По повод почетокот на новата академска 2023/2024 година, Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" (УКИМ) денеска ќе го одржи првиот академски час со студентите од првиот циклус студии.
На академскиот час, покрај деканот на Факултетот, Вјекослав Танасковиќ, ќе се обратат и ректорот на УКИМ, Биљана Ангелова, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, како и германскиот министер за храна и земјоделство Џем Оздемир.
Германскиот министер, како што најавува ФЗНХ, ќе ги нагласи потребата и значењето од дипломираните земјоделски инженери за развој на земјоделскиот сектор воопшто.
Во рамките на програмата, Ангелова, Николовски и Оздемир ќе учествуваат на средбата со деканите и продеканите од Асоцијацијата на факултетите за земјоделските науки од Југоисточна Европа, со која заседава ФЗНХ.
Извор: МИА