X
 05.11.2018 Живот

Животот во затвор со максимална безбедност

„Еј-ди-екс“ е затвор во кој завршуваат најлошите криминалци, на кои им доаѓа да се убијат кога ќе сфатат дека токму тука треба да го поминат остатокот од животот.

Затворот со максимална безбедност во Флоренс, Колорадо, а најчуваниот затвор во САД. Во него се сместени Рамзи Јусеф, кој го планирал бомбашкиот напад на Светскиот трговски центар во 1993 година, еден од заговорниците за 11 септември - Закариас Моусаоуи, Теодор Качински познат како Унабомбер и Ричард Реид, таканаречениот бомбаш со чевли.

Откако бомбашот од бостонскиот маратон, 21-годишниот Џокхар Царнаев, бил осуден на смрт, исто така станал жител на овој затвор, место каде што 24 часа на ден надгледуваат тешко вооружени патроли. 12 големи кули со вооружени чувари се издигнуваат над зградата, додека на врвот на ѕидовите има бодликава жица со жилети, што делумно го заматува погледот на снежните планини во близина.

2
Фото: Youtube


- Штом ќе влезат низ вратата, можете да видите како им се менува изразот на лицето. Тоа е моментот кога сфаќаат што ги чека. Во еден момент ја гледаат убавината на планините, а кога ќе влезат внатре, тоа е последниот пат што ќе видат нешто - вели поранешниот чувар Роберт Худ.

- Затворот е живот после смртта. Тоа е нешто што трае до крајот на животот. И според мое мислење, е многу полошо од смртта - додава Худ, кој работел во затворот помеѓу 2002 и 2005 година.

Повеќе од 400 затвореници што се наоѓаат во тој затвор седат во мала бетонска ќелија по 23 часа на ден. Оброците ги добиваат низ мали дупки што се наоѓаат во вратата. Креветите се направени од бетон, а на нив има тенок душек.

Во ќелијата има еден прозорец низ кој влегува минимална светлина, но затворениците низ него не можат да видат ништо друго освен згради. Во ќелиите се наоѓаат и бетонски столчиња и маси, а цврстите ѕидови ги спречуваат затворениците да се гледаат или да комуницираат на кој било начин.

- Архитектурата на оваа градба контролира сѐ. Дизајнирана е така што затворениците не можат да го видат ни небото. Има жица за хеликоптерите да не можат да слетаат - објаснува Худ.

Затворениците не комуницираат со никој освен со чуварите и затворскиот персонал. Кога ги напуштаат ќелиите, мора да им бидат врзани нозете, рацете и да имаат синџири околу стомакот, а ги придружуваат стражари.

3
Фото: Youtube


Дозволена е рекреација во ќелија на отворено, но еден час дневно, а и таа не се одвива во простор поголем од нивните ќелии. Но, барем можат да го видат небото. За да стигнат до оваа ќелија, тие мора да поминат покрај стотици камери и низ метални врати.

Во некои ќелии има радиоприемници и црно-бели телевизори на кои можат да следат верски, образовни програми или програми од општ интерес. Писмата и разговорите се надгледуваат цело време, а затворениците по некое време можат да имаат и затворски работни места, како што е чистење на тушеви.

Нивото на слобода достапно на затворениците го одредува министерството за правда, како и агенции што ги истражувале и подигнале тужба, а не затворскиот персонал.

Најлошите се сместени во одделот „Х“, кој е под посебни безбедносни мерки. Кај нив е строго ограничена комуникацијата со надворешниот свет, а смеат да ги посетуваат само нивните адвокати и најблиските членови од семејството. За време на посетите затворениците се одделени од посетителот со стакло и разговараат преку телефон. Овие лични разговори се следат, а само правните разговори и пишаната комуникација со адвокатите се смета за привилегирана и лична.

4
Фото: Reuters


Затворениците во овој затвор се сметаат за најнасилни и тука се сместени многу терористи. Повеќето од нив веќе биле во затвор, убивале персонал од затворот или посетителите, а многу во американскиот правосуден систем сметаат дека заслужиле да завршат токму тука.

Пред неколку години против Бирото за затвори била покрената тужба во која стоело дека годините поминати во толку тешка изолација, без директен контакт со луѓето, предизвикуваат целосно исчезнување на какви било социјални вештини кај затворениците, особено кај затворениците што имаат ментални тешкотии.

Во тужбата стоело дека добар дел од затворениците постојано плачат, врескаат и удираат на ѕидовите од ќелиите.

- Некои се сечат со жилети, со парчиња стакло или нешто друго што може да им послужи за сечење. Некои од нив ги голтаат сите тие опасни предмети, како и делови од телевизор, радио... - пишувало во тужбата.

Откако затворот бил отворен во ноември 1994 година, познато е дека во него шестмина затвореници извршиле самоубиство.

Но, не се сите затвореници исти. На пример, „Унабомбер“ односно Тед Качински поголемиот дел од своето време во затворот го поминал читајќи. За него психолозите велат дека е екстремно интелигентен убиец, кој зборува неколку странски јазици, дипломирал на колеџ, а неговата смиреност во затворот не изненадува.

5
Фото: Reuters


Другите практично се „живи мртовци“, кои остатокот од животот ќе го поминат во четири ѕида. Затвореникот Џокхар Царнаев е затвореник на кој најтешко му паѓа строгиот затвор. Млад е и пред него се минимум 50 години, ако во меѓувреме некој одбор за помилување не се смилува и го пушти порано, за што шансите се минимални и речиси нула.

- Не се сите затвореници како Качински, кој никогаш нема да го видите како со измет го гаѓа чуварот или зборува сам со себе. Голем дел од нив не знаат да читаат, немаат формално образование што би ги навело нешто да работат. Во таа бесмисленост во која не работат ништо и ништо не читаат, секако дека ќе станат параноични и малку луди. Освен тоа, речиси сите имаат по неколку доживотни казни. Треба да живеат со тоа помеѓу четири студени бетонски ѕида - раскажува поранешниот директор на затворот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот