X
 03.12.2020 Наука

Кина објави фотографија од Месечината и видео од слетувањето, снимени од леталото „Чанг 5“

Кинеското летало „Чанг 5“ влезе во клучна фаза на собирање примероци од Месечината и нивно испраќање на Земјата.

По еден ден откако „Чанг 5“ успешно слета, Кинеската национална вселенска администрација објави кратко видео од слетувањето на површината и фотографија од Месечината со висока резолуција.

Панорамската фотографија од површината го покажува регионот „Океан на бурите“ (Oceanus Procellarum), каде што се приземји леталото.

Фотографијата е чиста и навистина го одзема здивот. Ги покажува леталото и една од неговите „нозе“ во преден план, со површината на Месечината која се протега во хоризонтот, со неверојатни детали. Може совршено да се видат малите карпи во близина на леталото, како и вдлабнатината што таа ја прави при слетувањето.

Видеото е забрзано и покажува како „Чанг 5“ при слетувањето ја намалува брзината, ја менува ориентацијата, избегнува опасности и потоа се преместува пред да слета.

По слетувањето, леталото почнало да зема примероци од површината и од длабочина до два метра. Денес леталото треба да го испрати материјалот на Земјата. Доколку сѐ помине како што треба, на 16 или 17 декември примероците ќе слетаат во Внатрешна Монголија, со што на Земјата ќе бидат донесени првите примероци во повеќе од четири децении.

Извор: Space.com
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука