X
 03.06.2020 Образование

Онлајн-курсевите на „Курсера“ стануваат бесплатни за сите студенти низ светот

Платформата за онлајн-курсеви „Курсера“ ќе им овозможи на студентите низ целиот свет бесплатен пристап до сите свои курсеви. Компанијата го објави известувањето неделава.

Студентите од сите факултети низ светот може да се пријават за следење курсеви и добивање сертификати од „Курсера“ бесплатно до 31 јули. Може да се пријавуваат додипломци, постдипломци и оние што неодамна дипломирале. Сè што треба да имаат студентите е официјална адреса за електронска пошта од факултетот.


Фото: Pixabay

Откако ќе се пријават, студентите треба да ги завршат курсевите или програмите до 30 септември. Студентите што успешно ќе ги завршат курсевите или програмите на крајот бесплатно ќе добијат сертификат. Нема ограничувања за бројот на курсеви што може да се следат.

Во понудата се вклучени над 3.800 курсеви во 400 различни специјализации, а има и професионални програми за сертификати и проекти.

Претходно „Курсера“ изјави дека ќе им понуди бесплатен пристап до своите курсеви на студентите на универзитетите погодени од коронавирусот. Според платформата, околу 840.000 студенти од 3.300 институции ја искористиле оваа можност.


Фото: Pixabay

На крајот од април „Курсера“ претстави иницијатива насочена за работниците во САД и низ светот што останале без работа поради пандемијата. Во рамките на иницијативата им нуди пристап до своите курсеви на овие лица до 30 септември. Во мај „Курсера“ во соработка со универзитетот „Џонс Хопкинс“ претстави бесплатен курс за тренирање лица што спроведуваат епидемиолошки анкети.

Како резултат на овие иницијативи, „Курсера“ ја зајакна својата положба како платформа за онлајн-учење. Компанијата тврди дека над еден милион студенти ја користеле платформата за време на пандемијата, а тој број сигурно ќе се зголеми со најновата понуда. Од „Њујорк тајмс“ известиле дека на „Курсера“ се регистрирале 10 милиони нови корисници од средината на март до средината на мај.

Автор: Мајкл Т. Ницел
Извор: forbes.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование