Од општини без ниту еден гинеколог до градови каде што еден ваков специјалист има до 6.800 пациентки во репродуктивен период.
Само 33 отсто од жените во државата одат на редовни гинеколошки прегледи на една година. Повеќе од 30 отсто не го посетиле својот матичен гинеколог подолго од три години, а дури 25 отсто немаат избрано матичен гинеколог - делумно поради тоа што во општините каде што живеат нема таков лекарски профил или заминал во пензија или починал, па оттогаш не побарале нов. А понекогаш и поради незаинтересираноста и неинформираноста за важноста на редовните гинеколошки прегледи, покажуваат податоците од спроведените анкети на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари - МАГО.
За гинеколог се патува до соседниот град
Во државава има триесетина општини без ниеден матичен гинеколог, а меѓу нив се и пелагониските Новаци и Могила.
- Организацијата на жени од Битола правеше анализи пред неколку години во Општина Новаци и, меѓу другите одговори, често се слушаше: „Што ќе ми е гинеколог, не сум била откако ги родив децата“. Жената на сите домашни ќе им посвети внимание (вклучувајќи одење на лекарски прегледи), а себеси ќе се стави на последно место. Во Новаци и Могила нема матичен гинеколог, па жените се принудени (оние што веќе решиле да одат на преглед) да доаѓаат во Битола, за што треба да потрошат цел ден. Кај постарата женска популација сѐ уште владее „срамот“ од одење на гинеколог. Има и таква категорија на жени кои едноставно не сметаат дека им е потребно да вршат контроли, па oдат на гинеколог „кога ќе дојде нож до грло“, а тогаш е веќе доцна - вели Светлана Петковска, претседателка на Организацијата на жени од Битола.
Светлана Петковска
Добар дел од жените немаат навика да одат на редовни прегледи за дојките. Организацијата на жени во 2019 година, по повод месецот на жената, во соработка со Клиничката болница во Битола организира бесплатен мамографски скен за 60 жени. На прашањето дали ќе отидеа на бесплатно снимање доколку не беа организирани, 75 проценти од жените одговорија со „не“.
- Треба да се работи на подигнување на свеста кај жените, а од друга страна, треба да се отвораат гинеколошки амбуланти во помалите општини, можеби еден ден во неделата - вели Петковска.
Мобилни амбуланти со бесплатни прегледи онаму каде што услугите се недостапни
Во последните години се користат мобилни гинеколошки амбуланти за да се овозможи достапност до здравствените услуги за жени и девојки кои имаат отежнат пристап. Така добиваат превентивна заштита, се подигнува здравствената едукација, а по евентуално откривање на некое заболување следува понатамошен соодветен третман. Амбулантите се дел од програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања во Македонија за 2023 година, која е изготвена од Министерството за здравство, а активностите ќе се реализираат во текот на целата година.
Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО, во соработка со Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика и Црвениот крст, направи мапирање и план со цел услугите на мобилната гинеколошка амбуланта да бидат наменети за жени и девојки од ранливи категории, жени и девојки кои живеат во тешко достапни области и места каде што нема матичен гинеколог.
- Има интерес, а потврда за тоа се бројките од минатата 2022 година, кога со двете мобилни гинеколошки амбуланти реализиравме 220 теренски посети со кои беа опфатени околу 2.200 жени и девојки. Мобилните гинеколошки амбуланти имаат цел да ја подигнат свеста за значењето на редовните гинеколошки прегледи и преку бесплатен ПАП-тест, гинеколошки и ултразвучен преглед, да дојде до рано откривање на ракот на женските органи (грлото на матката, матката и јајчниците). Истовремено, овозможуваат и соодветно планирање на бременост и безбедно мајчинство, како и информираност, препознавање и грижа за секоја жена жртва на родово насилство - вели проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО.
Тој додава дека во државава покрај тоа што има општини со недостиг на матични гинеколози, како Македонски Брод, Крушево и Делчево, се забележува и нерамномерна застапеност на матичните гинеколози по градови. „На целата територија во просек еден матичен гинеколог има по 3.340 жени во репродуктивен период (од 15 до 49 години), а има градови во кои еден матичен гинеколог има и до 6.800 жени во репродуктивен период, како што се градовите од Полошкиот Регион - Тетово и Гостивар, додава Тофоски.
Проф. д-р Глигор Тофоски
Мобилната гинеколошка амбуланта тргна од Македонска Каменица
Првите теренски активности на мобилната амбуланта за годинава почнаа на 20 март, со неколку посети на Македонска Каменица, општина во која нема матичен гинеколог. Од Општинската организација на Црвениот крст во Делчево ни одговорија дека бесплатните гинеколошки прегледи во Македонска Каменица ќе траат сѐ додека има заинтересирани жени за преглед, а ќе продолжат и во други региони. Приоритет ќе имаат жените кои немаат матичен гинеколог или не биле на преглед во последните пет години и се жени со социјален статус.
Лани со мобилните амбуланти кај 35 пациентки биле откриени претканцерозни промени
Лани, за време на пандемијата, со мобилни гинеколошки амбуланти кои даваа здравствени услуги во регионите каде што нема доволно матични гинеколози беа откриени 35 пациентки со различни типови претканцерозни промени (присуство на ХПВ, цервицитис, диспластични промени на грлото на матката, рак на грлото на матката, рак на вагината и др.). Тие беа упатени на дополнителни контроли, терапија или оперативен зафат, каде што навременото лекување и контрола спречија влошување на состојбата и развој на напреден стадиум на рак.
При вагиналниот и ултразвучниот преглед во мобилните гинеколошки амбуланти се открија и други болести и патологии на женските репродуктивни органи, како што се: цервикали и ендометријални полипи, ендометријална хиперплазија, миоми и патолошки цисти на јајчниците. По возрасни групи за прегледи во мобилни амбуланти најголем одѕив се бележи кај жените на возраст од 50 до 60 години, или 30%, а најмал кај девојките и млади жени од 15 до 30 години – само 5%. Затоа се прават и теренски дополнителни едукации на младите за да се разбере потребата од навремен и превентивен гинеколошки преглед.
Инаку, мобилните гинеколошки амбуланти претставуваат специјално адаптирани возила за брза помош, кои имаат гинеколошки стол, ултразвучен апарат и можности за земање разни иследувања, а прегледот го врши специјалист гинеколог-акушер во придружба на медицинска сестра.
фото: приватна архива