Париската полиција соопшти дека 133 лица се повредени, додека 412 се уапсени при демонстрациите на улиците низ Париз против зголемувањето на данокот и поради високите трошоци за живот.
Нередите и насилството во Париз што претходните денови го следеа протестот на „Жолтите елеци“ поради зголемувањето на данокот и цената на горивото продолжија и завчера. На социјалните мрежи се појавија снимки од улиците, а особено стана вирална една во која полицијата брутално ги тепа демонстрантите.
Насилство со барикади, палење автомобили, ограбување продавници, во текот на утрото главно се случуваше околу Триумфалната капија, а потоа се прошири низ градот во кој биле распоредени околу 4.600 припадници на полициските сили.
- Се дејствуваше во согласност со стратегиите што ги водеа експертите за создавање неред и разбивање - изјави министерот за внатрешни работи.
Покрај снимките во кои полицијата брутално тепа еден демонстрант, се појави и видео што влева надеж дека солидарноста не умира ниту во најлошите моменти. Имено, група припадници на француската полиција ги извадија шлемовите пред луѓето и мирно застанаа пред нив додека протестантите со аплауз го поздравија гестот.
За потсетување, движењето „Жолти елеци“ организира протести низ Франција од 17 ноември поради најавеното зголемување на даноците на гориво во рамките на еколошките мерки, но протестот се претвори во општ израз на незадоволство на граѓаните со политиките на претседателот Макрон. Портпаролот на француската влада, Бенжамин Гриво, изјави дека
Франција размислува да воведе вонредна состојба за да се спречи повторување на еден од најголемите нереди во последната деценија.