X
 10.08.2021 Наука

Најважните заклучоци од новиот извештај за климатските промени на ОН

Панелот за климатски промени на Обединетите Нации го објави последниот извештај за климатските промени во кој се предвидува дека температурите и морското ниво ќе продолжат да растат, а временските услови ќе стануваат сè поекстремни. Еве ги најважните заклучоци од извештајот.

Луѓето се виновни

Извештајот на Меѓувладиниот панел за климатски промени (МКПП) посочува дека луѓето ги предизвикуваат климатските промени. Според извештајот, јасно е дека човековото влијание ги загрева атмосферата, океаните и почвата.

Во претходните извештаи, МКПП посочувал дека е „екстремно веројатно“ дека индустриската активност ги предизвикува климатските промени, но сега во извештајот стои дека луѓето дефинитивно се виновниците.

Температурите ќе продолжат да растат

Во извештајот се објаснуваат можни идни сценарија според акциите што светот ќе ги преземе за да ги намали емисиите на штетни гасови. Дури и најдрастичните промени веројатно нема да го спречат глобалното загревање од 1,5 Целзиусови степени, но без никакви промени, температурите ќе пораснат за 2 Целзиусови степени до крајот на векот.


Фото: Pixabay

Временските услови ќе бидат поекстремни

Екстремните временски услови што порано биле ретки сега стануваат почести, а овој тренд ќе продолжи дури и доколку температурите не се зголемат за повеќе од 1,5 Целзиусови степени, што е границата поставена од државите.

Страшните топлински бранови што некогаш се случувале на секои 50 години сега се случуваат на приближно една деценија, тропските циклони стануваат посилни, а на повеќето земјени површини има повеќе дожд и снег, иако страшните суши се почести. Сезоните на пожари стануваат подолги и поинтензивни.

Арктикот наскоро би можел да биде без мраз во текот на летото

Мразот во Северниот Леден Океан може да исчезне во текот на летото, а ова ќе се случи барем еднаш до 2050 година, според најоптимистичкото сценарио во извештајот. Овој регион најбргу се загрева од сите места на планетата.


Фото: Pixabay

Морското ниво ќе се зголемува

Морското ниво ќе продолжи да се зголемува во следните стотици и илјадници години, дури и доколку глобалното затоплување застане на 1,5 степени. Освен тоа, морското ниво се зголемува побрзо од порано бидејќи се топи мразот. Ова ќе ги зголеми поплавите во крајбрежните предели. Според експертите, морското ниво може да се зголеми за над 15 метри до 2300 година.

Немаме многу време

Државите ќе треба да подготват „буџети за јаглерод диоксид“ доколку сакаат да го ограничат глобалното загревање на 1,5 степени Целзиусови. Овие буџети за јаглерод диоксид се однесуваат на планови за максимално испуштање јаглерод диоксид за да не се надмине границата.

Доколку ништо не се промени, светот ќе го искористи овој „буџет“ за околу една деценија. Моментално, светот испушта 40 милијарди тони јаглерод диоксид во атмосферата годишно.

Извор: World Economic Forum
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука