Уште од самиот почеток бев свесна за огромната конкуренција, како и за селективноста на образовна институција каква што е Универзитетот „Тафтс“. Фактот што се најдов меѓу примените 15% од вкупно 23.127 апликанти беше едно големо изненадување, но и еден вид признание за вложениот континуиран труд, вели Еда Авмедовска од Скопје, која заврши во средното „Јахја Кемал“ во Скопје
Одличниот успех на училиште е важен, но не и доволен за пласман на еден од врвните светски универзитети, особено оние во САД. Преку посветеност на воншколски активности, идните апликанти би се издвоиле од мнозинството што го има истиот просек. Посветеноста на некоја активност е одличен начин да се покаже личноста на средношколецот, неговите лидерски и тимски способности, креативноста и љубопитноста кои не може да се увидат исклучиво преку оценките, вели Еда Авмедовска, матурантка во средното училиште „Јахја Кемал“. Своето образование ќе го продолжи на престижниот американски универзитет „Тафтс“ во Масачусетс, каде што ќе студира биопсихологија.
Еда Авмедовска
По што ќе ги паметите средношколските денови? Кои искуства би ги издвоиле како посебни?
- Четирите години во „Јахја Кемал“ несомнено беа клучни за мојот личен и образовен развој. Иако најголемиот дел од моите средношколски денови го поминав фокусирана на реализацијата на моите интелектуални планови, сепак, воншколските активности и пријателствата што ги создадов во овие четири години имаа огромно влијание врз мене како сестрана личност. Ќе ги паметам како крајно исполнети и продуктивни, како на образовен така и на социјален план. Би ги издвоила летните академии на кои учествував во текот на летните распусти од прва до четврта година, особено академијата „Дискавер“ во Чешка, на која бев прв македонски интернационален амбасадор, како и еминентната летна програма на универзитетот „Јејл“ во САД.
За време на овие програми, покрај тоа што ги усовршив знаењата во сферите на кои сум посветена, запознав и млади луѓе со извонредна мотивација, интелект и креативност кои верувам дека еден ден ќе бидат лидери во нивното поле.
Меѓутоа, искуства што најмногу влијаеја врз моето индивидуално созревање се волонтерската работа во скопските клиники и хуманитарната соработка со лица со интелектуална попреченост. Овие активности ме доближија до мојата алтруистична страна, која верувам дека ќе продолжам да ја негувам и за време на моето понатамошно образование и кариера. Сепак, одговорот би бил нецелосен доколку не ја споменам заемната поддршка што си ја дававме со моите соученици за време на реализирањето на сите овие успеси и особено за време на процесот на апликации.
Образованието ќе го продолжите на Универзитетот „Тафтс“. Како падна изборот за овој универзитет и областа биопсихологија и невронаука?
- Процесот на аплицирање го започнав во октомври минатата година. Уште од самиот почеток бев свесна за огромната конкуренција, како и за селективноста на образовна институција каква што е Универзитетот „Тафтс“. Фактот што се најдов меѓу примените 15% од вкупно 23.127 апликанти беше едно големо изненадување, но и еден вид признание за вложениот континуиран труд. Иако бев примена на два холандски универзитети, „Тафтс“ ми беше приоритет од повеќе причини. Пресуден беше самиот дух на универзитетот во кој верувам дека најприродно ќе се асимилирам. Овој универзитет има долгогодишна образовна традиција, уникатна по тоа што создава кадри кои се експерти во своето поле, но и активни членови на својата заедница. „Тафтс“ најмногу ми одговара академски, но и карактерно, затоа што додека има голем фокус на истражувања во природните науки, истовремено ги поттикнува студентите да се вклучат во активности надвор од својата струка со тоа што секој студент треба да следи часови од различни дисциплини.
Еда се вклучи во неколку хуманитарни проекти за време на средното образование
Уште од основно знаев дека сакам подетаљно да ја изучувам биологијата, но истовремено ја открив и љубовта кон општествените науки и мојата желба да ја истражувам човековата психа. За конкретната област се одлучив уште пред две години кога сфатив дека мојот спектар на интереси е премногу широк за да се насочам целосно кон општествените или природните науки. Биопсихологијата е интердисциплинарна наука која ја анализира биолошката база на човековото однесување, когниција, емоции и други ментални процеси. Оваа дисциплина ги истражува биохемиските процеси од почетното ниво на неврон, сѐ до нивната експресија како човекова реакција и однесување. Студирајќи ја оваа област, ќе се стремам да придонесам кон одговaрање на многу комплексни прашања што го засегаат човековиот мозок.
За време на средното образование летата ги користевте и за да волонтирате на скопски клиники, а бевте вклучени и во хуманитарна работа. Кажете ни повеќе за тоа искуство.
- Мојот сон да студирам во САД се јави неколку години пред да го започнам средното образование, па така уште на самиот почеток во „Јахја Кемал“ се вклучив во повеќе активности во и надвор од училницата. Започнав како дебатер во МОФ, бев активен волонтер на настани на неколку невладини организации, учествував на три меѓународни натпревари за иновации во светот на науката итн. Сепак, како најзначајни активности за мојот личен развој би ги издвоила волонтерската и хуманитарната работа. Летото 2018 година го поминав во повеќемесечна волонтерска пракса на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, каде што се запознав со работата на микробиолошката и биохемиската лабораторија, конкретно со клиничката микробиолошка дијагностика. Изминатото лето, пак, во светот на медицината бев воведена преку пракса на Клиниката за неврохирургија.
Во втора година, заедно со соученичка, самоиницијативно организирав работилници со корисниците на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“. За време на овие работилници корисниците создадоа уметнички дела од кои подоцна организиравме изложба од продажен карактер. Овие активности беа организирани со цел интеграција на лицата со интелектуална попреченост преку изразување на нивната креативност. Слична соработка започнавме и лани со Дневниот центар за лица со церебрална парализа, овој пат во состав со ученички од гимназиите „Нова“ и „Орце Николов“. Принципот на работа беше сличен и резултира со изложба од продажен карактер. Се разбира, во двата случаи собраните парични средства им беа донирани на горенаведените организации.
Дали сте нестрпливи да заминете во САД? Кои се Вашите очекувања?
- Иако поради моменталната ситуација сите сме во неизвесност, пробувам да останам оптимист дека заминувањето за САД нема да биде одложено. Во секој случај, тоа е само прашање на време и сум многу нестрплива и возбудена за сѐ што ме очекува. Иако оваа транзиција е голем културен скок, верувам дека е вистинскиот чекор за моето понатамошно развивање како индивидуа и професионалец. Очекувам врвно образование, многу нови предизвици, но и нови пријателства и искуства што ќе ме подготват за професионалната кариера и вистинскиот живот.