Често се случува некој намерно да нѐ изнервира, а уште почесто тоа е резултат на недоразбирање. Дали постои начин да го надминете тоа? Да, обидете се да ги објасните работите.
Професорката Брене Браун, чиј ТЕД-говор е еден од најгледаните на сите времиња, смислила трик од шест збора со кои ќе ги расчистите сите несогласувања.
Обидете се да започнете со реченицата: „Она што сакам да го кажам...“ и продолжете во таа низа. Ќе бидете изненадени како бесот почнува да се намалува.
Размислете кога последен пат сте имале конфликт со некој што го сакате, со шефот или најдобриот пријател. Всушност, колку овие расправии се сериозни? Искрено, колку од сето тоа сте го наталожиле и складирале во вашата глава?
Браун дава пример за една таква ситуација во нејзината книга „Rising Strong“. Имено, по доста стресен и хаотичен ден, нејзиниот сопруг Стив го отворил фрижидерот и се пожалил: „Немаме намирници. Дури ни месо!“ Таа во истиот момент му рекла: „Работам најдобро што можам. Можеш и ти некогаш да одиш да пазариш“.
Стив се збунил и прашал што се случува.
- Точно знаев што се случува. Го претворив неговиот коментар во приказна дека сум неорганизирана жена и мајка. Се извинив и ја продолжив наредната реченица со зборовите што ми ги спасија кариерата, бракот и родителството: „Она што сакам да го кажам е дека мене ме обвинуваш затоа што нема ништо во фрижидерот и дека сум јас таа што погрешила“. Секако, тој не го правеше тоа, само беше уморен и гладен - пишува професорката во нејзината книга.
Што постигнувате со овие зборови?
Клучот во изговарањето на овие зборови најпрво е што си признавате себеси дека во вашата глава можеби погрешно сте ја сфатиле личноста. Дури кога ќе сфатите што ве води кон расправија, можете да тргнете од јадрото на проблемот. Што ве навело така да мислите? Како се чувствувате поради тоа? Откако ќе ги истражите сите опции, вистината сама ќе излезе на виделина.
За најдобро да го отстраните секој сомнеж во вашата глава, Браун предлага да си поставите три прашања:
- Кои се фактите и какви се моите сомнежи?
- Што треба да знам за личноста со која сум во конфликт?
- Што всушност чувствувам и каква е мојата улога во сето тоа?
Овој пристап ќе ве доведе до голем напредок во
комуникацијата и решавањето на конфликтите со луѓето што ги сакате или со кои поминувате поголем дел од денот. Затоа, следниот пат кога ќе бидете во расправија со шефот или партнерот, не заборавајте наредната реченица да ја започнете со: „Она што сакам да го кажам...“