Уште една недела може да се аплицира за ученички стипендии во учебната 2020/2021 година. Конкурсите се објавени на интернет-страницата на Министерството за образование и наука, а потребните документи може да се поднесат или преку архивата на МОН (хартиен формат) или електронски преку интернет-платформата www.konkursi.mon.gov.mk. Конкурсот трае заклучно со 9 ноември.
Кандидатите што ќе аплицираат електронски немаат обврска да ги достават документите во хартија и обратно - учениците кои поради каква било причина немаат можност или нема да одберат да аплицираат електронски, ги доставуваат документите само во хартија во МОН, а апликацијата ќе се смета за валидна и ќе биде предмет на разгледување од надлежните комисии.
- Имајќи ја предвид актуелната епидемиолошка состојба во државата, во интерес на заштита на личното здравје, а со тоа и заштита на јавното здравје, апелираме до потенцијалните кандидати за стипендии да го искористат електронскиот начин на поднесување на апликацијата, кој е безбеден, но и поедноставен во однос на доставата на документите во хартиена форма во просториите на МОН - велат од Министерството.
Од оваа учебна година обезбедени се и неколку дополнителни категории на стипендии за учениците од средното стручно образование, покрај вообичаените стипендии за: социјална поддршка на ученици, талентирани ученици, талентирани ученици-спортисти, деца без родители, ученици со посебни потребни, за ученици запишани во ДСУ „Спортска академија“, за ученици Роми и за ученици од угостителско-туристичката струка. Можност за аплицирање за стипендија имаат и учениците од машинска, земјоделско-ветеринарна, текстилно-кожарска, електротехничка и градежно-геодетска струка.
Изборот на овие струки е направен врз основа на истражување за потреба од вештини на пазарот на трудот во земјава за 2020 година, спроведено во соработка со Агенцијата за вработување.
Покрај конкурсите за доделување ученички стипендии, во тек е Конкурс за поврат на средства за купен музички инструмент за учебната 2020/2021 година, со кој на 25 ученици, запишани во државните средни училишта во кои се реализираат планови и програми за музичка уметност, а кои ќе ги исполнат конкурсните услови, МОН ќе им изврши поврат на дел од средствата за купен музички инструмент во висина од 75% од исплатените средства, но не повеќе од 100.000 денари по инструмент. Аплицирањето трае 60 дена од денот на објавата на конкурсот.