Лажни дојави за бомби изутринава беа упатени на електронска пошта на три скопски основни училишта.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека биле направени сите потребни проверки во врска со денешните пријави од училиштата во Скопско кои добиле порака на електронската адреса со закана за поставена експлозивна направа и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
- Денеска (2.12.2022) околу 7.30 часот во СВР Скопје е пријавено дека на електронски адреси на три основни училишта во Скопско е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави - известуваат од МВР.
Во текот на вчерашниот ден закани за поставена експлозивна направа преку е-пошта беа упатени и до две основни училишта, „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4 и „Кочо Рацин“ во Центар, како и до осум средни училишта во Скопје.
Извор: МИА