Кога барон Пјер де Кубертан го основал Меѓународниот олимписки комитет во 1894 година, тој одлучил една од мисиите на модерната Олимпијада да биде „обединување на силата и умот“. За баронот, олимписките игри не треба да бидат само за физичките атлетичари, ами и за спортови на умот. Малку се спортовите на умот кои се подобри од уметностите.
Од 1912 до 1948 година, во седум олимписки игри, биле доделени повеќе од 150 олимписки медали за уметнички натпревари.
Кубертан секогаш им се восхитувал на древните Грци кои успевале да го комбинираат класичното и физичкото образование. Затоа, сакал да вклучи поинакви спортови во дотогашните игри.
Уметничките
натпревари конечно станале дел од Олимпијадата во игрите во Стокхолм, Шведска, во 1912 година. Повеќе организации биле против оваа новост, но баронот бил решен тие да станат дел од игрите и успеал да се избори за нивно вклучување. Уметноста станала официјален олимписки „спорт“.
Биле планирани 5 категории: архитектура, музика, сликање, скулптура и книжевност. Сите дела кои учествувале на натпреварите морале да бидат оригинални и директно инспирирани од спортот. Поради премалку учесници не биле доделени медали во 4 од 5 категории.
На Олимпијадата во Амстердам во 1928 година биле примени повеќе од 1.100 дела. Уметничките натпревари биле хит.
Баронот се откажал од местото во Меѓународниот олимписки комитет во 1925 година. Тој починал во 1937 година. Поради Втората светска војна не биле одржани игрите во 1944 година, па Олимпијадата во Лондон во 1948 година била последната каде учествувале и уметниците. Сите биле загрижени за аматерскиот аспект од правилата.
Имено, само аматери имале право на учество, а редовно учествувале и биле наградувани уметници кои заработувале од она што го творат. Ова ги загрижувало официјалните лица со години.
Во 1952 година, дефинитивно било решено да се отфрлат уметничките натпревари од олимписките игри.