. Со текот на годините научила да менаџира со човечките релации и сега е горда на тоа бидејќи смета дека природата на врските со колегите е предиктор за тоа дали работата ќе биде извор на задоволство или фрустрација.
- Жртвите што се поврзани со овој напредок се, пред сѐ, на едно посуптилно и можеби навидум неочигледно ниво: личниот раст доаѓа со збогување од некои претходно научени ментални рамки, навики, кои не ни одат во корист. За мене најголемата жртва, покрај оддалеченоста од поширокото семејство, беше и прифаќањето на фактот дека можам многу да научам од оние за кои сметам дека всушност немаат ништо да понудат. Ова не звучи како жртва, но во реалноста кога треба да го направиме тоа, жртвуваме дел од некој претходно самонаучен идентитет, а за многумина тоа може да е макотрпен пат. Сакам да напоменам дека ова е процес кој трае, учењето не завршува никогаш - вели Симона.
Бројот на парови на кои им е потребен медицински третман поврзан со неплодност е во постојан раст
Со оглед на тоа дека е навлезена во секторот, ја прашавме Симона во кој правец оди светот во однос на ин витро оплодувањата, а таа ни објасни дека највпечатливо во последната деценија е тоа што бројката на парови на кои им треба медицински третман поврзан со неплодност, на пример, ин витро оплодување, е во константен раст. Тоа создава и голем притисок, но и мотивација во научното поле за пронаоѓање нови видови третмани и дијагностички алатки.
- Сметам дека покрај конвенционалните терапевтски понуди како инсеминација и ин витро, на голема врата доаѓаат персонализираните генетски анализи, кои се одвиваат на неколку нивоа. Генетски дијагностички анализи на паровите за да се утврди дали постои генетска заднина на патологијата, но и на самите ембриони, нешто што се нарекува преимплативна генетска дијагноза. Информацијата што ја добиваме од овие анализи претставува моќна алатка за докторот бидејќи може да помогне во определување на точната терапевтска стратегија за парот, при што можат да се заштедат многу пари и време. Исто така, голем е напредокот и во техниките поврзани со машката неплодност, тука пред сѐ станува збор за техники кои целат кон селектирање на здрави сперматозоиди, кои, пак, се исклучително клучни за развој на здрав ембрион. Овој напредок, за жал или за среќа, произлегува од фактот што машката неплодност е во голем раст во глобални рамки. Статистиките говорат дека близу 50 отсто од паровите што не можат да создадат потомство имаат проблеми со машкиот фактор. Постои и голем развој во користењето алатки со вештачка интелигенција, автоматизација и персонализиран пристап кон пациентот. Затоа верувам дека полето ќе бележи големи новитети не само во однос на методите што се користат за оплодување и култивирање на ембриони, туку и во самата техничка опрема која се користи во лабораторијата, како инкубатори, автоматизирани процеси на процесирање примероци, кои ќе имаат цел да спречат човечки грешки и ќе ја зголемат контролата на квалитетот во ИВФ лабораторијата - ни објасни Симона.
Германските компании не се демократии, туку автократии
За крај ја прашавме како се напредува во кариерата во Германија со две мали дечиња, а таа низ смеа ни одговори дека сè уште не го знае одговорот на тоа прашање.
- Мислам дека не е поразлично од каде било во светот: се сведува на добра професионална и приватна организација, строгост и свесност во воспоставувањето приоритети и придржување до нив, како и распределба на домашните обврски меѓу партнерите, се разбира, и помош однадвор ако ја има. Исто така, помагаат и позитивната енергија и хуморот - вели Симона.
Сепак, додава дека мора да сте подготвени за прифаќање навидум нефер ситуации како реалност.
- На пример, за разлика од нашите општества, фирмите не се демократии, дури и кога сакаат да се претстават дека се. Тие се еден вид автократии. Ако една фирма чека да го праша секој еден вработен што мисли за одредена одлука што треба да се донесе, тогаш многу е веројатно дека никогаш нема да се донесе таа одлука, а фирмата мора да се развива. На лично ниво, ова звучи сурово. Но, сметам дека сфаќањето на тој политички елемент во германските фирми, дека постојат неизречени, а сеприсутни хиерархии, како и моментот дека секоја компанија има своја култура, е клучен за напредок. Мора да бидеме спремни да прифатиме дека напредокот во една компанија зависи од тоа колку добро умееме да пливаме во тие политички води, а притоа да не изгубиме дел од својот интегритет и етос. Тоа е возможно, но не се учи преку ноќ. Бара мудрост која доаѓа низ искуство или, пак, директно менторство од некој поискусен - вели Симона.
Таа смета дека е во многу привилегирана ситуација за разлика од многумина бидејќи градинката за нејзините деца е во рамките на компанијата во која работи, па тоа ѝ заштедува многу време, што може да го вложи во работата, што, пак, на долгорочен план резултира со напредок.
- Од овој аспект, две работи се битни: да најдеш работно место кое поддржува одреден баланс меѓу семејството и работата, како и партнер кој е спремен да ги поддржи амбициите. Ако овие два услова не се исполнети, Германија знае да биде многу сурова кон семејствата со мали деца затоа што социјалната инфраструктура, за жал, не е скроена да биде од помош кон млади семејства, а тоа се гледа преку големиот број деца што не можат да добијат места во градинка затоа што нема доволно капацитет. Многу млади родители, најчесто мајки, се принудени да ја паузираат кариерата поради овој исклучително иритирачки момент. Бидејќи сум свесна за положбата на многу други семејства околу мене, овој период од животот го минувам со една голема благодарност за сето она што ми овозможува да се концентрирам на битните работи во животот: здравјето и среќата на моето семејство и кариерата - заклучува Симона.
Фото: приватна архива