X
 12.12.2019 Култура

Ова се најдобрите филмови за 2019 година според магазинот „Ролинг стоун“

Како што се ближи крајот на годината и како што почнува сезоната на доделување филмски награди, така и угледните светски медиуми почнуваат да го објавуваат својот избор за најдобри филмови за 2019 година.

Магазинот „Ролинг стоун“ истакнува дека најдобрите овогодишни остварувања претставуваат жив доказ што може да направи филмот кога креативната енергија ќе се „пушти од синџири“. Меѓу десетте најдобри се најдоа филмски великани како Скорсезе и Тарантино, но и некои режисери чии имиња допрва ќе се прослават.

1. „Ирецот“




Магазинот оценува дека Мартин Скорсезе не само што е најголемиот жив американски филмски режисер туку и неговиот гангстерски еп „Ирецот“, е најдобриот филм на годината, и неизбришливо резиме на една врвна кариера.

Снимен во продукција на стриминг-гигантот „Нетфликс“, ова е најскапиот филм на Скорсезе досега, а врвната актерска екипа ја предводат Роберт де Ниро, Ал Пачино и Џо Пеши.

2. „Беше еднаш во Холивуд“




Кој друг, освен Квентин Тарантино, би се осмелил да направи комедија со убиственото семејство Менсон кое демнее во заднина.

Магазинот има пофалби за Леонардо ди Каприо и Бред Пит, за кој верува дека има реални шанси за првиот „Оскар“ во кариерата.

3. „Паразит“




Ремек-делото на корејскиот режисер Бонг Џин Хо се чини дека ја лекува аверзијата на Американците кон преводите, вели „Ролинг стоун“, осврнувајќи се на овогодишниот добитник на „Златна палма“ и несомнен фаворит за „Оскар“ за најдобар странски филм.

Како што истакнува магазинот, „Паразит“ почнува како комична општествена сатира за класите за да прерасне во хорор за паразитската природа на алчноста.

4. „Брачна приказна“



Драмата на Ное Бомбаха е уште еден филм во продукција на „Нетфликс“ што ни носи приказни од бракот што не можете, а да не ги сфатите лично.

Адам Драјвер и Скарлет Јохансон се одлични во главните улоги, а филмот ќе ве натера да се смеете, да плачете, понекогаш истовремено.

5. „Малите жени“



Од осум екранизации на романот на Луиза Меј Алкот, овогодишното остварување на режисерката Грета Гервиг е најдобро досега, смета „Ролинг стоун“.

Станува збор за филм што ја слави женската независност во која било епоха.

6. „1917“




Моќно и силно достигнување на секое ниво. Режисерот Сем Мендез и директорот на фотографија Роџер Дикинс успеаја да снимат возбудлив филм за Првата светска војна во еден непрекинат кадар.

Интензивниот воен филм, за многумина најдобар во овој жанр уште од „Спасувањето на војникот Рајан“ на Спилберг, ќе ве натера да не мрднете од местото од самиот почеток до крајот.

7. „Зајакот Џоџо“




Комедија вплеткана во трагедија на новозеландскиот режисер Таика Ваитити ја раскажува приказната на 10-годишниот Џоџо, кој е дел од армијата на Хилтер, а дознава дека неговата мајка крие Еврејка во нивниот дом.

Ваитити верува дека патувањето на неговиот млад јунак кон емпатија ќе биде и наше патување.

8. „Несечени скапоцени камења“ (Uncut Gems)




Во овој возбудлив трилер на браќата Сафд, Адам Сендлер го ризикува животот обложувајќи се на сè или ништо.

Кога не глуми будали, Сендлер растура, смета „Ролинг стоун“.

9. „Збогување“ (The Farewell)




Емотивен филм на режисерската и сценаристка Лулу Венг за културолошките разлики, раскажува за младата њујорчанка од кинеско потекло која патува дома за да се збогува со својата баба, која е на смртна постела.

Но, кинескиот обичај налага дека на бабата која е болна од рак никако не смее да ѝ се каже дека умира, поради што семејството организира фиктивна свадба како причина за семејно собирање.

10. „Џокер“




Филм што ќе се проучува со децении, во кој Хоакин Феникс го глуми неуспешниот комичар Артур кој станува брутален одмаздник.

Феникс и режисерот Тод Филипс со филмот стигнуваат до сржта на контроверзноста за насилството, наведува магазинот, истакнувајќи дека „Џокер“ црпи инспирација од филмовите на Скорезе - „Таксист“ и „Кралот на комедијата“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура