X
 05.09.2018 Технологија

Огромните соларни фарми во Кина ја трансформираат светската енергија

Доколку летате над округот Датонг во Северна Кина, ќе забележите две огромни панди. Интересно е тоа што се направени од илјадници соларни панели.

Заедно и со другите соседни панели, тие формираат фарма од 100 мегавати што опфаќа 248 хектари. Тоа е всушност релативно мал соларен парк според кинеските стандарди.

- Дизајниран е и изграден како слика на кинеското национално богатство - џиновската панда - се објаснува во документ од „Панда грин енерџи“, компанија што ја изградила фармата.

Кина има капацитет за соларна енергија повеќе од која било друга земја, со огромни 130 гигавати. Ако сите генерираат електрична енергија наеднаш, би можеле да ја напојуваат цела Велика Британија неколку пати. Кина е дом на многу соларни фарми - вклучувајќи го и огромниот 850-мегаватен „Лонгјангксиа дам“ - објектот на тибетското плато, со неговите 4 милиони панели. А најголемата соларна централа во светот во моментов се наоѓа во кинеската пустина Тенгер - нејзиниот капацитет надминува 1.500 мегавати.

1

Овие проекти чинат милиони долари за изградба, но дали вредат?

- Кина е најголемиот производител на соларни панели во светот - истакнува Ивон Лиу од „Блумберг њу енерџи фајненс“, компанија за истражување на пазарот. - Пазарот е навистина голем - додава таа. Според Меѓународната агенција за енергија, повеќе од 60 отсто од светските соларни панели се направени во Кина. Чистењето на кинескиот енергетски микс е клучна политичка цел. Околу две третини од електричната енергија во земјата сѐ уште произлегуваат од горење јаглен.

Не е ни чудно што огромните предели прекриени со сонце во Северна и во Северозападна Кина станаа дом на огромни сончеви фарми. Има многу простор за да се изгради и сончевиот извор е разумно сигурен. Меѓународната агенција за енергија забележува дека Кина ќе ја исполни својата цел за дополнување на капацитетите за соларна енергија три години порано.

Постои уште еден поттик за напорите на Кина да изгради сончеви фарми во некои политичко чувствителни региони. Во последниве децении многумина забележаа дека Кина е подготвена да ги охрабри инвестициите и инфраструктурата во и околу Тибет - автономен регион кој е дом на многумина што отфрлаат да прифатат дека се дел од Кина. Некои тврдат дека таквата инвестиција е делумно политички мотивирана - обид да се зацврсти кинеската власт и да се поддржат етничките Кинези што се преселиле во овие области.

1
Фото: Getty Images


Еден извонреден подвиг користи соларни панели за загревање на подземна мрежа дизајнирана за топење мраз, така што дрвјата ќе растат на рекултивираното земјиште. Наводно, ова е обид да се направи оваа област попривлечна за кинеските доселеници.

Но, градењето гигантски соларни фарми среде „никаде“ има свои недостатоци. За да сфатиме зошто, треба да се погледне Кина од птичја перспектива. Во 1935 година географот Ху Хуанјонг ја нацртал линијата позната како „Ху Лајн“ од североисточна до јужноцентрална Кина. Ја дели земјата на два приближно еднакви делови. Помалку еднаква е дистрибуцијата на населението. Најголемиот дел од кинескиот народ, 94 отсто живеат во источниот дел. Останатите 6 отсто живеат на запад.

- Дистрибуцијата на кинеските ветерници и сончеви извори на енергија е сосема спротивна - вели Јуан Ксу.

2
Фото: Nasa Earth Observatory


Во првите шест месеци од 2018 година факторот на капацитет на кинеската соларна опрема изнесувал само 14,7 отсто. Причините за низок капацитет може да бидат работи врз кои немаме контрола, како што е времето. Но, факторите на капацитет на Кина се невообичаено ниски. Дел од проблемот, вели Ксу, е тоа што моќта се губи низ огромните преносни линии, долги со километри, кои ги поврзуваат далечните соларни фарми со места што имаат потреба од електрична енергија. Тоа е ситуација која Ксу ја нарекува „сериозна неусогласеност“.

Кина се обиде да го реши проблемот преку развивање подобра технологија за пренос на енергија. Иновациите вклучуваат линии со директна струја со висок капацитет - но тие не се градат толку брзо колку што некои луѓе очекуваат.

Постои уште една компликација што во моментот се зголемува за кинеската соларна индустрија. Во мај владата ги намали клучните субвенции за големите соларни проекти, што значи дека сега тие се многу поскапи за изградба.

Намалувањето на јавните финансии е затоа што државниот фонд за обновлива енергија е во долг од над 15 милијарди долари. - Тие повеќе не можат да ја плаќаат субвенцијата - вели Лиу.

- Со ваква клима, енергетските инвеститори ги напуштаат гигантските, оддалечени соларни фарми и бараат други можности - објаснува Лиу. Покривањето на покривите со соларни панели во големите градови и продажбата на електрична енергија се многу поатрактивни во моментот.

3
Фото: Getty Images


„Панда грин енерџи“ планира да инсталира уште многу сончеви фарми во Кина што ќе имаат форма на панда. Тоа е целта на програмата „Панда 100“. Дизајнерите дури и избраа два различни вида фотоволтаични ќелии, темни и светли, за да бидат слични како црно-белото крзно на пандата.

Но, ако гигантските соларни паркови продолжат да се градат во наредните децении, ќе биде потребно да се реши една компликација: соларниот панелски отпад. Панелите имаат век од 30 години, по што треба да бидат заменети. Тешко е да се рециклираат бидејќи содржат штетни хемикалии, како сулфурна киселина. Се очекува Кина да доживее ненадеен бум во отпадот од соларните панели во 2040 година, а не постои јасен план за тоа што ќе се прави со целиот материјал.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија