X
 02.05.2022 Наша тема

Нов тренд на Балканот - хортикултурни библиотеки ја спојуваат љубовта кон литературата и кон растенијата

Седиштето на мрежата на хортикултурни библиотеки од пет балкански држави е во Битола, а поврзаноста ја покрена библиотекарот Мирко Марковиќ, син на српски филолог и голем вљубеник во македонскиот јазик.

Во Битола да најдеме некој денешен Милтон Манаки, всушност, ученик кој наместо со камера 300, со својот мобилен телефон ќе сними видеоматеријал како документарец за садењето и растењето на цвеќињата. Но, тоа да не биде за кои било цвеќиња, туку за оние што учениците ќе ги засадат низ градските жардиниери. Потоа училиштето ќе се задолжи да се грижи за нив така што учениците ќе прочитаат соодветна литература како се прави тоа. За децата ќе биде гордост да кажат „тоа цвеќе го посадив јас“. Така во жардиниерите нема да има ѓубре, туку цвеќиња.

Како во жардиниерите да има цвеќиња, а не ѓубре?

Ова е само еден од креативните примери за хортикултурните библиотеки и нивното поврзување со училиштата, природата и екологијата што ги даде Мирко С. Марковиќ, библиотекар и основач на регионалната мрежа на хортикултурни библиотеки од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора.

Тој беше почестен гостин на смотрата на хортикултурни библиотеки што деновиве се одржа во Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола. Марковиќ, кој е еден од најквалитетните библиотекари на Балканот, рече дека мрежата сега има свој роден крај, Битола, како и своја химна „Битола, мој роден крај“. Таа му била омилена песна на неговиот татко, познатиот српски писател и филолог Слободан Ж. Марковиќ, кој бил меѓу првите што придонеле за отворање катедри на македонски јазик надвор од Македонија.


Мирко Марковиќ

- Многу ја сакаше Битола. Шест месеци таму другаруваше со Славко Јаневски. Потоа замина во Велес и ги направија Рациновите средби, па престојуваше во Скопје и на крај отвори една од првите катедри за македонска книжевност надвор од Македонија - рече Марковиќ.

Библиотеките - посредник во современото еколошко живеење

Хортикултурните библиотеки се нов тренд во библиотечното работење, поддржан од Интернационалната федерација на библиотеки ИФЛА (International Federation of Library Association) и составен дел на Агенда 2030 на Обединетите нации, која промовира програми за развој на т.н. паметни градови посветени на еколошки содржини. Инаку, хортикултурата има долга традиција уште од времето на Персија. А хортикултурните библиотеки се специјализирани за зачувување и собирање литература и материјали за растенијата. Нивна цел е книгите од областа на ботаниката, екологијата, да ги направат достапни за оние што истражуваат на овие теми, научници и обични граѓани кои сакаат да читаат и да користат стручни совети.

- Концептот се состои во запознавање, користење и практична апликација на знаења за литературата од областа на ботаниката, како и промовирање литература од истата област. Со тоа библиотеките го унапредуваат квалитетот на своите услуги преку поголемо користење на фондовите и обликување позитивна свест за уредување на работни и животни простори, креирање нови библиотечни програми. На тој начин библиотеките стануваат своевиден посредник во изградбата на современото и еколошко живеење - рече Бојан Стефановски, директор на Универзитетската библиотека од Битола.


Бојан Стефановски

„Каранфило филфило моме“ е повеќе од песна

Голем е бројот на библиотеки низ светот што имаат богати збирки на ботаничка литература, хербариуми, библиотеки на семиња, музички записи, збирки на стари записи, рачни изработки... Но, сега се вклучуваат и нови програми за еколошки теми и живот во хармонија со природата. Ваквите библиотеки, врз основа на хуман принцип, ќе го поврзат Балканот.

- Низ различни програми со најмладите и возрасните преку цвеќињата и хортикултурата да се направи приказна. Дали некој знае во поезијата од македонската книжевност во кои песни се споменува цвеќе, па во кои српски песни, па преку песната да се поврзат народите. Во Македонија тоа е „Карнафило филфило моме“, а како е во другите земји? Дали знаеме дека едно цвеќе во една земја значи радост, а во друга тага. Тоа е можност да се поврзат културите со нешто што го знаеме, само треба да дојдеме во библиотека и да го провериме тоа. Основата на сето тоа е да дојдеме во библиотеката поради хортикултура - додава Марковиќ.



Дигитален хербариум

Се стекнува впечаток дека хербариумот денес е малку потиснат начин за комуникација со природата. Но, затоа може да се направи дигитален хербариум.

- Го сликаме цветот со мобилен телефон, оној истиот што го има нашата баба во дворот или што го сплетила на завесата од прозорецот. Бараме во библиотека како се кажува на латински, па дали го има на други места на Балканот - додаваат библиотекарите.

Ваквите идеи овозможуваат голем број библиотеки од различни места да се поврзат меѓу себе и да направат ботанички мозаик зашто секое место со своето геоботаничко опкружување е приказна за себе.

- Работиме на тоа таа литература да се користи зашто сите оние што се занимаваат со оваа струка на вистински начин знаат дека на секои пет години се прави ревизија на книгите. И по пет години книгите што не се читаат се тргаат. Ние се обидуваме да ги оживееме тие книги - додаваат библиотекарите.




Соработка на РЕК и Колубара за рекултивација на земјиштето

Преку оваа мрежа на библиотеки, воспоставена е соработка за рекултивација на земјиштето каде што некогаш имало одлагање на пепел меѓу РЕК „Битола“ и „Колубара“, Лазаревац, компании кои обезбедуваат најголемо производство на јаглен и струја во Македонија и во Србија.

- Библиотеката има импакт во сите слоеви на општественото живеење. Има нови концепти и иновативни проекти. Ние воспоставивме контакт и со раководството на рударскиот басен Колубара, најголем рудник и снабдувач на електрична енергија во Србија. Врската меѓу РЕК и Колубара би била за рекултивација на земјиштето. Имавме состаноци и се работи на тоа, по примерот на Колубара, земјиште кое не е плодно, каде што се одлагаат тие непотребни материи, да се рекултивира и во РЕК - рече м-р Јелена Петровска, библиотекар советник и програмски раководител во НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Битола.


М-р Јелена Петровска

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема