X
 05.11.2023 Живот

Под стрес сте? Оваа едноставна активност може да ве смири за неколку минути

Современиот начин на живот носи одредено ниво на дневен стрес. И додека луѓето на различни начини се борат против стресот (вежбање, одење во природа, пеење, танцување), научниците открија едноставен и лесен начин за брзо намалување на нивото на стрес.

Истражување објавено во списанието „Цуреус“ следело 23 мажи и жени на возраст од 18 до 60 години во текот на денот и ги мерело нивните нивоа на стрес. Испитаниците носеле уред кој им го мерел пулсот, но и колку вежбале, спиеле и пееле.

Научниците им дале точни упатства. Секогаш кога биле под стрес, требало да дишат длабоко до четири секунди, а потоа да потпевнуваат мелодија шест до осум секунди.

Резултатите ги изненадиле научниците. Испитаниците што потпевнувале во стресни ситуации забележале најниско ниво на стрес.

Како може потпевнувањето да биде толку смирувачко?

Според една теорија, потпевнувањето, односно вокализацијата на некоја мелодија со затворена уста го активира парасимпатичниот нервен систем, кој има смирувачки ефект во стресни ситуации.

Затоа, научниците советуваат за да го намалиме стресот, да потпевнуваме двапати на ден по најмалку 10 до 15 минути.

Следниот пат кога ќе се најдете во сообраќаен метеж, слободно почнете да потпевнувате - ќе го намалите нивото на стрес и ќе го скратите времето на чекање.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот