Студентот-уметник од Велес, Димче Манев, кога добил известување дека мора да ја напушти Данска оти му истекува рокот за престој, ѝ напишал писмо на кралицата и за три дена таа му одговорила дека неговиот случај повторно ќе се разгледа. Така било и добил покана за посета на палатата
Што ќе направите ако пред вас имате 8.000 телефонски картички кои се искористени и треба да се ослободите од нив? Речиси секој од нас би ги фрлил во корпата за отпадоци од пластика, но не и Димче Манев, врвниот мајстор на мозаикот од Велес кој, благодарение на тие картички, е еден од најдобрите уметници на ова древно декорирање на ентериерот во Англија, каде што живее и твори сега, но и во Данска, каде што ги добил тајните на занаетот.
Чиповите од телефонските картички на Димче Манев му биле првиот материјал за мозаик што го изработил во Данска, а неговото патешествие и пронаоѓањето со италијанските врвни уметници на мозаик е вистинска филмска приказна.
- За време на конфликтите во Југославија, со еден пријател отидовме на одмор во Романија. Во возот за Букурешт се запознавме со една девојка чиј брат издаваше соби. До неа живееше семејство Данци и создадовме пријателство со нив. Данците нè поканија да одиме со нив во Данска, но немавме визи. По неколку месеци ни испратија гарантни писма и заминавме таму. Подадов документи за да престојувам како студент. Во тоа време имаше многу бегалци од Босна и луѓето трошеа големи количини картички за телефонски говорници. Јас ги собрав сите картички и од чиповите го изработив првиот мозаик. Го однесов на училиште и им реков дека ова е македонска традиција - почна да раскажува Димче Манев.
Неговиот наставник бил импресиониран од делото и повикал неколку медиуми за да го фотографираат, а се јавил и во данската национална ТВ, која направила прилог за тоа. Димче добил 8.000 потрошени картички за телефон и од нив изработил серија икони: Богородица, Спиридон, Харалампие и Света Троица.
Овие дела Димче му ги покажал на директор на средно училиште за уметност во кое се цртале икони. Тој му понудил да остане и со работа во кампусот да си го плаќа сместувањето.
- Имаше една изложба по повод еден век од основањето на телекомуникациите и ме повикаа да учествувам со моите мозаици. Во меѓувреме, во мојата соба во училишниот кампус ја правев и кралицата од картички по повод нејзиниот 60-ти роденден. На првиот ден од отворањето на изложбата ми стигна писмо дека не можам повеќе да останам во Данска. Ѝ напишав писмо на кралицата и за три дена таа ми одговори дека мојот случај повторно ќе се разгледува. По изложбата ми дојде писмо дека сум добредојден во палатата за да ѝ ја подарам сликата од неа. Потоа кралицата пратила писмо до Министерството за внатрешни работи, кое го разгледало мојот случај и ми одговори дека ако си најдам работа во струката, тогаш можам да останам - откри Манев, кој со гордост зборуваше за своето чудно пријателство со кралицата Маргарет Втора.
Димче останал кај едни пријатели во Копенхаген. Се качил на велосипед и почнал да бара работа низ градот. Случајно седнал да се одмори и да јаде наспроти галерија за икони која му припаѓала на италијанско семејство.
- Мајсторот имаше околу 70 години, беше типичен Италијанец. Ме однесе во театарот за да ги видам мозаиците со познати дански личности што ги правел неговиот дедо. Во неговото семејство ова го работеле пет генерации, тие дури имаат школа за мозаици во Северна Италија. Направив нешто за проба и рече: „Добро, ајде сега во работилница.“ Работевме со чекани и ми рече дека сака да види како кршам мозаик. Никогаш не сум кршел, но го фатив чеканот како цел живот да сум работел. Тоа што сакаше, тоа го направив. Од него го научив мозаикот. Неговите дедо и прадедо биле толку добри, што поради мозаикот данскиот крал ги пофалил пред рускиот крал Петар, кој пак ги ангажирал да ги направат подовите на руска црква и на музеј - објасни Димче.
По Данска, Манев со семејството се преселил во Англија, каде што си направил работилница во дворот и почнал да се пробива на пазарот, кој бил малку поразличен и покомерцијален од данскиот.
- Данците кога прават куќи и реновираат, ги прават за 100 години и сакаат квалитет. Англичаните сакаат брзо, ефикасно и евтино. Многу често се селат, на секои десет години. Овој занает не старее и не умира. Како тркало е, еднаш опаѓа, другпат се враќа во мода. Поради пандемијата, застанавме и моравме да се приспособиме и да направиме продукт што ќе им биде интересен на купувачите. Сега сликите поретко се бараат, повеќе работиме декорации на подови и на бањи - истакна велешкиот уметник.
Димче е мераклија на секаков вид материјал. Вели дека со децата собираат камчиња од секоја плажа што ќе ја посетат. Работи и со мермер и со венецијанско стакло, а најлесно е да се работи со тркалезни камчиња.
- Слика како иконата со картичките може да се изработи за еден месец, ако работам секој ден. Сега ја правам Богородица со мермер. Со венецијанско стакло полесно се работи, полесно се крши и има над 90 нијанси што ги користат сите уметници за сите мозаици. И Музејот на АСНОМ е правен со венецијанско стакло или смалта. Тврдината на каменот е различна, зелената боја е многу цврста, сината боја е тешко да се најде. Убав е каменот, но треба да го најдеш. Боите ги има во многу земји, како Јордан и Сирија, но тие не го продаваат каменот. Од мозаикот „Кучиња на Помпеа“ со тркалезни камења можам да изработам по два на ден. Мајсторот ми велеше: „Учи оти само 40 луѓе на светот ја знаат тајната на италијанските мајстори“, а оваа тајна ја чувале пет генерации наназад во неговото семејство - вели Манев.
Димче има голема желба во Македонија да отвори традиционална куќа за активен одмор со работилница за мозаик и со градина. Купил место покрај велешкото езеро Младост и сакал да ја копира куќата на Касапови. Ваквиот начин на давање курсеви по мозаик со сопругата го практикувале и во Данска и во Англија.
- Им правевме македонско јадење со вино и кога имавме пауза, ги запознававме со културата на чаша муабет. Првиот ден има џагор, потоа се слуша само како чука чеканот. Потоа викаат: „Чекај, чекај уште овој дел да го завршам“ и остануваат. Има интерес, само кој сака да плати. Обично викенд-курсевите се 150 фунти на ден, со мој материјал. Тој што ќе си направи мозаик, си го носи дома. Сум имал студенти, ученици, дури одев во школо за архитекти, кои учеа дизајн и уредување и им држев предавање за мозаикот, речиси најстарата уметност во историјата - додава тој.
Клиенти на Манев се луѓе кои ја ценат оваа римска уметност, пред сè, архитекти, уметници, новинари и нормално, новопечени богаташи кои не знаат што е мозаик, но сакаат да го имаат дома. Потрошувачите му барале многу мозаици за божиќните празници, особено икони или ликови од историјата кои требало да бидат изработени од кобалт, цигли, златно смалта. Дел од мозаиците на Димче стојат на рецепција на хотелите во Ричмонд, Лондон.
- Еден човек како млад слушал многу плочи. Тој ми донесе гума од автомобил за да изгледа како грамофонска плоча и му направив маса за пиење пиво. Изработив слика од артичка мечка која ми ја порача една жена за својот сопруг за роденден. Некои сакаат слика од Ван Гог да ја имаат како мозаик. Еден клиент ми побара жена во носија од Јамајка да му стои на ѕидот во бањата. Секој со своето уживање. Имам декорации на пабови, покрај шанкот - откри велешкиот уметник кој сам си го изработува материјалот.
Ќерка му на Димче тргна по неговите стапки
Секој отворен мозаик мора да биде покриен со слама за да се заштити. Ако е во земја, нема проблем бидејќи не замрзнува и му држи константна температура. Материјалот во старите мозаици нема цемент, туку само вар и песок. Затоа подлогата морала да се заштитува со двомесечен процес на навлажнување и стврднување на варта со песокот.
- Потоа се полирал со гранитни коцки, се полирал со гипс како кристал и на крај се ставала кристална сол за да се добие перфектен сјај. И оние стари мозаици што ги имаме кај нас биле рачно полирани. За полирање се користел свински домашен сапун - ги откри Димче тајните на стариот занает.
Неговите деца сакаат да работат со него и да креираат уметност, но тој не сака да им се наметнува во нивниот избор.
- Полека им го предавам занаетот на децата, не сакам да им го наметнам. Зимскиот период повеќе го користиме за да креираме нешто заедно и да цртаме. Децата собираат камења секаде каде што одат. Дури и во Охрид собираме камења во шишиња и правиме мозаици, едноставно, наместо да зјапаме во телефон, ние ја насочуваме енергијата кон малечките коцки кои се преобразуваат во уметничко дело - зборуваше Димче додека ги прелистуваше старите слики на мермерната масичка со мозаик на терасата од домот на својот татко.