Академик Панче Наумов минатиот месец стана полноправен член на Европската академија на науките во Одделението за хемија. За членство во Европската академија на науки бил номиниран од ланскиот добитник на Нобеловата награда за хемија, Омар Јаги, професор на Универзитетот „Нортвестерн“ во САД.
Професор д-р Наумов од Штип е еден од македонските научници што се на листата со 2 отсто највлијателни научници во светот што ја објавува Универзитетот „Стенфорд“. Наумов во моментов е универзитетски професор на универзитетите „Њујорк“ и „Њујорк Абу Даби“. Тој е член на две други академии на науки – надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и полноправен член на Националната академија на Обединетите Арапски Емирати. Исто така, тој е визитинг-професор на Универзитетот „Харвард“ во САД.
За своите научни достигнувања, Наумов има добиено многу награди, меѓу кои наградата „Александар вон Хумболт“ од Германија, специјална награда од Универзитетот од Пекинг и златна виза за посебни заслуги за државата од Обединетите Арапски Емирати.
Станавте член на Европската академија на науките, колку Ви значи оваа награда со оглед на тоа што Ве номинира нобеловец?
- Најпрвин би сакал да ви се заблагодарам за вашиот интерес во врска со ова признание. Многу ми е драго дека во државата од каде што потекнувам, Македонија, веста беше примена со поддршка и почит, и тоа на многу нивоа. Членството во Европската академија на науките претставува високо признание од страна на меѓународната научна заедница за мојата долгогодишна работа од над две и пол децении во областа на хемијата и науката за материјалите. Секако, задоволството од тоа што една од највлијателните научни организации го препозна значењето на резултатите на мојот тим е огромно, не само затоа што со ова членство добиваме претставник во една од најпрестижните асоцијации на научници во Европа, туку и во светот. Инаку, процедурата на номинација се состои од номинација од постоен член на Академијата и препорака на двајца други академици. Ми беше особена чест што мојата номинација беше поднесена од професор Омар Јаги, кој е еден од тројцата добитници на Нобеловата награда за хемија минатата година, а номинацијата беше поддржана од академици од Франција и од Финска. Секако, за мене тоа е особено важно затоа што во таков случај номинацијата носи посебна тежина и претставува признание од еден од најугледните и највлијателни хемичари во светот. Истовремено, тоа е и своевидна илустрација на важноста на поддршката на помладите колеги од страна на поетаблираните колеги, нешто што во науката води кон континуитет и градење заемна доверба и почит.
Вие сте меѓу највлијателните научници во светот, тешка ли е одговорноста да се носи овој успех?
- Секако, да се биде дел од таа елитна научна институција носи одредена одговорност, но одговорноста ја сметам повеќе за мотивација отколку за вистинска одговорност. Мотивацијата доаѓа од намерата да се одржи или дури да се подобри квалитетот на она што го продуцираме, да се напредува и да се прошират областите во кои истражуваме, да се постигне повеќе и да се направи светот малку подобар. Иако тоа можеби звучи идеалистички, вистинскиот поттик во науката е љубопитноста и стремежот да се разоткријат тајните на природата, да се осознае повеќе, да се подобри нашето суштествување. Овде би сакал да го истакнам можеби поважниот аспект од моето членство, а и поопшто од привилегијата да се биде дел од научната заедница, а тоа се придобивките со моето учество во работата на Академијата - добиваме пристап до контакти со еминентни научници од целиот свет (академици во академијата не се само научници од Европа), пристап до информации, можност да се учествува во креирањето истражувачки политики преку советодавни тела, учество и презентации на научни манифестации, учество во иницијативи за меѓународна соработка, пристап до информации за фондови за научноистражувачки проекти и други форми на активности кои колективно придонесуваат за понатамошна промоција и видливост, не само на мене како научник и наставник, туку и општо, на мојот тим, научната заедница со која работам. Сето ова значи многу за мене како професионалец, но исто така и за моите соработници, како и за моите ментори, без кои овој колективен успех не би било возможен.
Кога осознавте дека главната тема на Вашиот научен интерес ќе биде хемијата, односно од каде и кога се појави љубовта кон неа?
- Интересот за хемијата се појави некаде во основно училиште, кога почнав да се интересирам за математика и природните науки. Како и многу други, мојот најдобар учител беше мајка ми, која тогаш имаше многу трпение да работи со мене и да ме воведе во тајните на природата. Во тој период јас бев дете кое се интересираше за природни науки, и за математика и за уметност –истражувачки дух кој сакаше да осознава, да твори и да истражува. За тоа сведочат и многубројните награди, признанија и медали што ги имам добиено на национални и меѓународни натпревари, вклучително од Јапонија, Индија, Финска и други држави. Целосната реализација на тој потенцијал не би била возможна без безрезервната поддршка од моите родители, нешто за што засекогаш ќе им бидам благодарен. Поддршката од најблиските, пријателите и професорите секако беше многу важен дел од тоа патување од скромни услови и гимназиската лабораторија во гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип (која ја завршив една година порано), преку многу солидната обука што ја стекнав благодарение на професорите на Институтот за хемија при ПМФ во Скопје, а особено поради академик проф. Глигор Јовановски, мојот најдобар ментор кој многу рано го препозна мојот потенцијал во времето кога бев студент на ПМФ. Професорот Јовановски засекогаш ќе биде дел од мојот пат како човек кој ме воведе во научната работа на универзитетско ниво, и личност од која јас и многу други многу сме научиле. Тие принципи, кои се универзални во научната работа, се нешто што бара многу време и трпение, нешто што го има сѐ помалку во академската заедница денес, каде што фокусот е поместен, особено во врска со напредната инструментализација и притисокот за квантитет во научната продукција.
Колку Вашите научни трудови Ве афирмираа во светот, но и ПМФ како извор на талентирани истражувачи?
- Јас ја имав честа да бидам назначен за насловен доцент при Институтот за хемија во 2006 година, а во 2009 година бев унапреден во насловен редовен професор. Од неодамна сум надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите. Исто така, јас сум член на уредувачките одбори на Македонското списание за хемија и хемиско инженерство (Macedonian Journals of Chemistry and Chemical Engineering), како и Прилозите на МАНУ (Proceedings of the Macedonian Academy of Sciences and Arts), а член сум и на Центарот за животна средина и материјали при МАНУ и на одборот на Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања при УКИМ. Сите овие улоги се многу важни за одржување на моите контакти со моите колеги од Македонија. МАНУ како афилијација се појавува на сите мои трудови, а со тоа и името на државата, а тоа значи огромна промоција во списанија каде што понекогаш факторот на влијание достигнува повеќе од 60. Покрај тоа, моите врски со моите колеги придонесоа за организација на научни конференции во Македонија, на пример, Интернационалната конференција за хемија на цврста фаза во 2022 година или Европската школа за кристалогифија во 2025 година, и двата настани организирани во прекрасниот Охрид, кој е и мојот нов дом. Покрај тоа, за одбележување е организацијата на Првата конференција на МАНУ за материјали, организирана во Скопје во 2023 година, каде што пленарно предавање одржа нобеловецот Дан Шехтман. Сето ова не ќе беше можно без огромната поддршка на колегите од Институтот за хемија, ПМФ и МАНУ.
Кое е Вашето поле на најголем интерес во хемијата и дали некој од Вашите научни трудови најде примена во практиката?
- Истражувањата во мојата лабораторија покриваат многу широк дијапазон на научен интерес. Мојата специјалност во полето на хемиските науки. Областите на мојот сегашен научен интерес и истражувања се материјалите и хемијата на цврста состојба, а мојот поспецијализиран интерес се дизајн, синтеза, карактеризација, оптимизација и имплементација на нови паметни кристални материјали. Потесната област на мојот научен интерес се таканаречените динамични молекулски цврсти супстанции, кои може да се користат како материјали за претворање на светлина, топлина или друг вид енергија, а кои имаат потенцијална примена во органската електроника, меката роботика, биомедицината и други области. Науката за материјали е една од најбрзорастечките области во науката воопшто, а искуството со приготвување, карактеризација, оптимизација, моделирање и имплементација на нови материјали со предвидливи, корисни и конкретни својства со намена за конкретни примени во практиката е една од основните компоненти на истражувачки интерес во светот во таа насока.
Четирите главни области на мојот досегашен интерес може да се опишат како паметни кристални материјали, фотокристалографија, био/хемилуминесценција и петролеомика (наука за нафтата). Најголем дел од мојата научна актива се однесува на првата област, т.е. нови материјали со необични својства, а особено нов тип на динамични кристални органски материјали. Некои од овие материјали сега се сметаат како основа за ефективно и контролирано претворање на еден вид енергија во друг, а особена на светлина или топлина во механичка работа. За овие материјали се смета дека претставуваат основа како алтернативен и ултрабрз начин за конверзија на енергија.
Како само некои од примерите за нашите откритија би сакал да ги споменам откритијата на ултрабрзите фазни трансформации во некои молекулски кристали, супереластични својства кај органски кристали, пластични органски кристали што може да се деформираат, саморепарирачки органски кристали, органски материјали што покажуваат мемориски ефекти, органски мартензитни материјали, потоа изучувања од областа на механичка деформација на органски материјали, биогенски или патолошки кристали кои се важни за медицински цели, и суперхидрофобни материјали што можат да се чистат без надворешна интервенција. Нашите истражувања во врска со таканаречените „салиентни кристали“ (salient crystals), материјали кои можат да ја менуваат својата структура на многу кратка временска скала, се особено добро оценети и препознаени од меѓународната научна јавност. Овие материјали, кои претставуваат нова, неистражена категорија на материјали за инженерство, имаат способност за брзо претворање на енергија во механичка работа или движење, и притоа можат да извршуваат корисна работа. Тие сега се препознаени поради нивните невообичаени својства и се сметаат за перспективни материјали со потенцијална примена во органската електроника и оптика, медицината, за паметни уреди или сензори, како и за примена во таканаречената мека роботика. Некои од овие материјали сега се тестираат и како основа за активен медиум за безбедни цврсти литиумски батерии, цврсти прекинувачи на електрични кола, лесни органски оптички кабли за пренос на информации, како и за многу други примени.
Сте докторирале во Јапонија, сте работеле во Токио, Кјото, предавате во Њујорк, Абу Даби... Која е заедничката нишка помеѓу овие образовни или научни центри, каде се пронајдовте најмногу?
- Мојот професионален пат ме однесе во различни средини и три различни академски опкружувања – Југоисточна Европа (Македонија), Азија (Јапонија) и американски универзитет на Средниот Исток (Америка, ОАЕ). Покрај тоа сум бил и како визитинг-професор на „Харвард“, Институтот за цврста материја „Макс Планк“, Универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ и други институции. Секој од овие многу различни системи и пристапи остави трага и искуство во мојот образовен и истражувачки профил и јас тоа го сметам за една од најголемите придобивки. Можноста да се искусат различни пристапи кон научноистражувачката работа, да се запознаат колеги од различни профили, да се едуцираат и менторираат студенти кои доаѓаат од многу различни школски системи или средини е нешто што истовремено претставува и предизвик и процес на учење и професионален развој. Јас не би можел да издвојам ниту едно од овие искуства како посебно, но благодарен сум на околностите и, пред сѐ, на луѓето што ми овозможија да бидам дел од нивното професионално искуство и драго ми е дека можев да научам и да пренесам дел од тие искуства во мојата работа.
Дали Македонија е погодна средина за истражувања и иновации во контекст на кадар и други ресурси?
- Македонија е мала држава, но има потенцијал да биде погодна средина за иновации и истражувања. За жал, морам да ги парафразирам моите колеги што работат во државата и тоа во многу тешки услови и со минимална, скоро никаква финансиска поддршка за она што го работат. Моите колеги, кои имаат постигнато навистина многу со оглед на ограничувањата – финансиски, логистички и организациски – се соочуваат со една безнадежна состојба во последните 20-30 години и, за жал, гледано отстрана, тоа е пропуштена можност за да се одржи континуитет во научноистражувачката работа. Отсуството на стабилни и компетитивни фондови за истражувања и развој, честите промени на законските рамки и политики во врска со академската истражувачка дејност, отсуството на визија кај одлучувачките тела и дисконекција со меѓународната истражувачка заедница се само некои од проблемите што треба колку што е можно побрзо да се решат за да се искористи тој потенцијал и државата да може да го заземе местото што го заслужува. Овде би сакал да им искажам благодарност и најголема почит на сите мои колеги што вложуваат максимални напори, на едукативно и истражувачко ниво, да придонесат за подобрување на таа состојба. Тие и сите други што се залагаат за унапредување на академското ниво во државата секогаш ќе ја имаат нашата поддршка.
Фото: приватна содржина